Борба со короната на кинески начин
Пред нешто повеќе од две години во Кина беше регистриран првиот случај со коронавирусот, кај една продавачка на пазарот во градот Вухан, кој набргу по тоа ќе стане епицентарот на најголемата глобална епидемија во последните над 100 години, откако од овој десетмилионски град, смртоносниот вирус со голема брзина се рашири низ државата, а потоа и низ светот.
Се уште траат расправиите меѓу кинеските власти, Светската здравствена организација (СЗО) и епидемиолозите низ светот околу тоа – дали коронавирусот е (навистина) се има создадено по природен пат, од тамошните пештерски лилјаци, или пак во некоја од вирусолошките лаборатории во Вухан, од каде (како што се верува) по грешка има „излезено“ од некој од истражувачките центри и раширено низ градот.
Кина и Европа
Кина, потоа, се пофали дека успеала брзо да ја стави епидемијата под контрола, иако никој од надвор, како што би бил некаков независен посматрач, нема сознание за вистинските бројки и за последиците од пандемијата – и во Вухан и во земјата. За разлика од другите делови на светот, во Европа и Америка, пред се, каде епидемиолозите и лекарите, заедно со политичарите, се уште војуваат со вирусот и со неколкуте негови мутации.
Како пред две години, околу новогодишните празници, така и оваа година, Европа, посебно, одново се соочува со епидемијата и со голем број новозаразени лица – во најголем број млади луѓе и безмалку 80 отсто од нив – невакцинирани. Овој пат со најновиот вирус – мутант, наречен омикрон.
Ако во почетокот на 2020 се чекаше на вакцина за овој вирус, пред почетокот на 2022 година, сите европски држави – и на Истокот и на Западот – имаат проблеми со одбивањето на не мал број од луѓето да се вакцинираат.
Ситуацијата во Сијан
Во ваквата атмосфера, максимално се има засилено едно, до пред две години, маргинално движење на антиваксери – луѓе од разни возрасти кои се плашат од медицинската игла. Тие се спротивставуваат на имунизацијата – наговарајќи и други да се опираат не само на масовното вакцинирање, туку и на сите мерки за одбрана од вирусот.
Во Кина, пак, велат, се уште нема случаи со новозаразени со овој тип вирус. Но, земјата од минатиот месец признава дека коронавирусот се има вратено таму од каде тргна. Веројатно властите во Пекинг, беа приморани да го признаат тоа, затоа што кинескиот главен град е домаќин на Зимските олимписки игри.
Нема прецизни податоци за тоа каква е епидемиолошката ситуација во Пекинг, но затоа се знае дека градот Сијан во кој живеат околу 13 милиони луѓе е прогласен за жариште на кризата и дека ситуацијата таму е далеку најлоша во целата земја.
И за Сијан се тврди дека нема случаи на омикрон, но повеќе илјади лица (според она што им е соопштено на СЗО) се водат како новозаразени и заболени од Ковид.
Страв за зимската Олимпијада
Кинеските власти, сепак, се имаат определено за ригорозни мерки во борбата со вирусот, стравувајќи дека влошувањето на епидемиолошката ситуација, не само што (наводно) ќе му наштети на имиџот на Кина – што тамошната Комунистичка партија го гради – и дома и во странство, туку и затоа што за четириесетина денови почнува Олимпијадата. Овој голем спортски настан може да биде загрозен доколку работите би тргнале на лошо.
Затоа, милиони жители на Сијан се наоѓаат во карантин. Не може да излезат од дома, освен за на работа, на училиште или на лекар. Владата во Пекинг, побара од Кинезите кои работат во странство, да не доаѓаат дома, за време на кинеската Нова година.
Улиците се дезинфицираат од 18 часот секој ден, па поради тоа не смее да се вози ниту автомобил, по тоа време. Оној што нема да ја почитува оваа мерка ќе биде веднаш уапсен и испратен во затвор. Полицијата, во друштво на здравствени лица, ги контролираат и патиштата. За непочитување на оваа мерка (возење без потреба) е предвидена и парична казна во вредност, рамна на 70 евра, што е висока казна за кинескиот стандард.
Локдаун во Пекинг
Остри мерки се воведени и во кинескиот главен град, каде се врши масовна дезинфекција на сите отворени простори и во сите згради, како и на патиштата, иако (се тврди) дека имало само 150 новозаразени лица.
Воведен е и карантин, а на почетокот на локдаунот е спроведена операција на масовно тестирање, по кое многу повеќе луѓе – над 30 илјади – морало да бидат ставени во изолација во хотелски карантин.
Затворени се сите фирми за кои се смета дека не се од суштинска важност, а на домаќинствата им е наложено – само едно лице да може да излегува и да купува потреби за семејството – на секои три денови!
Велат дека ваквите строги мерки се наложени од Комунистичката партија на Кина.
Европски експерти, меѓутоа, признаваат дека тоа би можело да се спроведе и дисциплинирано да се почитува само во земја каква е Кина. Пред се, поради стравот на луѓето од репресијата. Друга работа е дали ова се прави поради претстојната зимска Олимпијада, или пак епидемиолошката ситуација е многу полоша од она која јавно се соопштува. Односно, дека бројот на новозаразените е многу повисок.
(С.Г.)