Осомничен за тортура ќе го предводи Интерпол
Генералот Ахмед Насер ал-Раиси од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во следните четири години ќе го предводи Интерпол, но неговиот избор за претседател на оваа меѓународна организација за полициска соработка, предизвика бурна реакција во светската јавност.
Ал Раиси не само што е осомничен за спроведување тортура и полициско насилство во Емиратите, туку и самиот е обвинет во Франција и во Турција, додека низа организации за човекови права ја осудија ваквата одлука на конференцијата на Интерпол, што се одржа во Истанбул, како срамна и штетна за угледот на „глобалната полиција“.
Генерал на Емиратите
„Длабоко сме уверени дека изборот на генералот Ал Раиси и нанесува штета на мисијата што ја има Интерпол и тешко ќе ги погоди капацитетите на организацијата за да може ефикасно да ја извршува работата за која е создадена„ – има напишано претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, заедно со уште тројца европски пратеници и со претседателот на поткомисијата за човекови права на Европскиот Парламент, уште пред одржувањето на генералното собрание на оваа организација и пред гласањето за избор на нов претседател.
Во октомври 2020 година, дури 19 невладини организации меѓу кои и Хјуман Рајтс Воч предупредуваа на „сериозната грешка“ доколку овој генерал од ОАЕ го преземе раководењето на Интерпол, откривајќи дека тој е член на безбедносниот апарат на Емиратите кој систематски се пресметува со, инаку, крајно мирната опозиција во оваа арапска земја во Персискиот Залив.
Паралелно со ваквите предупредувања, што се покажаа како бесполезни, против новиот претседател, во изминатите месеци, се поднесени повеќе тужби – во Франција, каде се наоѓа седиштето на оваа организација и во Турција, каде генералот беше избран да раководи со „глобалната полиција“.
Исчезнување без трага
Во најновиот извештај на групата МЕНА (организација за човекови права), состојбата во ОАЕ се оценува како критична, кога станува збор за прекршувањето на човековите права во целиот безбедносен систем на Емиратите, каде адвокатите, новинарите и активистите се апсат и се задржуваат во заточеништво без судење и без никаква правна заштита.
Во оваа земја, се вели во извештајот, луѓе од овие професии најчесто исчезнуваат без трага, се изложени на тортура и на мачење и постојано застрашувани, затоа што мирно бараат да имаат основни права и слободи.
Функцијата претседател на Интерпол, сепак, најчесто само почесна, додека главната работа и одговорност за она за што постои Интерпол, ја извршува генералниот секретар. Актуелниот генерален секретар Јирген Шток, кој беше реизбран во 2019 година, за втор петгодишен мандат, ги решава сите тековни и професионални работи околу управувањето со организацијата.
Претседателот (претходно беше претставник на Кина) својата функција не ја извршува со полно работно време, работи на доброволна основа и си ја задржува и функцијата што ја има во земјата од каде доаѓа.
Штета на угледот на Интерпол
Групите за заштита на човековите права и за одбрана демократијата, како и низа пратеници на Европскиот Парламент, меѓутоа, не се согласуваат дека ограничените овластувања на претседателот, на некој начин, го заштитуваат угледот на Интерпол.
Напротив, критичарите на изборот на Ахмед Насер ал – Раиси на челото на „светската полиција“ сметаат дека со тоа и се нанесува штета на мисијата на оваа организација.
Се споменува дека цела една година тој води кампања низ светот за прибирање гласови и на тој план ја има далеку надминато неговата против – кандидатка од Чешка, Шарка Хавранкова.
Освен тоа, се споменуваат и инцидентите со бегството на шестата сопруга на владарот на Дубаи во Британија, која инаку е јорданска принцеза. Таа има побарано развод, но се крие од луѓето на шеикот за да не ја грабнат и да ја вратат назад. Цела една година светот се интересираше и за судбината на неговите две ќерки, кои побегнаа од Дубаи, не сакајќи да живеат, како што имаат самите речено, затворени во „златни кафези“.