Десетмината најбогати го дуплирале богатството
Десетмината најбогати луѓе во светот, двојно го зголемиле своето богатство во текот на ДВЕТЕ ГОДИНИ од глобалната ПАНДЕМИЈА со коронавирусот.
Во исто време, глобалната сиромаштија и нееднаквоста се зголемени – открива извештајот на Оксфам, конфедерација на хуманитарни организации, насочени кон намалувањето на сиромаштијата во светот.
Извештајот е направен пред одржувањето на виртуелниот мини – самит на светските лидери, што ќе се одржи под покровителството на Светскиот економски форум во Давос, кој инаку (поради вратената пандемија) е поместен за подоцна, оваа пролет.
Според анализите на Оксфам, богатството на овие десетмина се зголемило – од претходните 700 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ, на 1,5 БИЛИОНИ (или 1500 милијарди). Нивото богатство, изминатите две години, растело просечно, по стапка од 1,3 милијарди – секој ден!
Анализата открива дека богатството на првата „десетка“ милијардери во која се – Џеф Безос, Илон Маск, Марк Цукерберг, Лари Пејџ, Сергеј Брин, Бернар Арно, Бил Гејтс, Стив Балмер, Лари Елисон и Ворен Бафет – во текот на пандемијата растело побрзо, отколку во претходните 14 години. Тоа е времето кога светската економија се соочуваше со длабока криза и со рецесија која финансиските експерти ја оценуваат како најлоша уште од големиот светски монетарен крах во 1929 година.
За оваа организација, постоечката и зголемена глобална нееднаквост (во врска со распределбата на богатството), претставува „економско насилство“.
Оксфам дури тврди дека таа разлика (меѓу многу богатите и многу сиромашните) има придонесено за смртта на 21 илјада лица – секој ден – поради немањето пристап до соодветна здравствена заштита, поради зголемено насилство врз родна основа, од глад, но и од климатски промени.
Во извештајот се повикуваат владите во светот да се изврши даночна реформа, за да од повеќето насобрани пари, би се финансирало производството на вакцини низ целиот свет, но и за здравствена заштита, уредена и за најсиромашните држави и нивното население.
Исто така, Оксфам заговара и прилагодување на климата и запирање на климатските промени, како и намалување на насилството врз родова основа, бидејќи се верува дека на тој начин ќе може да се спасат многу животи.
Организацијата соопшти дека при анализите, а посебно при изработката на пресметката за богатството на овие десетмина милијардери, биле користени најновите (достапни) извори на податоци, а била користена и последната листа на милијардерите (за 2021 година) на американското деловно списание Форбс.