Семејството Гучи против филмот “House of Gucci”
Наследниците на угледната италијанска модна куќа „Гучи“ остро реагираа на појавувањето на филмот „House of Gucci” што од 24 ноември се прикажува во САД, а веќе може да се види и во Италија и насекаде низ Европа.
Семејството се заканува и со судска тужба до продуцентите на филмот, незадоволни од тоа како авторите на филмот ја имаат прикажано Патриција Реџани, поранешна снаа во семејството Гучи, која иако италијанските медиуми уште од порано ја имаат наречено „црната вдовица“ – во филмот, чиј режисер е Ридли Скот, е прикажана како – жртва.
Наследниците на долгогодишниот претседател на компанијата, Алдо Гучи, кого во филмот го толкува Ал Пачино, инсистираат дека авторите на филмот не се обиделе да се консултираат (со семејството) пред да ги прикажат неговите членови како „неуки насилници, нечувствителни на сето она што се случува околу нив“. Тоа, се вели во соопштението на семејството, го навредува наследството што го има изградено брендот „Гучи“ и позицијата што ја има во светот на модата и на бизнисот.
Филмот ја следи приказната за Патриција Реџани, што ја глуми Леди Гага. Таа беше осудена на 16 години затвор и казната ја има издржано до крајот, затоа што изнајмила платен убиец за да го убие нејзиниот сопруг Маурицио Гучи (неговиот лик го толкува Адам Драјвер), кој во време на убиството беше директор на модната куќа.
Семејството е гневно што некогашната снаа Патриција е прикажана како „жртва која настојувала на секој начин да преживее во машката, шовинистичка корпорациска култура“. Режисерот Скот, пак, е обвинет и од самата Патриција Реџани која сега тврди дека “го украл идентитетот на семејството за да оствари профит и да ги зголеми приходите на Холивуд и на неговиот систем“.
Ридли Скот, меѓутоа, ги отфрла сите обвинувања, за кои рекол дека – едноставно, не го интересираат.
„Кога еден Гучи е убиен, а друг член на семејството заврши во затвор, за прикривање данок, не може со мене да се разговара за профит и за зголемување на приходи. Кога тоа ќе се случи во едно семејство, тоа и случувањата околу него стануваат дел од јавноста“ – рекол Ридли Скот.
Филмот е сниман според романот „House of Gucci – A Sensational story of Murder, Madness, Glamour and Greed” на Сара Гај Форден. Романот е објавен во 2001 година.