Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Качински се повлекува од владата на Полска

mSzandurski/Depositphotos.com

Качински се повлекува од владата на Полска

Лидерот на владејачката конзервативна полска партија Право и Правда (ПиС), Јарослав Качински, на почетокот од 2022 година, се повлекува од владата на Полска, за да целосно се посветел на партиската работа – јавува Јуроњуз, повикувајќи се на полската државна агенција ПАП.

Качински кој во владата ја има функцијата заменик премиер, одлуката за повлекување ја соопштил за време на еден состанок во полскиот Сејм (Парламентот) во Варшава, кога им рекол на пратениците дека би сакал да има “поголема контрола врз партиските состојби“.

„Господар“ на полската политика

Како потпретседател на владата, тој еднаш неделно доаѓа во седиштето на партијата, но еден од пратениците кој не е именуван, изјавил за ПАП дека тоа, сепак, е премалку за раководење со партијата. Како заменик премиер Качински е именуван во октомври 2020 година. Тогаш бил назначен и за претседател на полскиот министерски совет за безбедност и за одбрана.

Претходно има изјавенo дека не си заминува од полската влада во текот на 2021 година.

Иако, само заменик премиер, Качински важи за вистинскиот господар на Полска и за нејзиниот најмоќен политичар. Од него потекнуваат сите промени на политичката сцена, сите контроверзни потези, како и вкупната националистичка и конзервативна поставеност на полското општество, како и силната врзаност за католичката црква.

Се смета дека токму од него се покренати и сите контроверзни „реформи“ и кадровски разместувања – во полското судство и во тамошната медиумска сфера – кои предизвикаа Полска да се најде во отворен судир со ЕУ, со Европската комисија и со Брисел, барајќи, притоа и наоѓајќи единствен сојузник во Унгарецот Виктор Орбан.

Варшава пред свој „брегзит“?

Најавата за повлекување на Качински од владата доаѓа непосредно по одлуката на Уставниот суд на Полска, кој самиот има сомнителен легитимитет, дека полскиот Парламент го има последниот збор, а не европските институции и судовите на ЕУ, кога станува збор за толкувањето за владеењето на правото.

Станува збор за одлука која е спротивна на сите темелни правила на кои се темели ЕУ и кои се уредени со Лисабонската спогодба (малиот Устав на Унијата), одредби што Полска ги прифатила при влегувањето во ЕУ и за што се обврзала да ги почитува.

Ваквата „пресуда“ уште врз постапка покрената од полскиот премиер, предизвика гневна реакција на Брисел, од каде стигна порака дека тоа така нема да остане и дека владата во Варшава треба да знае дека ЕУ ќе реагира на ваквата полска одлука. Но, гневна реакција имаше и во самата Полска, кога проевропските и продемократските сили, собрани во опозицијата, но и во тамошната јавност остро ја осудија владата за газењето на европските принципи и стандарди.

Десничар и евроскептик

Особено што, во европската јавност, се појавија толкувања дека после ваквата одлука на највисокиот суд во земјата, Полска повеќе не би можела да остане во ЕУ. Едноставно, „пресудата“ на полскиот суд е рамна на позициите од кои тргна британскиот Брегзит – за тоа дека европските институции не може да бидат над домашните.

Качински, претходно, веќе има изјавено дека Полска нема да ја напушти ЕУ и останува во членство. Но, европските медиуми, како и демократските сили во самата Полска сметаат дека и зад оваа одлука стои Качински, со неговиот евроскептицизам, национализам и десничарењето.

За него се вели дека од секогаш е на крајната десница, со силен националистички набој, а против мултикултурализмот и европскиот либерализам. Од секогаш важи за посветен католик, но и непријателски настроен кон европскиот проект.

Тој е и брат – близнак на сега починатиот Лех Качински. Во еден момент тие двајцата владееја со Полска – едниот како претседател, а другиот како премиер, што е единствен случај во светот.

Примени 135 милијарди евра од ЕУ

Но, за братот Лех, кој како претседател, загина во авионска несреќа во Русија, каде предводеше голема државна делегација, познавачи на полските прилики велат дека бил далеку поумерен политичар од својот брат Јарослав.

Како и да е, Полска би требало добро да размисли пред да се определи за излез од ЕУ. Пред се, врз основа на искуството со Британија и нејзиното заминување. Особено сега кога Британците до крајот на оваа година треба да ја исплатат првата рата од осум милијарди евра, повратен долг кон Унијата.

Полска, пак, која за првите 15 години членство (2004/2019) од развојните фондови на ЕУ има примено 135 милијарди евра, секако, исто така би морала да и го отплати својот долг на Унијата за своите години членство.

Иако Полјаците се помалку години во ЕУ од Британија, сепак, треба да се соочат со големо финансиско оптоварување и со сериозните последици врз економијата и вкупната развојна стратегија на земјата, што би го предизвикал, евентуалниот, полски излез од Европската Унија.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе