Полска казнета со милион евра дневно
Европскиот суд за правда (ЕСП), парично ја казни Полска да плаќа по 1 милион евра-дневно- поради непочитување на неговата пресуда, во врска со реформите на правосудниот систем што ги донесе владата во Варшава, а ги прифати полскиот Сејм (Парламентот).
Станува збор за решението на ЕСП , соопштено во јули годинава, со кое Полска треба да го укине „дисциплинскиот комитет“ што е создаден при Врховниот суд на земјата, а кое полската влада не сака да го прифати.
Токму оваа контроверзна реформа, со која практично се дисциплинираат судиите , кои на тој начин стануваат постојано изложени на притисокот на владата и власта, ги предизвика тензиите во односите меѓу Варшава и Брисел.
Варшава спремна да попушти
Во првата , куса службена реакција , според извештаи на медиумите, се вели дека Полска ќе го укинела и ќе го распушти, веќе формираниот , дисциплински комитет. Но претставник на владата нема дадено никакво друго објаснување.
Претставник на владеачката, конзервативна и националистичка партија Право и Правда, само рекол дека „ништо досега не е платено и дека нема потреба од врева околу одлуката“ на Европскит суд .
Европската комисија ја покрена постапката против владата на Полска, откако претходно повеќе пати ја има предупредено полската влада да се откаже од ваквата „реформа“, затоа што таа е во спротивност со европските прописи , што земјата претходно ги има прифатено.
Комисијата во Брисел беше и остана на позицијата дека ваквиот комитет ја ограничува слободата на судиите и ја попречува независноста на полското судство.
Почитување на европските стандарди
Официјална Варшава, пак, продолжува да ги обвинува ЕУ и (како што се вели) Брисел, за наводното уценување на Полска од страна на европските институции, како и за тоа дека Европскиот суд за правда не го почитува полскиот Устав, што се смета како класичен пример за замена на тези.
Полската страна се брани дека дисциплинскиот комитет, всушност, бил „дел од пакетот мерки за модернизација на судството“ во земјата.
ЕУ и Европската комисија, меѓутоа, инсистира дека Полска, како и сите други членки, мора да ги почитуваат европските прописи и стандарди , а пред се, европското право, кога станува збор за независноста на правосудниот систем.
Тоа е нешто што никогаш не се доведува во прашање во западноевропските земји од Унијата, а се бара како основен предуслов за земјите-кандидати за нивниот влез во ЕУ. Но , последниве години, се почесто се игнорира од членките од Источна Европа, поранешни комунистички држави.
Мнозинството Полјаци за ЕУ
Поради тоа , Варшава се најде во некаков постојан судир со Брисел, спротивставувајќи се на европскиот дух и на заедништвото, а заговарајќи национализам и инсистирање на национални интереси во Унијата. Во тоа Полска редовно ја има само подршката од орбанова Унгарија, а во последно време и од Словенија на Јанез Јанша.
Полската демократска и (во мнозинство) проевропска јавност се спротивставува , колку што може , на ваквиот националистички курс на владата и на конзервативизмот во општеството.
Кога станува збор за „правниот спор“ на нивната земја со Европската комисија и со другите во ЕУ, поголемиот број од Полјаците се согласуаат европските стандарди да се стават пред полските (нови) прописи.
Дури три четвртини од испитаните полски граѓани изјавиле дека владата треба да ги прифати забелешките на Брисел и да го прекине „ бесконечното спорење“ со Европската комисија.