Фајзер испитува анти-ковид таблети
Фармацевтската компанија Фајзер соопшти дека почнала со големо истражување со кое тестира нов, анти-ковид лек.
Лекот е означен како антивирусен, би бил изработен во вид на таблети што би се примале орално и неговата улога би била да се спречи инфекција на лица кои биле изложени на коронавирусот.
Во соопштението се вели дека испитувањето во средна и во подоцнежна фаза ќе се прави врз лекот на Фајзер означен како ПФ-07321332.
Тестовите ќе се прават врз 2660 здрави возрасни лица. Тие се јавиле доброволно за истражувањето и сите се на почетна возраст од 18 години, па нагоре. За нив се знае дека живееле во исто домаќинство со лица кај кои веќе се потврдени симптоми на инфицираност со короната.
Лекот ПФ – 07321332, всушност, е замислен и изработен за да се блокираат активностите на клучниот ензим, неопходен за размножување на коронавирусот. Тоа ќе го прави заедно со мала доза на еден постар лек – ритонавир – што, инаку, нашироко се користи во комбиниран третман за елиминирање на ХИВ инфекцијата.
Странските медиуми кои го пренесуваат соопштението на Фајзер, пишуваат дека лекот – ремдесивир – на фармацевтската компанија „Gilead”, што се дава интравенозно, засега, е единствениот кој во САД е одобрен од тамошните власти за терапија на пациентите кои се инфицирани со Ковид.
Колку за потсетување – уште пролетва оваа година, Европската комисија ја има претставено својата стратегија за развој на лекови против Ковид. Со стратегијата се предвидува дека до октомври годинава треба да се појават три лека против овој вирус, со можност до крајот на 2021 година да бидат одобрени за употреба уште два други лека.