Грција префрла полицајци на островите
Владата на Грција одлучи итно да префрли дополнителни полициски сили на островите во Егејско Море, во екот на новото разбуктување на Делта сојот на коронавирусот, за борба со пандемијата.
Првично, екстра полицајци (по 186 чувари на редот) се префрлаат на островите Миконос и на Иос, откако владата во Атина утврди дека локалните власти и посебно, локалните бизнисмени, воопшто не се придржувале на пропишаните мерки во јавните објекти за заштита од пандемијата, предвидени за ова лето.
Таквиот однос, според грчкиот министер за туризам Харис Теохарис, има предизвикано Грција – среде лето и среде туристичка сезона – да се соочува со ЧЕТВРТИОТ БРАН на короната, што владата и здравствените власти го очекуваа во ноември.
Островите во „црвена зона“
Новата состојба – како што има речено за медиумите Теохарис – ќе значи дополнителни ограничувања за работата на баровите и ноќните клубови, во кои секоја вечер има ноќни журки и каде, како што изгледа, имало целосно непочитување на владините епидемиолошки мерки, за разлика од состојбата во хотелите и објектите за т.н. семеен туризам.
Решението на владата во Атина доаѓа по соопштението на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ЕЦДЦ), издадено во четвртокот, на 29 јули, со кое грчките острови во јужниот дел на Егејско Море се означени со црвена боја на картата на овој Центар, откако на нив е регистриран забрзан раст на новозаразени лица. Тоа значи, дека без разлика дали станува збор за вакцинирани, или за невакцинирани – препорака е – да не се патува на островите, освен во исклучително неопходни ситуации.
Во групата на „опасни“ острови има 13 локации, а во тој список се сите најпопуларни и најчесто посетувани острови – Миконос, Санторини и Родос, кои заедно, секое лето, привлекуваат милиони посетители и туристи од цела Европа и од светот.
Загрозени најпопуларните дестинации
Заменик грчки министер за внатрешни работи Никос Хардатиас изјави дека Миконос и Иос “се на чекор до воведување локдаун и каранти“, признавајќи дека ситуацијата не е подобра и на Закинтос, Тинос, Лефкада, Санторини, Парос и Родос.
Ваквиот развој на ситуацијата ги загрижува грлските власти, затоа што туризмот за Грција има првостепено економско значење. Дури 30 отсто од Бруто националниот производ (БНП) оваа земја го добива од целиот туристички сектор. Грција оваа година ги промовираше – пред се – егејските и јонските острови за странците како дестинации за одмор и летување – затоа што се безбедни од вирусот, бидејќи останаа „затворени“ во текот на најсилниот бран од пандемијата.
Ова лето се настојува да се популаризира ревитализираниот Миконос, што треба да привлече (како едно време) бројни туристи, по целосното фијаско на туризмот во текот на минатото лето, што сега се означува како најлошо во цела низа децении на грчкиот туризам.
Неизвесна сезона
Во текот на 2019 година, Грција ја имаат посетено 33 милиони туристи и гости. Но во 2020, бројот на посетителите се сведе само на една четвртина од таа (рекордна) бројка. Ова лето, веќе на самиот почеток беше регистриран раст од 400 отсто, спореден на ниво – јуни претходната и истиот месец оваа година.
Јунскиот раст предизвика надеж дека ова лето, со помош на европските гости и оние од најблиското соседство, ќе се помогне за економското опоравување на Грција, од последиците на коронавирусот – овојпат, погодена од доминантниот индиски сој (Делта вирус).
По настаната криза (исто како и лани – среде туристичката сезона) во Атина велат дека никој не знае како понатаму ќе се развиваат работите и дали земјата одново ќе се соочи со она што се случи минатото лето – гостите масовно да „бегаат“ од грчките туристички центри.
Кој е виновен за новиот бран
Туристите, а пред се младите, доаѓаат за провод и за забава, а токму островите во Егејот и на Јонско Море, се магнет за нив, затоа што се познати по богатиот и бурен ноќен живот. Родос, а ова лето и Миконос се сврталиште и популарни дестинации за младите Европејци, а посебно за младите од Британија.
Натамошното ограничување за баровите и ноќните клубови ќе значи ризик за заминување на сегашните и за недоаѓање на очекуваните гости – кои ќе останат без забавите на какви се навикнати од минатите летувања на грчките острови.
А, тоа одново ја покрена и расправата од минатото лето – кој е виновен за четвртиот бран – домаќините кои и натаму се противат да се вакцинираат, или пак гостите од европските земји, кои сите (официјално) се влезени вакцинирани и со некакви потврди дека се „безбедни“ според епидемиолошките стандарди.