Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Сериозно разнишан кредибилитетот на Ѓоковиќ“

„Сериозно разнишан кредибилитетот на Ѓоковиќ“

Српскиот политички активист, Бранислав Грубачки, основач на движењето Нов Оптимизам, реагирајќи на се она што се случува околу Новак Ѓоковиќ во Австралија, но и во Србија, изјави дека тоа сериозно ќе му наштети на неговиот углед на меѓународната сцена, а посебно ќе го разниша неговиот кредибилитет.

Без разлика што во Белград се слави неговата „победа“ над австралиските власти.

Според Грубачки најголема заслуга за тоа ќе има неговото семејство кое војува со австралиските власти и при тоа има употребувано зборови кои не му доликуваат на човек кој претендира да биде најдобриот тенисер и спортист во светот. Тој смета дека и самите власти во Австралија се имаат најдено во слична ситуација, доведувајќи го во прашање својот, инаку, мошне строг, имигрантски систем.

Инфициран игра тенис

Целата работа околу српскиот тенисер доби нова насока, кога се откри дека во судските документи, со кои адвокатите на Ѓоковиќ ја уриваа одлуката да му се поништи влезната виза, бил приложен „крунски доказ“ – дека светскиот рекет број 1, на имиграциските власти, на аеродромот во Мелбурн им има предадено ПОЗИТИВЕН резултат од ПЦР тест, на кој има датум од 16 декември. Тоа значи дека Новак бил заразен со коронавирусот.

Никој за тоа (во Белград и во Србија) не бил известен и не знаел. Тој никогаш не е виден со маска на лицето, ниту дека на било кој начин ги почитува епидемиолошките мерки во сопствената држава, при јавни појавувања и при среќавање со непознати луѓе.

Затоа, дел од белградските медиуми кои настојуваат колку, толку да останат непристрасни во општата политизација на „случајот Новак“ и во грубото навивање за него, прикажувајќи го сето тоа, како „одбрана на српството“, почнаа да се појавуваат прашања во стилот – од каде сега наеднаш нешто вакво.

Односно – како било можно, само еден ден по откривањето дека е инфициран со вирусот (позитивен на тестот), полн со себе, врачувал пехари на млади тенисери, потоа присуствувал на свеченост на промоција на поштенска марка (на сите фотоси е без маска), а некој ден подоцна, онака „инфициран“, играл тенис со другарите пред својата зграда.

Сомнителен „крунски доказ“

Поради сето ова, Грубачки изразува сомнеж во валидноста на ПЦР документот.

„Имаме провизорен тип на држава. Во неа не е тешко и обичен човек да најде лажен тест за короната, за да патува некаде во странство, а камо ли еден Ѓоковиќ“ – изјавил овој српски политичар за белградската Н – 1 телевизија.

Тој признава дека не ги знае сите детали околу случајот, но вели дека не сака ниту да биде заложник на медиумските манипулации во кои се најде државата Србија, околу една проста работа. А, таа е дека Новак сака да игра на Австралија Опен, а австралиските власти одлучија да не го признаат претходното одобрување – да биде изземен од обврската да биде вакциниран.

Грубачки се согласува дека во оваа спортско – епидемиолошка работа, се замеша политиката. Како српската, така и австралиската – каде во тек е предизборна кампања, а Србија е на помалку од три месеци до претседателски и парламентарни избори, на кои власта сака да победи.

„Но, сепак, не можам ниту да замислам, што овде (во Србија) би се случувало доколку некој Австралијанец, спротивно на волјата на домашните власти, се обиде да направи нешто слично, како она што го има направено Ѓоковиќ“ – забележува соговорникот на Н – 1 и оценува дека српскиот тенисер се има заплеткано во нешто што досега го нема направено.

Неодговорно однесување

Овој српски политичар се согласува дека станува збор за најдобриот српски спортист на сите времиња, меѓутоа, инсистира дека тоа што Новак игра извонреден тенис не значи дека „сите во Србија треба да ги следат будалштините на неговото семејство“, кои во основа, го покажуваат лицето на српското општество.

Во општеството кое има толку многу други проблеми, наеднаш – главно прашање стана – што тоа се случува со Ѓоковиќ и со неговите ставови, кои инаку, сами по себе, се проблематични.

Во секој случај, негово е право да не се вакцинира, но е неодговорен неговиот начин на однесување, што инаку го преплави светот, да не се почитува она што е пропишано.

„И, да не се заборави дека Австралија имаше најдолг локдаун (18 месеци) во светот, што Австралијанците трпеливо го издржаа, па е нормално тамошната јавност да реагира така како што реагираше – кога Новак (невакциниран) доби изземање за влез во земјата“ – има речено основачот на српското движење Нов Оптимизам Бранислав Грубачки.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе