„Вакцинирајте ми ги барем децата”!
Американка анти-ваксерка, која упорно одбивала да се вакцинира, почина пред неколку денови во болница, заразена од коронавирусот. Непосредно пред да почине, таа го сменила своето мислење за вирусот, за вакцините и за вакцинирањето и како последна желба – пред смртта – побарала од лекарите да не дозволат да се заразат и нејзините деца.
Лидија Родригез (42), учителка за свирење клавир во малиот град Ламарк, во американската сојузна држава Тексас, им рекла на лекарите кои ја лекувале – “Вакцинирајте ги барем моите деца“.
Ваквата реакција на (задоцнето) очајната мајка доаѓа откако, две недели пред таа да почине, исто така заболен од Ковид-19, починал и нејзиниот сопруг Лоренс (49).
Семејна трагедија
Оставени без своите родители, четирите деца на семејството Родригез сега чекаат да бидат згрижени, но и да бидат спасени, за да не ја доживеат судбината на таткото и на мајката кои се спротивставувале на вакцинирањето.
Веста за семејната трагедија во Тексас ја има пренесено телевизиската компанија Еј-Би-Си, откако една блиска роднина на Лидија Родригез информирала што се случило. „Едноставно, тие двајцата не веруваа во вакцините. Кога мајката Родригез ги смени своето мислење, веќе тешко заболена, беше предоцна“ – има изјавено роднината.
Сестрата на починатата им изјавила на новинарите дека последните зборови што можеше да ја изговори, пред да почине, беше молбата нејзините деца да примат вакцина. Само рекла – „да се вакцинирав, сега ќе бев покрај моите деца“.
Десничарите против вакцинирање
Случајот од гратчето Ламарк доби широк публицитет во американската јавност затоа што брачната двојка Родригез е една од десетина милионите Американци кои немаат примено ниту една доза од вакцината против короната, во време додека Делта вирусот забрзано се шири низ САД.
Досега, со двете дози, се вакцинирани 59,6 отсто од Американците, затоа што американските здравствени и епидемиолошки власти се соочуваат со отпор за масовна имунизација од политичките конзервативци, републиканци и десничари, како оние кои се на власт во Тексас.
Случајот доаѓа во време кога федералните власти одобрија давање и трета доза за сите возрасни, која ќе почне да се дава пред крајот на септември.
„Дезинформациите убиваат“
Сестрата на починатата Родригез изјавила дека причина за отпорот кон вакцинирањето се „бројните дезинформации кои во овој случај се покажа дека ги убиваат луѓето“. Затоа таа се одлучила да каже каква трагедија го има снајдено семејството на нејзината сестра.
„Сега покренав силна кампања да ги уверам луѓето да не веруваат во сето она што го читаат, пред се, на интернет и да се вакцинираат“ – изјавила сестрата на починатата мајка, анти-ваксерка.
Во Тексас, една од најголемите сојузни држави, токму тврдиот конзервативизам и неверувањето во вакцините и вакцинацијата, се основната причина за брзото ширење на опасниот Делта вирус. Во оваа држава и бројот на починатите е повисок од американскиот просек. Најголем број од новозаразените и починатите се невакцинирани.