Синот на британската кралица – на суд
Гувернерот на сојузната американска држава Њујорк, мораше да поднесе оставка, откако истрагата покажа дека тој навистина сексуално вознемирувал 11 жени, некои од нив вработени во државната администрација. Една од нив се појави и на интервју на телевизија, објаснувајќи дека гувернерот Куомо “често пати ја допирал и ја прегрнувал“.
Истиот ден, кога овој гувернер со италијански корени се повлече од функцијата, под притисокот на јавноста, против британскиот принц Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета и брат на престолонаследникот Чарлс, американски адвокати поднесоа тужба во граѓанска постапка пред еден њујоршки суд, во која тој се обвинува за „секс со малолетничка и за силување„.
„Островот за оргии“
Станува збор за обвинувањата на Вирџинија Џафри која веќе две години тврди дека британскиот принц, бил дел од случајот „Островот за оргии“ на блискиот пријател на Ендрју, американскиот милијардер Џефри Епстајн кој, во меѓувреме, во август 2019 година се самоуби во њујоршкиот затвор под мистериозни околности, откако беше (одново) уапсен за педофилија и за организирање шверц на девојки и млади жени за пружање сексуални услуги.
Џафри која сега е во доцните триесетти години, тврди дека како 17 годишна (според американските закони малолетничка) била доведена во Велика Британија, каде прво се запознала, а потоа и била приморана да има секс со синот на британската кралица – кој ја носи титулата војвода од Јорк. Тогаш позната како Вирџинија Робертс уште обвинува дека била „злоставувана “, како и дека тоа се повторило и во Њујорк, како и во вилата на Епстајн на американските Девствени острови.
Во Лондон, „силувањето и изживувањето врз неа“ се случило во станот на Британката Гислејн Максвел, поранешна девојка на Епстајн која сега е уапсена во САД и чека судење за соработка со починатиот милијардер во организирањето „шверц на луѓе (млади девојки) за секс“, како и во нивното подведување на богати, возрасни и познати мажи.
„Епстајн – големата грешка“
Таа го обвинува Ендрју и за педофилија и за разни облици на фетишизам кои (наводно) британскиот принц ги користел за време на односот со неа, но над се за тоа дека „знаел за нејзината возраст и знаел дека постои таков синџир од девојки кои треба да им даваат сексуални услуги на постари мажи“. Во сведочењето и во тужбата таа открива дека „сето тоа траело кратко, дека принцот на заминување и се заблагодарил, но дека Џафри се чувствувала осрамотена и извалкана“.
Војводата од Јорк кој и во тоа време, пред дваесетина години беше разведен од сопругата Сара Фергусон, сите вакви обвинувања, сега изнесени и во детали во американските медиуми, категорично ги отфрла како целосно измислени.
Во своето последно интервју за Би – Би – Си Ендрју призна дека се познавал со уапсената и обвинета Гислејн Максвел и дека токму таа го има запознато со Епстајн. Според принцот, тоа познанство со контроверзниот Американец била “неговата голема грешка“, а посебно тоа што тие двајцата се „уловени“ како се шетаат низ њујоршкиот Централ Парк, во 2010 година, по ослободувањето од затвор на Епстајн, откако беше осуден за подведување и педофилија.
Категорични деманти на Ендрју
Ендрју, меѓутоа, е категоричен дека „нема никаква врска со оргиите и со сексот со малолетнички“. Тој уверува и дека фотографијата на која тогаш помладиот Ендрју е снимен како стои покрај насмеаната малолетна Вирџинија, во стан во Лондон, е „наместена и обична фото – монтажа“. А дека од далеку направената снимка од прошетката во паркот, всушност, е детал од нивната последна средба, кога принцот му зборувал на Епстајн дека „после се што се случува с0 него, неприкладно е за него да го гледаат како се среќава со човек штотуку ослободен од затвор“.
Епстајн, пак, првично беше уапсен по пријава на една малолетничка и на нејзините родители дека „била приморана да пружа еротска масажа“ и дека за тоа добила пари. Потоа се јавиле и други девојки кои зборувале за секси – журки во вилата на Епстајн во Флорида, па полициската истрага откри постоење на т.н. пирамидална шема во која биле вклучени 4о малолетнички.
Случајот завршил така што била направена спогодба на обвинителството и адвокатите, за постоење на недозволена проституција, што значи дека користењето на малолетничките било изедначено како да се возрасни жени.
Наместо висока затворска казна, Епстајн тогаш бил осуден на 18 месеци затвор, каде останал една година и еден месец, по што бил ослободен. Од затворот му било дозволено и да излегува и да оди да работи во својата канцеларија во Њујорк. Важно било да се врати во затворот – за преспивање.
Исклучен од кралските обврски
Сега, после формалното обвинување, иако станува збор за приватна тужба, позицијата на принцот Ендрју темелно се менува. Според британски правни експерти тој не мора да се јави во судот во Њујорк, а не мора ниту да сведочи и да се изјаснува за сите обвинувања. Но, сосема е јасно дека неговиот углед, како високо позициониран претставник на британското кралско семејство, практично, е целосно руиниран.
Според лондонските медиуми Ендрју продолжува да се брани со молчење и велат дека по појавувањето на тужбата во Њујорк, заминал во кралскиот дворец Белморал во Шкотска, каде веќе се наоѓа на одмор неговата мајка, кралицата Елизабета.
Секако дека таму не може да бара и да добие простување, дури и да се докаже дека ништо нема сторено.
Веќе две години е исклучен од сите кралски задолженија и целосно повлечен од јавноста. Се појави само на погребот на неговиот татко, војводата од Единбург, а беше тргнат од сите фотоси, наменети за јавноста, од свадбата на едната од неговите две ќерки.
Нагодба и отштета
Американскиот адвокат на Вирџинија Џафри, пак, бара судска нагодба.
Или, како што пишуваат медиумите, бара „сатисфакција“ за неговата клиентка и „отштета за претрпениот психолошки стрес“ што таа го имала и пред дваесетина години, а што се тврди дека се уште го носи со себе.
Адвокатот во меѓувреме, во интервју за британскиот тв Канал 4 – се лути што правните застапници на принцот одбиваат било каква комуникација со него и со неговата канцеларија за случајот. Сето тоа, правно гледано е разбирливо, затоа што во спротивно, би значело признавање на делото што Ендрју го отфрла.
„Немало секс со таа дама (Вирџинија), немало никакви оргии на кои учествувал и немало никакво сексуално насилство“ – инсистира и понатаму британскиот принц, уверувајќи дека во времето, за кое се тврди дека се случил сексот, тој бил на прошетка со својата ќерка.
Останува судот во Њујорк да се определи кому ќе му верува – на принцот од Британија, засега единствениот чиј идентитет се открива од списокот на „богати старци“ кои плаќале за секс со малолетнички, или на тужителката Џафри, која останува на своите обвинувања – дека била присилена на секс со Ендрју кој знаел дека е малолетна.
(Д.Л.)