9/11 – дваесет години подоцна
Американците никогаш нема да го заборават датумот 9/11/о1 – деветти септември 2001 година – денот кога САД беа нападнати на својата територија. Како што не го забораваат ниту 7 декември 1941, кога беше извршен нападот врз Перл Харбур, на Хаваите.
Тогаш беа нападнати од јапонската империјална армада, без никаков повод, започнувајќи војна со Америка, што беше повод за влез на САД во Втората светска војна. Безмалку 60 години подоцна, во септември 2001, исто така, без никаков повод, беа нападнати во една дотогаш невидена и никаде претходно неизведена терористичка операција, врз Њујорк и Вашингтон, што требаше да биде почеток на “светата војна“ – џихадот – против Америка и Западот.
И во првиот напад (од Јапонците) и во вториот, од исламските милитанти – џихадисти, самоубијци, загинаа по три илјади лица.
Во нападот од 1941, жртвите беа морнари, војници и воен персонал од американската база на Хавајските острови. Во терористичкиот напад од 9/11, меѓутоа, беа убиени невини цивили – луѓе кои во раните утрински часови штотуку беа дојдени, или доаѓаа на работа – во двете кули – близначки на Светскиот трговски центар, на Менхетен, во Њујорк и во вашингтонскиот Пентагон.
Шок за Америка и светот
И Американците и светот, и после 20 години се уште се сеќаваат како во шок, не верувајќи во она што се случува, додека гледаа како патнички авиони, полни со патници, удираат во едната, па во другата стокатница, кои од силината на ударите и од моќната експлозија на разлеаниот авионски бензин, после извесно време се урнаа како да се кули од карти.
Во 08,46 часот, претходно киднапираниот „Боинг 767“ на Американ Ерлајнс, удри во северната кула. Седумнаесет минути подоцна, втор киднапиран авион, овој пат на Јунајтед Ерлајнс се „забоде“ во јужната кула.
Додека американската јавност, но и властите, се уште не можеа да се освестат од она што се случува, 34 минути подоцна, беа сведоци на уште еден напад, кога друг „Боинг“ на Американ Ерлајнс, во камиказе – стил, се урна врз едно крило на зградата на Пентагон.
Планот на терористите беше грабнатиот авион на летот број 93, на Јунајтед Ерлајнс да се урне и врз зградата на Конгресот на САД, на Капитол. Но, тоа беше спречено од патниците и од членови на екипажот кои ги совладале терористите, но не успеаја да спречат леталото да се урне во полињата кај Шанксвил, во сојузната држава Пенсилванија и сите таму да загинат.
Право на контра – удар
Америка беше нападната и земјата имаше право да возврати и да се брани од тероризмот.
Терористичката организација Ал Каеда (извлечена од поранешните Муслиманска браќа, кои неколку години пред тоа, во терористички напад во Луксор, во Египет, убија повеќе десетици европски туристи) ја презеде одговорноста за напади во Њујорк и во Вашингтон. Нивниот водач, Осама бин Ладен, пак објави дека неговата крволочна дружина започнала војна со западната цивилизација.
А, САД на тоа одговорија покренувајќи војна против тероризмот.
На 7 октомври 2001, американските сили почнаа со бомбардирање на планинскиот масив Тора – Бора во Авганистан, каде се криеја и се обучуваа терористите на Ал Каеда и каде се веруваше дека престојува и Бин Ладен.
Со тоа започна воената интервенција и војната во Авганистан, чија талибанска власт, што се создаде од отпорот кон советската воена интервенција, во осумдесеттите години на 20 век, дозволи територијата на оваа некогаш мирна земја, да стане полигон на џихадистите на Ал Каеда, за изведување терористички акции низ светот.
Војна со тероризмот
Војната започна во мандатот на претседателот Џорџ Буш, а продолжи и во годините на Барак Обама, иако тој размислуваше да ги повлече Американците. Војната продолжи и со Доналд Трамп кој преговараше со талибанците, па верувајќи дека ќе освои уште еден претседателски мандат, најави дека војниците на САД ќе се повлечат до 1 мај 2021 година.
Се повлекоа од таму со одлука на сегашниот претседател Џо Бајден, на крајот на август годинава, две недели пред 20 годишнината од терористичките напади од 2001. Бајден одлучи дека веќе е доста војување во Авганистан и дека војниците на САД нема потреба и натаму да се борат и да гинат, кога тоа не сакаат да го прават Авганистанците, за да ја одбранат својата земја.
Заминувањето од најдолгата војна во историјата на САД сега се означува како контроверзно, набрзина испланирано и изведено решение. Излегува така дека Вашингтон греши што не сака да биде “светски полицаец“.
Станува збор за етикета што на САД им ја ставија нивните сегашни критичари, иеводејќи сметка дека во пресметката со глобалниот тероризам загинаа – 2300 американски војници во Авганистан и уште други 4500 во Ирак, кој две години подоцна беше опфатен со војната против теророт.
Крај на „најдолгата војна“
Во секој случај, таа и таква војна не ја започнаа САД.
Големи терористички напади, уште пред Авганистан и Ирак, беа изведени врз американските мисии во Африка (Најроби – Кенија и Танзанија), или уште пред тоа и во Либан, кога беа убиени над 240 американски војници, по што Роналд Реган, без многу да размислува и без никого да консултира, ги повлече Американците од либанската територија – онака како што сега Бајден ја заврши најдолгата војна.
Големо мнозинство Американци сметаат дека авганистанската војна веќе станува бесцелна, особено откако беше ликвидиран Бин Ладен, беше распарталена Ал Каеда, а Исламска држава (ИСИС) е во целосна дефанзива по ликвидацијата на нивниот водач Ал Багдади. Јавноста на САД, затоа, ја подржува одлуката на Бајден за заминување од Авганистан, иако му замера за начинот на кој тоа беше изведено.
Токму тоа, затоа, покрена силен бран од дебати – и за авганистанската војна и за американската политика и за тоа како реагираше Америка пред 20 години и дали одговорот на тогашната администрација требаше да биде таков каков што беше.
Завршување со едно време
Поголемиот број од експерти и аналитичари, сепак, се согласува дека администрацијата на Бајден се има определено да подвлече решителни потези со цел изминатите две децении да ги остави зад себе. Меѓудругото и со декласификација на цела низа документи што можат да помогнат да се расветлат настаните од 11 септември, но и да одржува една осмислена дистанца од (сегашните) талибанци кои одново ја презедоа власта во Кабул.
За аналитичарите на „Гласот на Америка“, она што сега се случува претставува „завршување со една ера, исто како што тоа на времето е направено по крајот на Втората светска војна“. Се смета дека сега е време за да се носат нови одлуки, како што претседателот Хари Труман тоа ги има направено по завршувањето на војната во 1945 година.
Оценка е дека 20 години подоцна од 2001, предизвикот на Америка (и на светот) е сосема поинаков.
Според Елизабет Шервуд – Рандал, заменичка на советникот за национална безбедност, од она што се случи на 9/11, САД научија како да ги заштитат Американците од тероризмот. Таа смета дека “безбедноста се уште не е целосна и дека страшни работи се случуваат и понатаму, но низ комбинацијата од акции во странство и дома, се успеа да се попречува и да се спречи нов напад, како оној од пред 20 години“.
„Опасната партиска поделба“
Некои републикански аналитичари се согласуваат дека неколкуте администрации во сите овие години успеале во она што го зборува и Рандал, меѓудругото и откривајќи го и ликвидирајќи го Осама бин Ладен. Но, тие сметаат дека се правени и грешки, како што се смета дека погреши Бајден што го фиксираше терминот за повлекување. За неговите критичари грешката е во тоа што САД тоа го направи без да знае дали и американскиот непријател, сака да подвлече линија под едно време.
Трети, пак, се на мислење дека она што ја прави Америка различна од пред две децении тоа е „прекршувањето што настана во земјата по партиска линија“.
Тоа е нешто што го покрена и го остави зад себе Трамп со своите политички потези кои најчесто беа и неразумни и штетни за американските интереси. Притоа, за споредба се потсетува на 1983 година, кога републиканецот Реган ги повлече американските војници од Либан.
„Тогаш, во тоа време, никој не повикуваше на оставка, ниту се бараше отповикување на шефот на државата“ – сметаат овие аналитичари, остро замерајќи им на републиканските политичари во Конгресот кои се нафрлија врз Бајден и врз одлуката САД да заминат од Авганистан.
Повикување на единство
За овие аналитичари тоа делење на Американците по партиска линија, но и создавањето такви поделби за некои други витални прашања за домашната политика е – како што велат – вознемирувачко сознание.
Според нив, тоа може, во иднина, да биде дури и погубно за една Америка, таква каква што е и како што е поставена во светот, во врска со некоја (безбедносна) закана, како што беше со терористичките напади, но и со било која друга.
Тоа го има во предвид и Џо Бајден, па затоа и го искористи обраќањето по повод дваесет годишнината од денот кога САД беа нападнати, за да повика на национално единство, истакнувајќи го тоа како најважното за борбата со сите предизвици.
Јавноста,како и да е, реагираше различно. Го подржа Бајден за ставањето крај на „вечната војна“ во Авганистан, но не и за како сето тоа се изведе. Тоа е причина за падот на неговиот рејтинг. Во овој момент, претседателот на САД ја има поддршката на 45 отсто од Американците – што е најниска откако е во Белата куќа.