Нова „West Side story” по 60 години
Нова филмска верзија на прославениот американски мјузикл, потоа екранизиран во наградуван филм – „West Side story” ( Приказна од Западната страна) – е снимен во Холивуд, 60 години после првата верзија. Режисер на овој римејк е Стивен Спилберг , а свечената премиера во САД е предвидена за 9 декември.
Новиот филм, сепак, не е класичен римејк на првиот филм на Џером Робинс и на Роберт Вајз, кој е снимен во 1961 година – вели во интервју за лондонски „Гардијан“ Спилберг, објаснувајќи дека во неговиот филм станува збор за -реимагинација на оригиналниот сценски мјузикл.
„Не е обичен римејк“
„Никогаш не би се осмелил да му пријдам на ова дело да беше само филм. Но, бидејќи мјузиклот постојано се изведува во разни форми , низ целиот свет, не чувствувам дека скокам во делото на мојот пријател Вајз од пред шест децении“- има речено режисерот Спилберг.
Во својот филм , овој прославен режисер оди подалеку од правењето нова верзија и во интервјуто зборува за тоа како имал десет години кога неговиот татко , во 1957 година, му донел албум со сите тогаш познати актери од њујоршки Бродвеј и тврди дека откако млад застанува зад камерата, прво работејќи на телевизија, а потоа и на филмот, постојано бил носен од мислата да сними филм-мјузикл.
Тој и припаѓа на генерацијата на Френсис Форд Копола, Брајан де Палма, Џорџ Лукас и Мартин Скорсизе, кои сите во меѓувреме имаат направено по едно вакво остварување. Нема само Спилберг, иако тој во два свои филма има вклучено ревиски, мјзукл сцени и секвенци.
Дамнешна желба
„Сега, конечно, се враќам на таа своја дамнешна желба, сега кога веќе имам близу 75 години“- рекол режисерот за лондонскиот весник.
Спилберговата верзија на „Приказната од Западната страна„ (велат) содржи ефикасност и развива присност, давајќи приказ на расната и на социјалекономската специфичност што претходната верзија нема успеано да ги прикаже.
Од тоа време, на пример, го нема т.н. Сан Хуан Хил, квартот во Менхетен што е целосно разурнат и веќе не постои. Тоа е кварт населен со латиноамерикански емигранти- Порториканци, како што е и еден од двата главни лика во мјузиклот и во филмот. А, во спилберговата верзија е дадена поголема тежина и достоинство на ликовите од таа етничка заедница, со што културата и расизмот со кои се соочувала, во времето кога приказната се случува, се поостро обликувани.
Современи Ромео и Јулија
„West Side story” е приказна за љубовта на двајца млади- во една романса налик на онаа кај Шекспир, за Ромео и за Јулија. Овде , меѓутоа, станува збор за (недозволената) љубов на еден Американец- „Грингос“- и на млада Порториканка, сместена во Њујорк , во педесетите години на 20 век. На нивната љубов се спротивставуваат двете семејства, етничките разлики, нетрпеливоста на белата и латиноамериканската заедница.
Ликот на Тони го игра Ансел Елгорт, а на Марија , Рејчел Зиглер. Во првата верзија- Тони и Марија – беа тогаш младите Џорџ Чакирис и Натали Вуд. Во таа верзија, како млада другарка на Марија се појави Рита Морено, која Спилберг ја има убедено да се појави и во неговата верзија- иако сега длабоко возрасна- во една друга улога.
Познатите и се уште популарни музички нумери , ги изведува Филхармонијата од Лос Анџелес, а со оркестарот диригира познатиот диригент Густаво Дудамел.