Максвел осудена за подведување малолетнички
Британката Гилејн Максвел, поранешна љубовна партнерка на американскиот милијардер и педофил Џефри Епстајн е прогласена за виновна од поротата на сојузниот суд на Менхетен, во Њујорк, за сексуално подведување малолетнички – тинејџерки. Поротата ја осуди за пет од шесте обвинувања за кои ја товареше обвинителството.
Таа беше обвинета за регрутирање и за подготвување млади девојки на тинејџерски години, за да бидат користени за сексуално насилство и изживување за потребите на Епстајн, кого угледниот американски дневен весник „Њујорк Тајмс“ го има прогласено за „најзлогласниот сексуален престапник во поновата американска историја“.
Партнер во злосторството
Максвел беше уапсена во јули 2020 година, една година по самоубиството на нејзиниот партнер, во својата затворска ќелија, додека очекуваше да биде изведен на судење за подведување на тинејџерки на возрасни, но богати и влијателни господа од Њујорк, од Америка, како и од светот. Во затворот беше нешто повеќе од еден месец.
Се очекуваше постапката околу осудувањето на Максвел да трае околу шест недели, но пресудата беше изречена за помалку од еден месец.
Според зборовите на државниот обвинител, Максвел ги „ловела младите, лесно ранливи девојки, вешто ги манипулирала и потоа му ги нудела на Епстајн за разни сексуални задоволства. „Тоа ја има направено Максвел да биде партнер во криминалот и злосторството на Епстајн“ – рекол обвинителот во своето елаборирање на нејзиниот случај пред поротата.
Во својата одбрана, таа има речено дека не е виновна по сите точки на обвинението што се однесуваат за периодот од 1994 до 2004 година. Сега, меѓутоа, се соочува со затворска казна до 80 години.
Во текот на судењето, адвокатите на Максвел инсистираа дека таа и целиот процес против неа се користат за да биде „жртвувана“ пред американската јавност, кога веќе не може да му се суди на главниот виновник Епстајн, кој самиот си пресуди во јули 2019 година.
Ќерка на милијардер – измамник
Обвинителите, меѓутоа, тврдеа дека таа имала „главна улога“ во подведувањето на малолетничките. Првите три обвинувања се однесуваат за времето меѓу 1994 и 1997 година, кога таа ја работела оваа валкана и криминална работа и во исто време била во интимна врска со Џефри Епстајн.
Гилејн Максвел е ќерка на познатиот британски милијардер и медиумски тајкун Роберт Максвел кој, на времето, пред многу години, поседуваше низа весници, меѓу кои и лондонски таблоид „Дејли Мирор“.
Животот го заврши на мистериозен начин, со загадочна смрт која никогаш не беше до крај објаснета. Официјално беше речено дека се удавил, паѓајќи во морето од својата јахта, вкотвена покрај Балеарските острови во Шпанија.
Малкумина веруваат во таа верзија, затоа што неговата ненадејна смрт уследи по големиот скандал и откритието дека шпекулирајќи со акциите на берзите, ги има нелегално искористено и парите од пензискиот фонд на своите вработени, па требаше да одговара за грабеж. Во тие години, бегајќи од скандалот, Гилејн одлучила да се пресели во САД.