Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Европа против (задолжително) вакцинирање

Phototraveller/Depositphotos.com

Европа против (задолжително) вакцинирање

Во среде лето, кое годинава е налудничаво, какво што одамна не било – некаде со долготрајни поројни дождови што предизвикуваат катастрофални поплави кои уништуваат цели региони, некаде со пеколни горештини – Европа продолжува да се бори со глобалната пандемија со коронавирусот. И со отпорот кон вакцинирањето.

Корона кризата, засега, сепак, не е како минатото лето.

Тогаш, пред сезоната на летните одмори, ЕУ и другите европски држави, се определија за релаксација на епидемиолошките мерки.

Целта беше да им овозможат на луѓето да излезат од карантинот во кој некои останаа со месеци и да се потсетат – како изгледаше нормалното живеење – што смртоносниот вирус грубо го прекина, шест – седум месеци пред тоа. Но, и за да и се помогне на туристичката индустрија и на целиот транспорт, како и на малиот и големиот бизнис кој трпеше огромни загуби, поради пандемијата, предизвикувајќи и социјални проблеми.

„Останете дома“

Луѓето веднаш се „растрчаа“ по одморалиштата на југот од Европа, но и на подалечните дестинации, до таму до каде летаа авионите, но според епидемиолозите – сите погрешија. Грешката беше што воопшто се дозволи патувања до одморалиштата и до морските плажи, иако (наводно) со почитување на „ригорозни“ заштитни мерки и бројни ограничувања. Здравствените експерти, пак, прифаќаа вина што не беа потврди во спротивставувањето на одлуката да се олабави одбраната од вирусот. Во услови кога сите ги очекуваа вакцините.

Едноставно, уште во текот на летото, дојде до ново забрзување на заразата, која во есента 2020 и до пред крајот на годината се претвори во нова експлозија на пандемијата.

Уште на почетокот од есента се покажа дека беа во право оние кои заговараа да нема туристички патувања и летување во странство. Требаше да се послуша сугестијата – секој да остане дома и да летува во сопствената земја – на море, каде го има, или на планините и езерата.

Пред почетокот на годинешнава летна сезона одново, се заговараше да не се дозволи преголемо рашетување, надвор од сопствените државни граници, иако овој пат, тоа се правеше многу потивко од лани – поради вакцините и вакцинацијата, што во меѓувреме се појавија.

Освојување на слободата

Некои европски земји, а пред се Британија која на целиот ваков процес му даде и политичко – пропагандна димензија, секојдневно вршеа кампања (во сопствениот простор) за укинување на сите мерки за ограничување и за враќање во “нормалата“ – односно за она што во Лондон се нарекува – живеење со короната, фалејќи со високиот процент вакцинирани (многу повеќе со една доза).

Тоа брзо наиде на поддршка и во јавноста на другите земји, главно кај младите, кои одбиваа да се вакцинираат, а особено кај анти – ваксерите кои во ова видоа можност да ја засилат својата кампања – дека и без вакцините може да се остане здрав и жив.

И се почна со олабавување на мерките кои од порано ги имаат наложено епидемиолозите.

Оние кои заговараа „освојување на слободата“ тоа го оправдуваа со спроведената вакцинација што беше извршена низ европскиот континент, дополнето со разните потврди, ковид пасоши и уверенија за тестираност или прележан Ковид, што секоја земја ги наложи за странките гости – некоја повеќе, а некоја помалку.

Па, така се одржа европско фудбалско првенство и тоа дури во десет градови на Стариот континент – некаде без гледачи, но во Будимпешта, во Букурешт и Санкт Петерсбург со публика. Најмногу во унгарскиот главен град и во Лондон, на завршниот турнир.

Повторување на летото 2020?

Не може да се обвинува само фудбалот, но уште во текот на првенството, короната одново почна да се засилува, со неколкуте нови, мутирани соеви од вирусот, при што се покажа дека оној, индискиот сој, сега означен како Делта вирус, стана најраширен. Ги нападна, пред се, младите и од него, во далеку најголем број, се инфицираа невакцинираните.

Уште еднаш, како и минатото лете, среде одморите, во голем број европски земји (најмногу во Британија/Англија) и секаде каде Англичаните одат традиционално на одмор, се засили бројот на новоинфицираните.

Британија предводи со бројот на заразените, а Русија со бројот на жртвите од короната и од последиците од вирусот, додека Португалија мораше да го врати полицискиот час среде лето, во двата најголеми градови – во Лисабон и во Порто. Италија и Грција бележат нов раст на заразените, како и Франција, Холандија, Германија и Турција, каде инаку има многу европски туристи и летувачи од земјите на Западен Балкан.

Целиот овој регион е на работ да се приклучи на земјите каде има кризни жаришта (како некои грчки острови, со Атина и полуостровот Халкидики, каде има многу македонски и српски туристи). Македонските и српските епидемиолози, на пример, предупредуваат дека на есен, одново би можело да се повтори минатогодишната есенска корона криза. Особено што и во двете земји се уште има отпор кај младите за вакцинирање, а анти – ваксерите го користат интернетот за ширење на нивната лажна пропаганда.

Нема луѓе за имунизација

Така мислат и епидемиолозите во земјите од ЕУ, посебно во најголемите, како и во Британија и покрај извојуваната “победа“ над вирусот што ја прогласи тамошниот популистички премиер, па низ европскиот континент, повторно се активира кампањата за засилена вакцинација, овој пат, врз младите.

Некаде се инсистира таа да стане и задолжителна – посебно за некои професии во здравството, образованието и во прехраната, како и кај вработените кои работат со децата.

Така се размислува во повеќе европски држави, меѓутоа, наместо поддршка, здравствените власти и политичарите кои ја заговараат оваа опција – наидоа на силен отпор, што предизвика општествена криза, која ја создаваат анти – ваксерите и разните самонаречени заштитници на човековите права. Тие на улиците, со демонстрации, што некаде се и насилни, се борат против воведувањето задолжително вакцинирање.

Целата оваа (нова) ситуација, затоа, станува апсурдна. На почетокот од годината, поради политикантски, националистички и комерцијални игри, се јави недостиг од вакцини, па беше прилично забавена имунизацијата на населението во земјите од ЕУ и надвор од неа, а тоа предизвика десничарите да провоцираат политички потреси во некои средини. Сега, кога состојбата е средена, а Европа има доволно вакцини – има нов проблем – недостиг од луѓе кои се спремни да се вакцинираат.

Како до колективен имунитет

Таа спремност за примање на било која од вакцините постојано се намалува, додека во исто време, од Австралија и Јапонија, преку Индонезија и Израел, Европа, па се до Америка, полека, но сигурно се зголемува бројот на новозаразените.

За да се покрене процесот, некои влади во ЕУ се решија да преземат дополнителни мерки, за мотивирање на луѓето да примаат вакцина. Грција, на пример, од почетокот најавува задолжителна вакцинација за некои професии и вработени, како и ваучери со пари за младите.

Тоа веднаш ги покрена демонстрациите и насилното спротивставување на вакцинирањето.

Во услови кога во Европа расте бројот на новозаразение, мерено на седум денови, на 100 илјади население, одново е отворена дебатата за тоа што сега да се прави. Дали да се засилат одбранбените мерки, како носење маски и ограничување на собирањата на јавни места, да се издвојуваат оние вакцинираните, од невакцинираните – со документи и потврди, или без нив – или, пак, да се гради колективен имунитет, со ЗАДОЛЖИТЕЛНО ВАКЦИНИРАЊЕ.

„Зелен пасош“ на ЕУ

Во Германија, на пример, владата во Берлин се уште тактизира и не се определува за некоја од овие варијанти. Во другите земји, како што е Франција, меѓутоа, е определено веќе од септември да се започне со задолжителното вакцинирање за определени професии. Станува збор за вработени во здравството и оние кои негуваат други лица, како и оние во службите за безбедност.

Сите тие од почетокот на есента ќе треба да покажат сертификат дека се вакцинирани, доколку сакаат да останат на своите работни места. Оние кои тоа нема да го направат – ризикуваат да останат без работа, или да не примаат плата.

Околу 200 илјади лица излегоа на протести низ земјата, поради ваквиот „суров“ закон. за нив, станува збор за кршење на правото на луѓето на самоопределување. Се протестира и поради тоа да стане задолжителен сертификатот на ЕУ за влез во музеи, трговски центри, ресторани и барови, но и за патување со воз на меѓуградски линии. Тој сертификат („Зелен пасош“) покажува дали носителот на документот е вакциниран, оздравен, или е само со негативен тест.

Влез за вакцинираните

Француската опозиција, посебно крајната десница, се инаетеше во врска со законот, но сепак, на крајот попушти, па законот беше донесен со уверливо мнозинство, со гласовите и на добар дел од десничарските пратеници. Веројатно откако анкетите покажаа дека француската јавност подржува еден ваков закон и уште сугерира проширување на обврските кога станува збор за „Зелениот пасош“.

Во Европа велат дека во Франција се одлучува битката за тоа како да се води битката против короната, за да не се повтори минатогодишната есен. Силни протести, на неколку пати и во центарот на Атина, затоа што задолжителното вакцинирање постојаниот се пораширува со нови професии, уште за угостителите и со казна од 200 илјади евра.

А, така е и во Италија, иако владата во Рим, барем засега, не планира задолжително вакцинирање. Таму „слободарските луѓе“ се гневни што од 6 август е наложено дека нема да се дозволува влез во затворени, јавни простории – сите по ред – ако не се поседува „Зелениот пасош“ на ЕУ. Или што ќе рече – влез во јавните локали и простории ќе има само за вакцинираните.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе