Без обвинување за екс гувернерот Куомо
Државниот обвинител на округот Олбени, во сојузната држава Њујорк, соопшти дека нема да биде покренато никакво обвинување против поранешниот гувернер на оваа американска држава Ендрју Куомо. Тој беше осомничен за „сексуално вознемирување“. Нема да има обвинување, затоа што нема доволно докази за стореното кривично дело.
Во службеното соопштение се вели дека обвинителството детално ги има испитувано наодите од пријавата против Куомо, што ја има поднесено неговата поранешна соработничка Британи Комизо. За неа се вели дека во текот на истрагата била „кооперативна и кредибилна“, но дека, сепак, обвинителство не може да обезбеди силни и валидни докази за да поренешниот њујоршки политичар биде изведен на суд.
„Сексуално вознемирување“
„Секако дека и државното обвинителство, како и мнозинството граѓани на Њујорк се вознемирени од вакви случаи и од вакви обвинувања. И сигурно е дека за вакво однесување нема место во државната администрација, но и на било кое друго работно место“ – изјавил обвинителот затворајќи го овој случај.
Во октомври 2020 година, Комизо го обвини јавно, а потоа поднесе и кривична пријава до обвинителството против Куомо дека во една прилика, додека обајцата биле службено во Олбени, тој ја додирнувал по градите, без нејзина согласност. Инцидентот се случил пред неколку години, кога таа била во своите рани триесетти години.
Куомо од почетокот ги негираше сите обвинувања за „сексуално вознемирување“ – како оние на Комизо, така и на жените кои како и неа го обвинуваа за истото, или за слично однесување на гувернерот.
Тој постојано се бранеше дека неговото настојување да биде близок со своите соработници (и со жените во неговиот кабинет) и да се покаже како „пријателски наклонет шеф“ биле погрешно разбрани како додворување, или дури и како „сексуално вознемирување“.
Приватна парница
Адвокатот на тужителката, најави дека за него и за неговиот клиент, случајот, сепак, не е завршен. Тој рекол дека откако обвинителството објави дека нема да покрене постапка по службена должност, сега случајот на Комизо ќе се преиначи во приватна парница во која таа ќе бара правна сатисфакција за она што и се има случено.
Нејзиниот случај не е единствен, затоа што вкупно 11 жени кои имаат работено со Куомо го обвинија и го тужеа за разни облици на сексуално вознемирување, па и за насилство.
Но, пред божикните и новогодишните празници и обвинителството на округот Вестчестер, соопшти дека нема да има кривично гонење за Куомо, по обвинувањата што против него ги имаа поднесено две други жени, од оние 11 екс соработнички на поранешниот гувернер.
Во ова соопштение, исто така, се вели дека осомничениот не може да се обвини по службена должност, затоа што случаите не ги задоволуваат процедурите кои ги предвидуваат законите на државата Њујорк.
Притисок и од Бајден
Во средината на август 2021 година, гувернерот Куомо поднесе оставка по силниот притисок што врз него го имаа извршено јавноста, како и медиумите.
Во еден момент, откако службената истрага на обвинителството на сојузната држава констатира дека со своето однесување гувернерот има прекршено сојузни и државни закони се огласи и претседателот на САД Џо Бајден кој побара од него да се повлече од функцијата.
Куомо беше три пати избиран за гувернер на оваа сојузна држава. Државната обвинителка на Њујорк Летиша Џејмс, која го покрена случајот против Куомо, сега е еден од кандидатите за неговата гувернерска функција.
Поради случајот настрада и неговиот помлад брат, познат новинар – водител на Си – Ен – Ен – затоа што беше осомничен за повреда на новинарската етика, врзана за непристрасност во работата, откако се разбра дека приватно настојувал да му помогне на братот – гувернер. Прво беше суспендиран од работата, а потоа водителот Куомо доби и отказ од телевизиската компанија.