Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

АФП: Како Србија стана ковид жариште

АФП: Како Србија стана ковид жариште

Француската агенција АФП во својот специјален извештај, направен од Белград, се прашува – како се случи Србија, од земја за пример во Европа, дури и за повеќето земји на ЕУ, кога станува збор за пандемијата со коронавирусот и борбата со неа, се претвори во ковид – жариште и „црна точка“ во светот.

Со ова прашање, последниве денови од октомври, се занимаваат и други европски и странски медиуми, а посебно германското Дојче Веле и минхенскиот весник „Зидојче Цајтунг“ – сите настојувајќи сегашните српски случувања да ги прикажат и како пример за предупредување за другите земји.

Смртност највисока во светот

„Во Белград, на прв поглед, се изгледа како да е нормално. Како да нема рестрикции и како пандемијата во оваа балканска земја да е завршена. Меѓутоа, станува збор за сурова илузија“ – вели француската агенција – затоа што Србија (сега) е прва во светот, според бројот на новоинфицираните.

Се тврди дека земјата има доволна залиха од вакцини, а има и план за масовно вакцинирање, сепак, едвај 40 отсто од вкупното население се вакцинирани. Па, наместо излегување од кризата, во Србија, според сознанијата на АФП, во последните седум денови, секој ден има по околу седум илјади новозаразени со вирусот, што изнесува 93, 5 отсто на 100 илјади население. А, тоа, тврди агенцијата, е најмногу во светот.

Помеѓу 3 и 10 октомври, на пример, во Србија се регистрирани 44.100 новоинфицирани. Тоа е голема бројка за земја која има околу седум милиони жители. Во овој период во Украина има 86 илјади, во Романија 91 илјада, во Русија 190 илјади, Турција 207 илјади, додека во Британија – 255 илјади новозаразени.

Непочитување на заштитните мерки

Што се однесува до Србија, иако во оваа земја, носењето маски во затворени простории и одржувањето социјално дистанцирање е задолжително, во пракса, исклучително малку луѓе, како и разните јавни објекти, се придржуваат на оваа епидемиолошка мерка.

„Очигледно е дека нема никаква сила што ќе ги натера луѓето да ги почитуваат мерките. Наместо тоа, соговорниците на белградските улици и по баровите и кафулињата, зборуваат дека не се плашат од ковид, од заразувањето и од вирусот. Некои се фалат дека еднаш ја прележале болеста, дека таа не била страшна, па затоа сега нема од што да се плашат“ – пишува АФП, посочувајќи дека белградските барови се преполни со луѓе.

Епидемиолозите и здравствените експерти предупредуваат на заканата со која се соочува земјата, доколку не се направи нешто за да се почитуваат пропишаните мерки. Многумина од лекарите бараат од владата мерките и да се заострат.

Но, српскиот премиер Ана Брнабиќ има речено дека „не може да се контролира недисциплината“, порачувајќи и на домашната јавност дека владата нема да ги заострува мерките кои (формално) се на сила. Таа само има порачано дека луѓето ќе треба да се вакцинираат.

Политика и анти – ваксери

Епидемиолозите, пак, сметаат дека во сето ова има „гола политика“. Според нив, работите се вртат околу анти – ваксерското движење што е мошне силно – најсилно во целиот регион.

Тоа има силно влијание и врз „тивката јавност“ во земјата (на нивна страна е и тенисерот Новак Ѓоковиќ кој се нема вакцинирано), па власта не сака да создава дополнителни проблеми за себе во српската јавност, покрај оние кои веќе ги има. Затоа, остава работите во врска со вирусот да изгледаат како се да е нормално и безбедно.

Едноставно, власта не сака да си создава проблеми пред претседателските (и парламентарни) избори, предвидени за крајот на април 2022 година.

Во вакви услови, здравствените експерти бараат воведување „ковид пасоши“, или документ за тоа кој е вакциниран, а кој не – како мерка за ограничување на влегувањето на невакцинираните во јавни и општествени простории – за да се блокира ширењето на заразата.

Се посочува примерот на Франција (и таму во април ќе има избори), како и на некои земји во регионот и во српското соседство. Сепак, премиерот Брнабиќ и тоа го има одбиено, иако толкувањата на уставни експерти велат дека таквата мерка НЕ Е ПРОТИВУСТАВНА – затоа што заштитата на здравјето на граѓаните – Е ГАРАНТИРАНО СО УСТАВОТ.

Време на ”вакцина туризам“

Француската агенција сега потсетува на времето кога Србија беше прикажувана како земја за пример.

Имаше големо количество вакцини – кои се истураа за оваа земја од Русија и од Кина. Дури се најавуваше дека ќе се произведуваат вакцините Синофарм и Спутник во некоја српска фабрика. Властите, почнаа да нудат вакцини за секој кој ќе посака да се вакцинира, во време кога ЕУ имаше проблем со набавката за Европејците, а таков проблем имаше и во српското соседство. А, им нудеа и на соседите, по некое ограничено количество дози со вакцини.

Тогаш Србија лансираше т.н. вакцина – туризам за државјаните од соседните земји. Покрај вакцината и посета и шопинг во Белград (или Ниш и Врање, за оние дојдени од Македонија).

Од тоа, набргу се направи политичка реклама за српскиот државен врв и пропаганда за способноста на Белград да се снајде во дадената ситуација, наспроти сите другите околу, па излезе дека зад „самаријанството“ се криело нешто друго – наменето за домашни (пропагандни) потреби, но и за регионот.

„Коцкање со животите“

Од сето тоа, сега нема ништо. Пред се, затоа што луѓето во Србија не сакаат да се вакцинираат, но не сакаат ниту да ги почитуваат епидемиолошките мерки кои треба да ги заштитат и невакцинираните, како и сите другите.

Поради тоа, земјата бележи како силно зголемена нова инфицираност, така и висока смртност, која претходно, долго време не се прикажуваше, за да сликата за наводната „победа над вирусот“ биде комплетна.

Германските медиуми, затоа, сега ја обвинуваат владата во Белград дека „се коцка со животите на луѓето“ само поради политички причини и за потребите на оние кои се на власт во Србија, кои се преправаат како заразата воопшто да не постои.

Дневно умираат меѓу 120 до 150 лица!

Домашните критичари, пак, се гневни што во една сложена епидемиолошка и здравствена ситуација се „играат политички игри“. Пред се, во земјата и натаму постои отсуство на транспарентност во врска со пандемијата, па јавноста не верува во податоците и бројките кои службено се објавуваат.

Се смета дека сите се преправани, „фризиранни“ и неточни, верувајќи повеќе во уверувањата на дел од лекарите кои тврдат дека смртноста од вирусот и од последиците на Ковид се далеку повисоки.

Дури и водечкиот српски епидемиолог др. Предраг Кон, кој е член на српскиот кризен штаб, тврди дека бројките се повисоки од оние кои се прикажуваат.

Според др Кон, бројот на новозаразените и на умрените во Србија е 2,5 пати повисок од официјално изнесените податоци! Неговиот колега, епидемиолог Зоран Радовановиќ за телевизијата Н1 има изјавено дека – реално – умираат меѓу 120 и 150 лица – секој ден. Званичните бројки се движат околу 50 до 55 починати.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе