Македонија „средно ранлива“ на руското влијание
Меѓународната тинк – танк организација ГлобСек, со седиште во Братислава има изработено студија за степенот на руското влијание во осум европски држави. Три од Средна Европа (Чешка, Словачка и Унгарија), потоа за уште две источноевропски земји, членки на ЕУ – Романија и Бугарија, како три други од регионот на Западен Балкан – Македонија, Србија и Црна Гора.
Во текот на истражувањето, всушност, е испитуван „индексот на ранливост“ на секоја од овие држави, врз основа на пет клучни фактори, според направена скала од нула до 100. Тие фактори се – јавното мислење и политичката сцена во секоја земја посебно, потоа јавната управа и информативниот простор, како и граѓанската и академската заедница во овие држави.
Јавноста и политичката атмосфера
Анализата покажува дека најподложна на влијанието на Русија, па според тоа и најранлива е Република Србија со 55 поени. При тоа, истражувачите утврдиле дека за оваа балканска земја, како предизвик се јавуваат дури четири од петте фактори, но дека одлучувачки се – јавноста и неговото расположени, како и вкупната политичка атмосфера во државата.
Република Северна Македонија е во средината – означена како „средно ранлива“ со 40 поени.
На оваа листа на „осумтемина од Истокот“, изработена по двегодишно истражување, направено со поддршка на американскиот Стејт департмент, пред Македонија се рангирани Чешка и Романија со по 29 поени и тие се означени како најмалку подложни на руско влијание, како и Словачка со 32.
Зад македонската средна позиција се рангирани Бугарија со 42 поени и Унгарија и Црна Гора кои имаат добиено по 44 поени.
Дезинформациите и авторитарноста
Според аналитичарите на ГлобСек, како клучен фактор за ваквото разместување на овие осум држави се покажало јавното мислење. Од него се произлезени т.н. пансловенство, јазичната блискост, испреплетувањето на историјата, како и сегашните блиски културни врски. Сите овие елементи имаат извршено големо влијание за степенот на ранливоста (кон Русија) во земји какви што се – Србија, Црна Гора и Бугарија, но и во една Словачка.
На ваквата ранливост, во четири од осумте држави, влијаело и однесувањето и делувањето на православната црква, која најчесто во локалната јавност настапува како промотор на руските ставови.
Во Унгарија и Црна Гора, како и во Македонија, пак, за важен фактор при определувањето на ранливоста на овие земји се означени антилиберализмот и анти – либералните ставови и клеветничката кампања на актери во тамошната јавност и во тамошните општества кои редовно се јавуваат и настапуваат од позицијата на (наводни) заштитници на „традиционалните вредности„.
Таквите ставови – се вели во студијата – многу често се последица на широко загубените илузии во начинот на функционирањето на демократијата – во сите овие осум држави.
Сето тоа, уште комбинирано со растечкото влијание на власта (во некои од овие земји) врз локалните медиуми, предизвикува луѓето да веруваат во дезинформации, а тоа ги прави да бидат наклонети кон авторитарност и кон автократи како лидери.
Србија – силно проруски определена
Што се однесува до Србија, нејзиното рангирање на прво место, далеку пред сите другите, проценка е дека тоа и не е изненадување, откако во оваа земја долго време е на власт десничарската и популистичка СНС, во услови на отсуство на парламентарна опозиција, што ја загрозува суштината на демократијата.
Србија, формално, останува на курсот за влез во ЕУ, но реториката и однесувањето на власта покажува дека нема ентузијазам за тоа, во услови кога владејачката структура не ги промовира вредностите на Унијата. Наместо тоа, СНС има заземено про – руска позиција, бранејќи ги често руските ставови, што се застапени и во јавноста и во целата српска политика (тоа значи и на опозицијата).
Дури 59 отсто од српските граѓани ја смета Русија за најважен стратешки партнер, додека само 52 отсто се залага за влез на земјата во ЕУ. Големо мнозинство од 84 отсто од анкетираните во оваа земја, се против влегувањето на Србија во НАТО, што често се објаснува и со се уште блиското сеќавање на бомбардирањето, извршено од страна на силите на Алијансата, пред повеќе од 20 години.