Бледски разговори
Во Блед се одржа 16 – ти по ред безбедносен форум, овој пат посветен на иднината на ЕУ и проширувањето со земјите од Западен Балкан. На него имаше и бројни билатерални средби на учесниците на форумот, па во таа прилика се сретнаа и македонскиот премиер и бугарскиот претседател кој во отсуство на вистинска влада и премиер, е човекот за врски на Бугарија со меѓународната заедница.
Темата на овие нивни бледски разговори треба да се претпостави дека била болката на македонската страна, а тоа е интегрирањето на Република Северна Македонија во ЕУ, што сега е оневозможено од Република Бугарија. Од засега, не до крај прецизно разјаснети причини – Софија направи пресврт во својата политика кон Македонија и кон Западен Балкан, па од силен промотор на нивното интегрирање во Европа, стана единствениот кочничар меѓу сите земји на ЕУ.
Уценување на Скопје
Го блокираше македонското патување кон Брисел – уценувајќи го Скопје со некакви неразбирливи за 21 век и за нова Европа, “идентитетски прашања “, затскриени зад различните толкувања на историјата. Но, го блокираше и патот на Република Албанија, која е во пакетот за Брисел со Македонја, а го запре и процесот за проширување на Унијата кон југо – истокот, кон Западен Балкан, во моментите кога во ЕУ, конечно, се изгради консензус меѓу земјите – членки околу враќањето на агендата за проширување.
Му се допаѓало тоа некому, или не, таквиот консензус го истуркаа токму македонскиот и (поранешниот) грчки премиер, со потпишувањето на договорот од Преспа, што се покажа дека не го одобрува Софија, иако договорот се потпиша во времето кога токму Бугарија претседаваше со ЕУ, а тогашниот бугарски премиер (барем јавно) силно лобираше за договор на Скопје и Атина.
Открија дека преспанскиот документ е контра старо – новите амбиции на бугарската страна и на тамошниот национализам, за тоа дека македонската територија е историски дел од „целокупна Бугарија“ – за кој бугарската војска – во три војни во 20 век војувала – застанувајќи на погрешната страна од историјата. Па, одлучија да го блокираат македонскиот пат кон ЕУ и Европа, се додека Скопје не прифати дека ние сме народ со, наводни „бугарски корени“, а дека таков ни бил и јазикот, ама ние тоа не сме го знаеле!?
Чекајќи влада во Софија
Нема некои поголеми сознанија за средбата Зоран Заев – Румен Радев, освен она дека бугарскиот претседател, кој менаџира со длабоката бугарска политичка криза, верува дека „постојат шанси“ да се обезбеди консензус за коалициона влада во Софија. Во такви услови, до пред крајот на годината, таа би можела да стави крај на ситуацијата во која се најде Софија со блокадите, а при тоа да не излезе поразена.
Радев беше дел од Форумот во Блед каде, во однос на Скопје, продолжил со старите обвинувања кон Македонија – кои максимално поедноставени – значат дека „не сме ги сакале Бугарити“, дека сме ширеле омраза кон нив, како и дека новокомпонираните Бугари во Македонија биле „онеправдани“.
И, сето тоа ставено во рамките на основната тема на бледските разговори на (дел) од ЕУ со лидерите на земјите од Западен Балкан, што е спротивно на интенциите на словенечките домаќини, на веќе оштетената европска агенда за проширување, како и на целата дискусија водена на Форумот – дека Унијата има потреба од овој регион, колку што и тој има потреба од неа.
Во крајна смисла – за да не се случи да се оствари стратегијата на рускиот дипломат од 19 век, грофот Игнатиеф, за руска доминација на Балканот, преку креирањето на „Сансефанска Бугарија“.
Реафирмирани позиции
Само Унгарецот Виктор Орбан, велат, може да се нареди блиску до расправата на бугарскиот претседател, кога побарал само Србија, пред сите другите од Западен Балкан, да влезе во ЕУ. Не се знае колкав удел во ваквата заложба на унгарскиот премиер има неговиот советник – вмровец, осуденик за криминал и бегалец кој сега се крие во Будимпешта.
Или, можеби, тоа е начин војводинските Унгарци кои сите имаат и унгарски пасоши, преку српското членство во ЕУ ќе станат дел од она што Орбан го смета за „вистинската и природна“ унгарска територија, во која ја има ставено и цела Војводина.
Како и да е, разговорите на бледскиот Форум ги реафирмираа позициите и на ЕУ и на земјите од регионот.
Тоа не беше Самит ЕУ/Западен Балкан како што тоа го заговара словенечката страна, како претседавач на Унијата, но на Блед за прв пат на дискусија за иднината на ЕУ учествуваа и земјите кандидати и претенденти за влез во ЕУ.
Сега е јасно дека проширувањето е оназа што се врзува иднината на Унијата. Односно, дека ЕУ не може да остане само на релацијата Запад – Исток, при што југоистокот ќе се третира како некакво страно тело, затоа што Европа ќе биде обединета и една цела – само кога во неа ќе се најде и овој регион.
Цртање карти и нови граници
Полскиот премиер Матеуш Мазовјецки, затоа, инсистира на брзо завршување на процесот за проширување, озачувајќи го тоа како важно стратешко прашање за Унијата, пред Западен Балкан да го „интегрираат“ други – како што се Русија и Кина, но и Турција.
Словенечкиот претседател Борут Пахор, пак, предупредува дека секое натамошно одлагање на проширувањето, може да има несакани последици – и за двете страни. За него, проширувањето е геоплитичка работа и таков е интересот и на двете страни, но тој смета дека и одговорноста за проширувањето треба да биде исто така подеднаква – како за ЕУ така и за Западен Балкан.
Факт е дека развлекувањето на Европа со процесот за вклучување и на овој регион во европското семејство, веќе носи ладење на ентузијазмот на западнитебалканци за евроинтеграциите. А, тоа иако може да биде изговор на земјите кандидати, води кон одлагање на (потребните) реформи, на европеизацијата на регионот, на раст на национализмот, на барање други партнери и опции, на зголемување на меѓусебната недоверба.
Од сето тоа, се раѓаат (0дново) опасните иден за менување на границите, за креирање национални, етнички чисти држави, а тоа на Балканот се прави само низ војна. Тоа е она што непријателите на Европа/ЕУ можеби и го посакуваат, па изминативе месеци се појавија разни нон – пејпери за некакво, конечно, решавање на постјугословенската криза, со цртање карти за „големи држави”на Србија, на Хрватска, па на Албанија, со бришење на БиХ и со земање делови од териториите на Македонија и Црна Гора.
Создавање проблеми и кризи
Веднаш по ваквите „папири“ се развија типичните балкански кавги за тоа кој е повеќе виновен, или кој е помалку одговорен за тоа што и 30 годни по распадот на екс Југославија, се уште има омраза, се уште се величаат воени злосторнци, се уште се слават поразите на другиот и сето тоа се става во наводниот „патриотизам“ и во националните интерес.
Тоа го прави српско – хрватскиот простор на поранешната заедничка држава постојано тензично подрачје – а, тоа и такво, никој во Европа не го сака.
Во Блед западнобалканците не разговараа за проблемите што ги создаваат, откако се растури фередацијата, за да секој биде на своето. И покрај тоа, и понатаму се создаваат тензични ситуации, па мешајќи ги глобалните карти, самите придонесуваат за блокадите на патот кон Европа. Ако некои од нив, навистина, искрено, го посакуваат тоа патување.
Изборот на еден српски митрополит во Црна Гора се претвора во прашање – да се биде, или не. Белград заговара некаков свој “српски свет“ на екс ЈУ просторот, српскиот претседател и хрватскиот премиер ќе бидат на Форумот на Блед, но нема да разговараат, лидерот на српската етничка заедница во БиХ ќе заговара мирен распад на оваа земја, додека Загреб ќе прави непринципиелна коалиција против намерата од БиХ да се направи функционална држава.
Еди Рама до Радев
Тоа во ЕУ го гледаат и го слушаат уште од времето пред ЕЕЗ да стане Европска унија, посебно нејзиниот западен дел кој е многу покритичен. Не е тоа изговор за нивниот лабав и на моменти игнорантски однос кон Западен Балкан од некои „западњаци“, но сликата што регионот ја гради, од надвор изгледа страшно. Кога на тоа уште ќе се додаде и деструкцијата на албанската десница кон проевропската левица, или на македонските националисти, собрани кај вмровците кои дејствуваат антизападно и антиевропски, сликата се комплетира.
Таквата ситуација која регионот ја создава, во секој случај им оди од рака на Москва, на Пекинг, а и на турските интереси.
Тоа, сепак, не и дава право на Софија да продава во Брисел наводно европејство, а на Балканот да се однесува како во времето на поделена Европа, кога беше целосно во функција на советските (руски) интереси. И, да го блокира процесот на проширување кој треба да започне.
Во право е, затоа, албанскиот премиер Еди Рама кој на Румен Радев, во Блед, во лице ќе му рече – “Не бараме да бидеме Европејци, затоа што сме Европејци. Се наоѓаме како вас во Европа. Затоа, ослободите не од блокадата. Барем да почнеме да преговараме. А, потоа, блокирајте не“.
(С.С.Г.)