Пенс: Трамп немаше право да ги поништи изборите
Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс ги отфрли како сосема неточни тврдењата на Доналд Трамп дека тој можел – доколку сакал – да ја попречи инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден за да и официјално стане претседател на САД, во јануари минатата година.
Во една досега најостра изјава (против екс претседателот), Пенс рекол дека ваквите тврдења на Трамп се сосема неточни и без основа. Затоа што тој не можел (ниту имаше право) да ги преобрати изборните резултати (во своја полза).
Екс претседателот би му судел на Пенс!
„Неточно и лажно е тврдењето на Доналд Трамп дека изборите (ноември 2019 година) биле фалсификувани, а дека резултатот е грабеж“ – рекол екс потпретседателот, додавајќи дека немало никаква основа да се поништуваат изборите.
„Изборот на претседател на САД им е оставено на Американците и само на нив“ – има речено Пенс, одговарајќи му на тој начин на поранешниот претседател кој го има обвинето својот поранешен потпретседател што не реагирал како него.
Пенс, всушност, уште тогаш му се спротивстави на Трамп, прифаќајќи дека Бајден е најлегално избран и дека тој е новиот претседател на Америка.
Трамп продолжува со своите измислици за постоење некаков „таен заговор“ – тој да не биде избран и да не добие и втор мандат, што инаку го посакуваше по секоја цена. Сега зборува дека специјалната истрага што ја води Конгресот за настаните од 6 јануари 2020 година, би требало да му суди на Пенс, а не на насилниците кои навлегоа во Конгресот!?
Бунт на Капитол Хил
Припадници на улични банди, разни расисти, ултра – десничари од секаков вид, насила навлегоа во зградата на Конгресот (Парламентот) на САД, на Капитол Хил, во Вашингтон, во моментот кога конгресмените се собраа на специјална седница (вообичаена постизборна процедурална постапка) за да го потврдат изборот на нов претседател.
Четири лица загинаа во дивеењето на толпата, а еден полицаец кој доби мозочен удар бранејќи го Конгресот, почина следниот ден.
Во истражната комисија, покрај демократи има само двајца републикански конгресмени. Лиз Чејни, инаку ќерка на поранешниот потпретседател Дик Чејни, кога претседател беше Џорџ Буш, како и Адам Кинзигер.
Поради тоа, обајцата беа судени и осудени од раководството на републиканската партија, но не беа исклучени.
Чејни беше претходно сменета од лидерската функција на републиканците во Конгресот, затоа што прва го критикуваше Трамп и неговото однесување пред упадот на насилничката толпа, а и прва ја прифати изборната победа на Бајден, кој на тие избори освои најмногу гласови на Американците, како никој друг пред него.
„Републиканците заложници на Трамп“
На осудата од партијата, Чејни и Кинзигер реагираа со остро соопштение, обвинувајќи го водството на својата партија дека „се има претворено во заложник на еден човек кој и самиот има признаено дека сака да ги поништи изборните резултати.
Подржан и охрабруван од луѓе од кои некои беа и судени за ковање заговор“. Само републиканскиот сенатор Мит Ромни им даде поддршка и го обвини водството на републиканците за „срамно цензурирање на мислењето“.
Доналд Трамп – првиот ултра – десничар и популист во Белата куќа, е првиот шеф на државата кој отворено зборуваше за поништување на изборните резултати и на јавен говор ги повика своите истомисленици на бунт, за да се попречи инаугурацијата на новоизбраниот претседател.
Мајк Пенс беше на инаугурацијата и му го честиташе изборот на Бајден, откако Трамп одби да присуствува и „побегна“ од Вашингтон на својот богат имот на Флорида.
(В.А.)