Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Австрија: Невакцинираните ставени под клуч

Spitzi/Depositphotos.com

Австрија: Невакцинираните ставени под клуч

Австриските здравствени власти и владата во Виена  воведоа дополнителни остри мерки против оние кои одбиваат да се вакцинираат против коронавирусот, на тој начин што ги ставија „под клуч“, изолирани и во карантин, во своите домови, во период од десет денови.

Според локалните медиуми, сите оние кои не се вакцинирани , или не ја прележале болеста Ковид – 19, ќе мораат да останат во своите домови и не ќе смеат да излегуваат од таму до 24 ноември, освен во посебно определени околности.

Станува збор за безмалку два милиони лица кои се ставени во локдаун од 15 ноември.

Од своите  домови невакцинираните ќе може да излегуваат само во ограничен број случаи- како што е   одењето на работа, излегување поради сопственото физичко или душевно здравје,  за обавување  верски потреби, како и за купување храна.

Во ваква изолација нема да бидат ставени децата, помлади од 12 години, како и оние кои штотуку се опоравиле од Ковид.

Заштита на здравствениот систем

Властите ја оправдуваат ваквата мерка со настојувањето да се сочува здравствениот систем на земјата од – како што се вели – целосниот распад, поради наглото зголемување на бројот на новозаразените и нивната хоспитализација. Во најголем број случаи, новозаболените се лица кои досега одбиваат да се вакцинираат.

„Не ја преземаме оваа мерка лесно, затоа што во карантин се става една третина од населениет, но таа во секој случај е неопходна. На овој  начин,  во голм обем ќе ги редуцираме контактите на вакцинираните  со оние кои не се имунизирани “- изјави австрискиот канцелар Александер Шаленберг.

И во една Австрија, бројот на невакцинираните не е мал. Околу 65 отсто од вкупното население има примено две дози од вакцините, што ја прави земјата да има еден од најниските проценти на вакцинирани во Западна Европа.

Во истовреме, седумдневниот процент на новозаразени  изнесува над 800 лица на 100 илјади население, што е едно од највисоките во Европа.

И покрај ваквата ситуација, продолжува отпорот на   Австријанците  кон вакцинирањето и тој отпор  многу често  се врзува за политиката. Виена, во изминатите две месеци често пати беше поприште на протести и судири со полицијата  на антиваксерите, кои се постојано  подржани од крајната десница и од крајно – десничарските движења и организации. Наводно,  се протестира против „насилието“ на власта против човековите слободи, а всушност, за да ги промовираат своите ултрашки идеолошки ставови.

Карантин за невакцинираните

Од друга страна, здравствени експерти забележуваат дека не е добро што со  новите мерки има многу кои се ослободуваат од обврската да останат дома ,  во изолација, како невакцинирани и како категорија која во овој бран на пандемијата, се најранливи – без разлика на возраста.

Во петокот Австрија има регистрирано над 13 илјади нови случаи на заразени со короната, во само 24 часови. Таква ситуација има и во австриското соседство – Германија, Словенија и Хрватска, пред се, каде бројот на новозаразените постојано се зголемува, како што секој ден се зголемува и бројот на починатите.

Австрија не е единствената земја  која ги заострува  мерките за заштита од пандемијата, особено откако есенва короната одново се рашири низ целиот континент, погодувајќи ги како Западот, така и Истокот и југот на Европа, со алармантно зголемување на бројот на новозаразените и на починатите.

Светската здравствена организација (СЗО) веќе ја прогласи Европа како жариште на глобалната пандемија, а експертите на организацијата сметаат дека причината за тоа е избрзаното олеснување на досегашните мерки, целосната опуштеност во текот на летото и верувањето дека кризата е помината, како и тврдењето на некои политичари – како владата во Британија – дека светот треба да се навикне да живее со короната.

Предлог – задолжително вакцинирање

Над се, епидемиолозите сметаат дека новиот бран е последица на ослабувањето на влијанието од веќе примените дози вакцини, но над се, од практичното запирање на масовното вакцинирање.

И покрај бројните кампањи и гласните самофалења за успешната вакцинација – излегува дека се уште – секаде – има бројно невакцинирано население и тоа само затоа што тие луѓе и натаму повеќе веруваат во измислените приказни за штетноста на вакцините, или за нивната (наводна) неефикасност, отколку на стручните лица кои две години војуваат со вирусот.

Се поголем број од нив верува дека короната ќе може да се победи само со задолжителното вакцинирање на целото население.

Според нив тоа не претставува повреда на човековите права и слободи – затоа што  правото на здрав живот и на заштитата на јавното здравје е над сите други општи права – посебно во услови на една ваква пандемија.

Австрија, засега, се определува само да ги стави во карантин оние кои одбиваат да се вакцинираат. Тие и досега беа под ограничен режим на движење. Соседна Германија, веќе ја има прогласено Австрија како зона со висок ризик, а тоа значи дека секој кој влегува на германска територија од австриската страна – мора да оди во карантин.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе