Природниот гас како оружје
Кризата на украинско – руската граница и предвоената ситуација на Истокот од Европа, поврзана со заката од руска инвазија врз Украина, која трае со месеци, предизвика раст на цените на гасот и на горивата. Не е тоа единствената причина за актуелната енергетска криза, но цената на природниот гас е двојно поголема.
Загрижува што таа може уште повеќе да се зголеми, доколку руската армада се спушти на украинската територија и таму избие вистинска војна.
Тогаш. кризата (пред се за ЕУ и за Европа) би можела да го достигне својот врв, особено што Русија е голем производител и извозник, а Украина земја – транзитер за природниот гас од руските наоѓалишта кон Европа. Во такви услови, земјите од континентот би се соочиле со ситуацијата, не само да плаќаат многу повисока цена за оваа енергетска суровина, туку и да останат без неа.
„Северен ток 2“ без лиценца
Во настојувањето да се спречи руската воена интервенција, САД и ЕУ подолго време се закануваат со „тешки санкции“ за Москва. Има цел список од (навистина) остри мерки, какви досега не биле применети. Меѓу нив е и природниот гас што на тој начин, од политичко – економско орудие, се претвора во „огнено“ оружје.
На руската страна, како контра – мерка, доколку се воведат санкции, без разлика што нема никакво оправдување за воен напад врз Украина, а на западната (европската) страна – како одбранбено оружје – за да се спречи најлошото.
Во таквата атмосфера, САД и Германија како свое „тајно“ оружје сега го посочуваат и руско – германскиот мега проект, гасоводот „Северен ток – 2“. Станува збор за 1200 км долгиот подморски гасовод од Русија до Германија, што оди паралелено со веќе активниот гасовод „Северен ток – 1“.
Гасоводот е изграден и готов за користење уште од септември 2021 година, но е прогласен и како контроверзен за повеќето западни земји и САД. Се уште нема ниту лиценца за работа. Таа треба да ја издадат ЕУ и германските власти, но пред една недела Германија се огласи дека (засега) нема да има дозвола за да потече руски гас.
„Мртва инвестиција“?
Како сега стојат работите, овој со милијарди вреден проект, нема уште долго да проработи. Секако не, пред да смират тензиите на руско – украинската граница и Москва не ја повлече својата огромна воена сила насочена како закана кон Украина. САД, ЕУ и германската страна веќе соопштија дека доколку има руски напад, „Северен ток 2“ ќе остане како „мртва инвестиција“.
Германија и европските земји, сега, ги добиваат договорените количества природен гас – преку „Северен ток 1“ што е пуштен во работа пред десет години, како и преку постоечката мрежа гасоводи (меѓу кои е и украинската врска) кои го транспортираат рускиот гас.
Доколку би работел и вториот ток, меѓутоа, низ него би пристигнувале дополнителни 55 милијарди метри кубни, годишно.
Тоа е многу гас за Германија и за ЕУ, како и енергија за нивната индустрија и за задоволување на потребите за цела низа потрошувачи. Но, работата на “Двојката“ значи и многу пари – приход од гасот за Русија и за тамошната економија. Сопственик на новиот гасовод е руската државна компанија „Газпром“.
Контроверзен проект
Тоа значи дека им треба и на двете страни. Посебно и е потребен на руската страна, за да ги врати големите средства вложени во неговата изградба и да носи пари – кои би биле преку потребни во случај на некаков конфликт и во случај на воведување нови, економски санкции за Русија.
Меѓутоа, уште од почетокот, од моментот кога беше најавено дека ќе се гради уште еден гасовод, покрај веќе постоечкиот, проектот предизвикува бројни контроверзии.
Германските сојузници, како и европски и американски безбедносни експерти ја критикуваа тогашната канцеларка Ангела Меркел што воопшто се има согласено да се гради „Северен ток 2“. Според нив, Москва и Владимир Путин добиваат (уште една) алатка, но и оружје за да се има Европа и Западот под контрола – преку мешање во европската (и германската) надворешна политика – што веќе се случува.
Полска и Украина, први реагираа против градењето на гасоводот, а потоа силно почнаа да се спротивставуваат и Американците. За Вашингтон, вториот гасовод ги претвора Европејците уште позависни од рускиот гас и од руската енергија, префрлајќи ја моќта од ЕУ, од Брисел и Германија, во рацете на Путин.
Во услови на сегашната криза, официјален Киев дури бара „Двојката“ воопшто да на добие дозвола за работа.
„Чип“ во рулетот на Путин
Сега од Русија за Европа тече многу повеќе гас преку гасоводите низ украинската територија, од капацитетот што го има „Северен ток 2“. Се смета дека со новоизградениот гасовод, Украина која има економски интерес од својата положба на „транспортер“, доколку биде заобиколена ( а, ќе биде) – ќе загуби 1,8 милијарди евра од транспорните такси што сега ги наплатува.
Во Киев, затоа, се гневни бидејќи во тој случај Украина би била казнета, што наместо кон Истокот (Русија) се сврте кон Западот и што целосно се врзува за него. Полска, пак, се лути на Германија затоа што со „Двојката“ Москва ја засилува својата позиција кон ЕУ и го зголемува своето влијание – разбивајќи го единството – што веќе го прави последниве години.
Во новите услови на време пред војна во Европа, новиот гасовод, на некој начин, се најде во улогата и на „одржувач и чувар на мирот“, како што тоа го има речено британскиот министер за одбрана Бен Валас.
Станува „чип“ во воено – политичкиот рулет што го игра рускиот претседател, со градењето на кризата околу Украина – за кој, безбедносни експерти велат дека може да ги измени работите на теренот.
Проблеми и за Европа
За Русија, „Северен ток 2“ е мошне значаен, бидејќи префрла гас во Европа – директно – не преку трета страна (Украина), со што се скратува транспортот и се намалува цената која ја плаќаат крајните корисници – не се вкалкулираат транспортните трошоци.
Затоа, Москва сака тој да проработи што е можно поскоро, па се верува дека она што најмалку го посакува е гасоводот да остане затворен на неопределено време.
Сепак, санкциите со блокада на новиот гасовод, ќе ја погодат и Европа. Европските земји веќе се соочуваат со силното поскапување на гасот и со помалите количества од оваа суровина кои се наоѓаат на пазарот.
Посебно би биле погодени Германија и нејзината економија. Освен тоа, со гас се загреваат 26 милиони германски домови, а зголеменото користење на гасот ќе и помогне на земјата побрзо да се изврши тамошната еко транзиција – од јагленот на другите енергии.
Од безбедносна гледна точка, меѓутоа, заканата за Европејците би била поголема доколку Русја ја прекине испораката на гас преку украинската територија. Таа закана, преку употребата на гасот како оружје на Путин, се смета дека е реална и таа се вкалкулирува во сите планови за тоа како да се реагира на евентуалната руска инвазија.
Потрага за алтернативно снабдување
Европа со голема соработка на САД, работи на изнаоѓањето алтернативно снабдување (наместо рускиот гас).
Една опција е Норвашка и нејзиниот гас (оваа земја е вториот најголем снабдувач, после Русија), како и од Холандија, Британија и Данска, преку постоечката мрежа од гасоводи низ ЕУ/Европа. САД притискаат врз Обединетите Арапски Емирати – да се пријават како резервен снабдувач – во случај на руска одмазда за санкциите.
Во меѓувреме, Австралија се понуди да се уфрли на пазарот и да го покрива (можниот) кусок од гас.
Познавачи на енергетските состојби, предупредуваат дека таквата замена на рускиот за гас од секаде, не е така лесна и едноставна операција.
Норвешка се огласи дека веќе сега ги има до максимум искористено своите можности за извоз за Европа, па затоа тешко би можела да го покрие количеството што сега го дава Русија. Емиратите (велат) ја условуваат ЕУ, а голем проблем би било и самото транспортирање на толку големо количество гас. Дури и да се најде замена за рускиот гас.
(С.С.Г.)