Орбан сега „војува“ и со Вашингтон
Унгарија на Виктор Орбан ги блокира настојувањата на Европската комисија, на претстојниот Самит за демократија што го организираат САД и претседателот Џо Бајден, ЕУ да се појави како една целина – како една единствена Унија, само затоа што унгарскиот премиер не доби покана од Вашингтон.
Официјална Будимпешта го покрена ова прашање на последниот состанок на амбасадорите на земјите – членки, инсистирајќи дека Унгарија нема да ја подржи иницијативата на Брисел, за заеднички настап објаснувајќи дека – „затоа што САД ги немаат покането сите земји членки на ЕУ.
Унгарија е единствената земја од Унијата која не е поканета за Самитот на Бајден, што виртуелно ќе се одржи на 9 и 10 декември и на кој се поканети политичките лидери на над стотина држави од светот.
Унгарија без покана за Самитот на Бајден
Главната и единствена тема на Самитот се предизвиците со кои се соочува демократијата во светот. На Самитот, исто така не се поканети ниту Русија, а ниту Кина, поради добро познатите причини и поради состојбата со демократијата кај нив.
Официјално толкување за неповикувањето не е дадено.
Бајден и рускиот претседател одново ќе разговараат (преку видео – врска), овој пат, за ситуацијата околу Украина, каде Русија продолжува да носи оружје и војници (досега околу 100 илјади), а Американците тврдат дека тоа се подготовки за воена интервенција врз украинската територија. Повеќе пати САД, НАТО и ЕУ порачаа дека евентуалната агресија нема да остане без „жесток одговор“.
Токму поради ваквата состојба на украинско – руската граница, односите меѓу Вашингтон и Москва се на најниско ниво од паѓањето на Берлинскиот ѕид. Но кога станува збор за Самитот, од порано се познати оценките на американската страна (и на Западот) за состојбата со демократијата во самата Русија.
На неа се гледа како на земја со фингирана демократија, која се движи кон авторитарна држава, во која нема вистинска опозиција и каде единствениот отворен критичар на Кремљ (Алексеј Навални) – прво беше жртва на неуспешен обид да биде убиен, а потоа се најде во затвор, како државен непријател.
Нема покани и за Русија и Кина
Русија го осуди Самитот затоа што „прави поделба меѓу земјите и народите“, додека официјален Пекинг не реагираше за непоканувањето.
За Кина, меѓутоа, и не може да се зборува за постоење на демократски вредности во време кога (како што се вели) земјата е на патот да го врати култот на личноста (како со Мао Цетинг) преку величењето на актуелниот партиски лидер и претседател Си Џенпинг, за кого се тврди дека ќе биде прогласен во доживотен шеф на државата.
Кога, пак, станува збор за Унгарија – иако членка на ЕУ и на НАТО – таа се повеќе се претвора во авторитарна држава во рацете на Орбан и на неговата националистичка, десничарска партија Фидес која ги има заробено сите послуги на власта и управувањето со земјата.
Станува збор за земја каде медиумите се изложени на силна пресија – да и служат на власта, или да се соочат со заканата – да престанат да постојат – доколку во меѓувреме не бидат купени од бизнисмени врзани за власта и за премиерот Орбан.
Во служба на Пекинг
Унгарската влада е еден од предводниците на блокот (што го создава Будимпешта), за непочитување на владеењето на правото и на европските принципи на демократијата, на европското право и на либералните стандарди на човековите права (во кои се и Полска, делумно и Словенија на Јанез Јанша), а можеби и Бугарија во изминатите месеци, а сите заедно – против Брисел.
Од своите речиси 11 години како е на власт, повеќе од половината од тоа време, Орбан се наоѓа во судир со Брисел и со европските вредности врз кои се темели ЕУ.
Освен тоа, ова не е ниту прв пат, тој и неговата националистичка влада да се спротивстават на Европската комисија и на заедничката европска политика.
Тргнувајќи од своите партиски и популистички интереси, Орбан е единствениот во ЕУ кој е толку силно врзан со Кина и со нејзините контроверзни државни кредити. Преку тоа, унгарскиот премиер му овозможува на Пекинг, преку Западен Балкан и Унгарија, да навлегува во ЕУ и во Европа – не како економски играч, туку како политички, следејќи го примерот на Русија – за разбивање на единството на Унијата.
Затоа, Орбан ја има блокирано резолуцијата со заедничка позиција на ЕУ/Брисел кон Кина, за газењето на човековите права во Хонг Конг, преку што оваа територија ја загуби својата автономија.
Блокирани парите на ЕУ за Будимпешта
Конечно, сегашниот судир околу Самитот за демократија, доаѓа во време кога Европскиот суд за правда пресуди дека Европската комисија ИМА ПРАВО да ја запре дистрибуцијата на парите од буџетот на ЕУ и од специјалниот Фонд за опоравување на Унијата (од последиците на корона пандемијата) – на земји членки кои се во судир со владеењето на правото и со принципите на демократијата.
Унгарија од овој Фоид би требало да добие 7,2 милијарди евра, што многу добро би му се нашле на Орбан пред изборите следната година, за неговата популистичка политика, но парите (засега) стојат блокирани.
Американски медиуми сега откриваат дека унгарските дипломати на амбасадорскиот состанок на ЕУ, остро ја критикувала САД и одлуката на Вашингтон што нивниот премиер нема покана за Самитот.
Според дипломатски сознанија, Унгарците го критикувале Вашингтон дека целта на Самитот (наводно) е – „Америка да ги подели земјите, за да потоа полесно владее со нив“! Пораката на унгарските дипломати е идентична со онаа на Владимир Путин, а тоа не е случајно и не е прв пат.