Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русија наредила убиството на Чеченец во Берлин

ewastudio/Depositphotos.com

Русија наредила убиството на Чеченец во Берлин

Судот во Берлин му изрече казна – доживотен затвор – на рускиот државјанин Вадим Красиков, за убиството на етничкиот Чеченец, од грузиско потекло Зелимкан Кангошвили (40). Во пресудата се вели и тоа дека убиството е нарачано и дека како нарачател за ликвидацијата на Чеченецот стои државата Русија.

Убиството се случи во летото 2019 година, среде бел ден, во паркот Тиргартен во германскиот главен град, што се наоѓа блиску до зградата на германскиот Парламент. Човекот беше ладнокрвно убиен со истрел од близу во главата.

Случајот и тогаш, а и сега по изрекувањето на пресудата, предизвика бурна реакција во германската јавност. Официјален Берлин веднаш нареди протерување на двајца руски дипломати, откако новата министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека убиството е „извршено со наредба на државна агенција на Русија“.

Рускиот амбасадор Сергеј Нехајев, пак, пресудата ја означи како „политички мотивирана“, критикувајќи ја притоа и одлуката за протерување на двајца дипломати. По убиството, пред повеќе од две години, Берлин исто така реагираше со протерување на двајца руски дипломати.

Убиство во парк

Обвинетиот Вадим Красиков кој претходно беше познат и како Вадим Соколов, беше обвинет за убиство и за прекршување на германскиот закон за поседување и за носење оружје.

Веднаш по убиството, убиецот се обидел да го сокрие својот идентитет и извршеното злосторство на тој начин што се обидел да се демаскира. Ја тргнал периката,  а потоа ги фрлил во реката Шпреја, велосипедот што требало да му помогне да изгледа како обичен посетител на паркот, дојден за прошетка, но и оружјето со кое го извршил убиството.

Според обвинителството, убиецот со велосипедот дошол до зад грбот на жртвата и ладнокрвно му пукал во главата со „Глок 26“, со пригушувач.

И покрај обидот да се сокрие и да побегне од местото на убиството, полицијата брзо го има откриено и тој бил уапсен.

Германското сојузно обвинителство, тврди дека убиството на Чеченецот го наредиле – или во Москва, или пак властите на руската република Чеченија.

По налог на државен орган

Убиениот Кангошвили е поранешен командант на чеченските бунтовници, во периодот меѓу 2000 и 2004 година, во времето кога Чеченија беше во војна за својата независност од Русија. Од 2016 година беше азилант во Германија.

Во образложението за пресудата, судијата во процесот рекол дека – “Најдоцна во јуни 2019 година, државните органи на централната власт на Руската Федерација донеле одлука да се ликвидира Кангошвили во Берлин. Четири деца останаа без татко, две други лица без својот брат“.

Во текот на судењето беше објаснето дека Красиков патувал од Москва до Париз, па од таму до Варшава, од каде се префрлил во Берлин. Допатувал за да убие политички противник. За убиецот е речено дека е припадник на специјалното одделение на руската тајна служба.

Според судијата, не е точно тврдењето на некои медиуми дека процесот значи судење на Русија, или дури на Владимир Путин. Тој има речено дека во процесот му се суди само на обвинетиот и осуден извршител.

„Она што нам, како суд и судии ни е дадено како задача е да ги објасниме околностите на овој криминален чин„ – рекол во својот завршен збор судијата.

Ликвидации во странство

Големата гласност што убиството го има добиено во Германија и во Европа е затоа што ваквиот начин на ликвидација не е прв. Во неколку случаи досега се посочуваше на нелегалните операции за убиство на политички противници, дисиденти или остри критичари на власта, што ги има извршено руската тајна служба ГРУ. Најмногу од нив на тлото на Велика Британија.

Уште во 2004 година, со вакви ликвидации се почна во Катар, каде двајца руски ликвидатори го убија поранешниот чеченски лидер Зелемкан Јандарбаев. Убијците беа осудени на доживотен затвор, а судот констатира дека убиството било извршено по налог на руските власти.

Потоа, се продолжи на британска почва. Прво, со бруталната ликвидација на Александар Литвиненко, во ноември 2006 година, со помош на радиоактивниот изотоп Полониум – 212. Продолжи со обидот да се убие поранешниот олигарх и политичар Борис Березовски во хотелот „Хилтон“ во Лондон, кој по некоја година беше најден мртов, во едно сомнително самоубиство.

Во 2018 година беше извршен обид да се убијат побегнатиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка, во куќата во која живее во Солзбери, западна Англија, со помош на нервниот агенс Новичок.

Случајот Навални

И за убиството на Литвиненко и за обидот за Скрипал, британскиот Скотланд Јард обвини припадници на руското ГРУ. Во вториот случај, дури и ги откри и идентификува извршителите, уловени од безбедносните камери на железничката станица во Солзбери, кога се испостави дека двајцата, имале по неколку пасоши, со повеќе разни имиња. Како што имал и убиецот во Берлин.

Последна жртва требаше да биде Алексеј Навални кој, меѓутоа, го преживеа нападот со Новичок, само благодарејќи на присебноста на авионската посада на авионот со кој патуваше од Томск за Москва. Пилотот на своја рака, вонредно, се спушти во Омск, па Навални можеше брзо да добие лекарска нега и да остане жив.

Подоцна, замина на лечење во Германија, но кога се врати, веднаш беше уапсен. Се уште е во затвор – наводно, за прекршување на условната казна и ослободувањето со кауција за „финансиски прекршок“.

(Д.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе