Европарламентарци бараат истрага за Вархеи
Група европарламентарци , членови на неколку пратенички групи во Парламентот во Стразбур, побараа истрага за тоа – дали еврокомесарот за проширување , Унгарецот Оливер Вархеи, е пристрасен во своите извештаи за напредокот на земјите од Западен Балкан. Особено што ја фаворизира Република Србија, за сметка на сите други земји-кандидати од регионот.
Барањето за истрага доаѓа откако , претходно, унгарскиот премиер Виктор Орбан, на неколку пати, отворено порача дека Србија, пред сите другите во регионот, треба да влезе во ЕУ и дека тоа и го заслужува, повикувајќи се на, како што има речено, нејзиниот „постојан напредок на европскиот пат“.
Изјави кои редовно се слушаат после секоја средба на Орбан со српскиот претседател, кој пак, ја има прогласено Унгарија за „српски стратешки партнер“ – уште еден покрај Русија.
„Разубавување“ на извештаите?
Дванаесет европратеници, затоа, побараа од Европската комисија (ЕК) да одговори- кога ќе покрене истрага за Вархеи , по обвинувањето од некои негови соработници, дека барал да се „ублажат веќе подготвените извештаи “ .Игнорирајќи ги, притоа, вистинските состојби околу владеењето на правото кај земјите кандидати (Србија) , за што веќе пишуваа некои западноевропски медиуми, уште на почетокот од октомври- пред Самитот ЕУ/Западен Балкан , во Словенија.
Пратениците сакаат да знаат – што ќе направи Европската комисија во врска со овие и вакви случувања кои , инаку, доаѓаат од извoри на самата Комисија и од нејзините интерни документи.
Освен тоа, тие сега бараат од Комисијата во Брисел гаранции за истакнатиот став (во извештајот) дeka Србија (навистина) има направено напредок во текот на 2020 година и над се- дека така содржаниот извештај се темели врз објективни критериуми- во кои оваа група пратеници – не верува.
Фаворизирање на Србија
Според нив, доколку е тоа така , тогаш „како може да се објасни нескладот меѓу оценката за владеењето на правото , содржан во извештајот, со оценките на низа кредибилни мислења и авторитети, како и на интерната коресподенција на високи функционери на Европската комисија“- во кои се тврди дека еврокомесарот Вархеи и неговиот кабинет имаат извршено политичко влијание врз извештајот.
При тоа се споменува дека неговиот кабинет, составен од нему лојални луѓе, меѓудругото барал и речникот за ЛГБТ заедниците- целосно да се тргне од документот што ќе го потпише како свој Комисијата.
Целата работа околу „случајот Вархеи“ го отвори добро информираниот интернет весник од Брисел- „Политико“ – со својот напис од 5 октомври. Во него се обвинува еврокомесарот дека го „форсира влегувањето на Србија во ЕУ, без да се исполнат основните критериуми, а на штета на другите кандидати“.
Тоа за овој весник е само потврда дека Оливер Вархеи не ја води и не ја спроведува политиката на Европската комисија, на што е обврзан, туку онаа на неговиот вистински шеф- унгарскиот премиер Орбан кој и го има предложено да биде комесар во ЕК делегиран од Унгарија.
Бришење на вистинските состојби
Во својот текст„Политико„ се повикува на извори во Комисијата кои тврдат дека еврокомесарот за проширување и луќе од неговиот кабинет (сите унгарски дипломати) се обиделе да се избришат прикажаните состојби и да се преправи јазикот во официјалните (интерни) документи во кои се посочува – неуспехот на Србија во нејзините демократски процеси.
И покрај тоа, што на неколку пати се објавени предупредувачки и драматични оценки за вистинската состојба, кога станува збор за владеењето на правото , потоа за односот и заканите кон невладините организации и кон независните аналитичари.
На ваквиот текст и на откритијата што тој ги понуди, Вархеи реагирал само со општи фрази и добро познатат формулација дека напредокот на секоја земја (во случајот на Србија) на нејзиниот европски пат- е работа на еден долг процес. Уверувајќи притоа дека тој се залага, подеднакво, за сите земји и за целиот регион.
Во едно поранешно интервју за пронационалистичкиот „Маѓар Немзет“ , инаку близок на владата на Орбан, истиот овој еврокомесар има речено дека „реформските процеси во Србија имаат земено силен замав“ .
„Белград не заслужува нов кластер“
Тоа кај опозицијата во Белград и кај тамошните независни аналитичари беше оценето само како уште една силна политичка подршка за српскиот претседател, затоа што во земјата нема нникаков напредок во реформите кои ги бара Брисел.
Европската комисија, од своја страна, не реагираше посебно, секако, настојувајќи да не отвори фронт со еден свој член, уште и преку медиуми, па се задоволи само со една неофицијална забелешка – повикувајќи на „одговорно работење при правењето на завршните извештаи“. Што, сепак, никако не значи одбрана на еврокомесарот за проширување.
Весникот од Брисел, уште открива дека се врши притисок од страна, да се форсира Србија, на европскиот пат. Се бара да се отвори нов кластер во преговарачкиот процес и покрај сериозните забелешки дека Белград не е воопшто подготвен за тоа – бидејќи нема ништо исполнето од барањата што ги има поставено ЕУ/ЕК за реформа на земјата- не сметајќи го тука и прашањето на Косово.
Лојален на Орбан
Оливер Вархеи е еврокомесар од 2019 година. Претходно беше унгарски амбасадор во ЕУ.
Беше избран во вториот обид, откако првично предложениот кандидат Ласло Трачањи , не доби подршка од европарламентарците. Вархеи помина со мошне тесно мнозинство, само за да не се успорува создавањето на новата европска “влада’ со Урсула фон дер Лајен како претседател. И за да се постигне консензус околу составот на целата Европска комисија и сите еврокомесари.
Стравувањето и тогаш беше дека тој е премногу близок до унгарската владеачка, десничарска и националистичка партија Фидес и до Орбан, па дека затоа повеќе ќе биде лојален кон него, отколку кон претседателката Дер Лајен, што во овој случај се покажува дека стравот бил оправдан.
Особено сега кога Орбан е во војна, на неколку фронтови со ЕУ, со Комисијата и со Брисел и притоа дејствува против стратешките интереси на Унијата и нејзиното единство.