Јавно понижување за непочитување на анти-ковид мерките
Жителите на Кина важат за дисциплинирани кога станува збор за почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот. Кина нема (барем не се имаат јавно огласено) антиваксери, а државата настојува целосно да се ослободи од короната.
Не само поради пропагандата за силината на кинеското здравство и за способноста на државата да се надмине епидемијата, која инаку токму Кина му ја даде на светот, туку и затоа што за четириесетина денови, во Пекинг почнуваат зимските Олимписки игри.
Сето тоа се случува во време кога короната, сепак, се врати во Кина.
Не е тоа ни блиску на обемот што пандемијата ја има во Европа и Америка, на пример, но има делови од земјата што се ставени во локдаун. Така е и во Пекинг – каде се прави се што е возможно, Олимпијадата да се одвива несметано и над се, безбедно, кога станува збор за епидемијата.
Затоа, властите имаат воведено крајно остри мерки за одбрана од вирусите, дури и на локации каде има по само стотина заразени. За непридржување на ваквите мерки, се предвидени парични, па дури и затворски казни.
Сепак, локалните власти на покраината Џингси деновиве отидоа најдалеку. Се определија за јавно понижување на оние кои не ги почитуваат анти – ковид мерките, на тој начин што „виновниците“ ги имаат натерано да поминат низ главната улица на еден од поголемите градови, каде насобраните граѓани ќе ги исвиркуваат.
Врзани, со лисици на рацете, облечени во лекарски „скафандери“ и придружувани од полицајци во заштитна опрема – како да се марсовци, или вселенски патници – четири лица кои се огреѓиле на епидемиолошките мерки беа осрамотени за сторениот грев.
Не се открива каде и како завршиле овие луѓе, но некои реакции на (инаку) контролираните кинески социјални мрежи се разликуваат од општата слика со која се има разбирање за постапката на властите. Се критикува постапката на властите во Џингси – како претерана – како да е од пред повеќе од сто години во кинеската провинција, или пак, како да се случува во времето на по зло познатата кинеска „Културна револуција“ од седумдесеттите години на 20 век.
(Г.И.)