Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Русија: Избори без опозиција

VLADJ55/Depositphotos.com

Русија: Избори без опозиција

Во Русија, на крајот од неделата, се одржуваат парламентарни избори на кои уште сега може да се прогласи победникот – тоа е партијата Единствена Русија, на претседателот Владимир Путин.

Единствената дилема е само колкав процент од гласовите партијата ќе освои, што ќе овозможи да се види колкава е сега поддршката на партијата, затоа што сите претходни испитувања на јавноста, покажуваат дека таа го губи рејтингот.

Путин и натаму е уверливо најпопуларниот руски политичар, но тоа не може да се рече и за неговата партија. Па, сепак, и покрај сознанието дека (практично) нема изборна трка, властите направија се што може, за да се обезбедат дополнително. Едноставно, забранија секакво политичко дејствување на секој што ќе се декларира и ќе сака да се пријави како независен кандидат, како и за сите оние кои се означени како опозиција и како симпатизери на опозицијата.

Дисквалификација на опозиционерите

Први на удар се сите оние од поблискиот и поширокиот круг соработници, или поддржувачи на најостриот – од февруари уапсен – критичар на Кремљ и на руската власт, Алексеј Навални. Сите се означени како припадници на “екстремистичка организација“.

За нив е забранета секаква политичка активност, што значи дека тие не можат ниту да се кандидираат како независни кандидати за руската федерална Дума (Долниот дом на Парламентот), како и за регионалните парламенти, за кои исто ќе се гласа на 19 септември, но и за градските совети на Москва и на Санкт Петербург.

Во една ваква ситуација, оваа опозициска сила, без ознаки дека се опозиција и без дозвола да дејствуваат како вистинска опозиција, како што е тоа во секоја демократска држава, настојува да се прегрупира и да се организира – за да во недела спроведат т.н. “паметно гласање“. Нивната цел е само да се елиминираат кандидатите на Единствена Русија.

„Паметно гласање“

Станува збор за гласање во која гласачите својот глас го даваат на било кој од кандидатите на некоја од безопасната алтернатива, кои глумат демократија и кои треба да им дадат легитимитет на изборите кои веќе однапред ниту се демократски, а ниту фер и чесни.

Како сега стојат работите, меѓутоа, ваквата „техника“ може донекаде да го намали бројот на путиновите пратеници, но алтернативата е, сепак, премала, а низа нивни кандидати не се ниту потврдени од властите, затоа што на сите им се прикачува „вината“ дека се блиски со Навални и со неговата (сега забранета) НВО за анти – корупција.

Пример за тоа е Љубов Собол, за која се вели дека му беше „десна рака“ на Навални. Таа мораше да ја повлече својата кандидатура за независен пратеник за Думата, откако набрзина беше донесен законот за „екстремистички организации“ во кои е ставена и Фондацијата на Навални. Законот инсистира дека членови на вакви организации не може да имаат јавни функции, а Собол беше адвокат на Фондацијата.

Иља Јашин, пак, беше присилен да ја повлече кандидатурата за член на московскиот градски совет, иако никогаш не бил дел од кругот на Навални, ниту на било кој начин работел за неговата Фондација за анти – корупција. Неговата „вина” е што тој ги има брането оние кои ги критикуваат власта и Кремљ.

Избори како куклен театар

Во таборот на „отфрлените“ и политички „неподобните“ за да бидат кандидати на претстојните избори, се најде и Комунистичката партија на Русија, откако на нејзиниот кандидат Павел Грудинин му беше забрането да се кандидира. Наводно, имал имот во странство, што тој го демантира.

КП на Русија, затоа повика на улични протести за кои се смета дека нема да се одржат. Проценка е дека комунистите се казнуваат за изборите, само за да има и други виновници, а не само оние поврзани со Навални.

Така, или не, во она што може да се нарече демократска јавност во земјата, постои силен гнев затоа што за претстојните избори, власта избира кој може и да се кандидира, од што произлегува и тоа дека власта одлучува кој ќе биде избран.

„Станува збор за куклен театар“ – изјавил за Би – Би – Си рускиот социолог Владислав Иноземцев.

Поранешниот пратеник Дмитри Гудков, пак, рекол дека тоа е така кога власта ја има избришано и тргнато од изборниот процес целата опозиција. Навални е во затвор, а на еден Илја Јашин или Лев Шлосберг им е забрането да се пријават за изборите.

Три недели во Ковид болница

Гудков за британскиот медиум зборувал за неговиот случај и открива дека веднаш откако пролетоска најавил дека ќе се кандидира за пратеник во руската Дума, неговиот стан бил темелно претресен, а претрес бил направен и во становите на неговото семејство. Тој и неговата тетка биле притворени. Тогаш се јавил татко му советувајќи го да замине од Русија, затоа што во спротивно, и тој ќе завршел во затвор.

„Ги држеа татко ми и тетка ми како заложници“ – рекол Гудков.

Овој опозиционер смета дека претседателот Путин ја губи популарноста што ја имаше, па властите затоа не сакаат да има независни пратеници во Думата. „Во една ваква ситуација, полицијата, тајните служби и обвинителите ќе им ја обезбедат победата на Путин и на Обединета Русија“ – смета Гудков.

Странските медиуми пишуваат и за случајот на Виолета Грудна од Мурманск.

„Голема измама“

Таа е поранешен раководител на Фондацијата на Навални во овој град, па за да не може да се регистрира за изборите и да се пријави како независен кандидат, била одведена од дома и ставена во болница за болни со Ковид!? Не била инфицирана од вирусот, но 20 дена поминала изолирана, само колку да помине рокот за пријавување, по што била пуштена од болницата.

Во раководството на партијата Обединета Русија ги отфрлаат како неточни сите вакви обвинувања.

Таму велат дека станувало збор само за “неколку лица“ (кој се исклучени од гласачкиот процес) и тие не биле исклучени од политички причини. Сенаторот и функционер на партијата Андреј Климов изјавил дека тие лица не може да се кандидираат – “затоа што против нив се води кривична истрага“.

Во секој случај, независната посматрачка група Голос оценува дека изборите на 19 септември ќе бидат „една голема измама„. Според оваа група, Русија е во ситуација – властите да ги дисквалификуваат кандидатите кои не ги сакаат, наместо тоа право да им биде оставено на граѓаните, на гласачите.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе