Нов сој корона од Јужна Африка
Истражувачите тимови и вирусолозите кои ги следат мутациите на коронавирусот, што постојано се множат, сметаат дека најновата варијанта може да биде загрижувачка. Таа е означена како Ц.1,2 а за овој сој се вели дека ги носи со себе карактеристиките на сите други видови – вклучувајќи ги и Алфа, Бета и Гама.
Овој сој на короната, за прв пат е идентификуван во Јужноафриканската Република, во мај годинава и за него досега се знае дека се раширува и се пренесува уште побрзо од сега најприсутниот Делта вирус (индискиот сој) кој е доминантен во околу 180 земји во светот, погодени со пандемијата.
Екипа од јужноафрикански вирусолози кои го испитуваат новиот сој, изјавиле дека тој се разликува од кинескиот, од Вухан. За овој јужноафрикански вид уште се вели дека има стапка од 41,8 мутации годишно, како и дека води потекло од вирусот Ц.1.
Она што сега се истражува тоа е во која мерка антителата може да го неутрализираат, односно да го спречат раширување меѓу луѓето на овој вид коронавирус.
Надвор од Јужна Африка, прв пат е регистриран во Англија, која како да се претвори во некаква стаклена бавча за одгледување и развивање мутирани вируси. Од англиската територија кон Европа тргнаа сите досега познати вируси, освен првиот – кинескиот од Вухан. Освен на англиска почва, овој најнов сој на корона е забележан и во Швајцарија и Португалија, во ДР Конго и во Маврициус, но и во Нов Зеланд и Кина.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека, барем засега, овој сој нема да биде посебно означен, како што е случај со другите. Експертите на СЗО сметаат дека е премногу рано новиот јужноафрикански сој да биде класифициран како посебен вид коронавирус.