„Со јајца по Безос и неговата јахта“
Холанѓаните станаа гневни на американскиот милијардер Џеф Безос, сопственикот на Амазон, затоа што поради неговата новоизградена мега јахта ќе мора да се демонтира цел еден мост, во еден од каналите во Ротердам.
Мостот има историско значење за овој град, инаку најголемото пристаниште во Холандија. Затоа, соопштението на компанијата што ја гради јахтата и на градските власти со кое се најавува можноста да се растури мостот, за да помине бродот, предизвика бранување. Се слушнат закани дека – кога ќе дојде да ја земе јахтата – „и бродот и сопственикот ќе бидат пречекани и испратени со јајца, што ќе бидат фрлани по нив“.
Преку социјалните мрежи, иницијаторите на протестот ги повикуваат граѓаните да се соберат организирано на демонстрации под мотото – „Фрлање јајца на супер јахтата на Џеф Безос“ – тогаш кога ќе исплови од Ротердам.
Во повикот уште се вели : “Жителите на Ротердам го имаат обновено и подигнато градот од урнатините, на крајот од Втората светска војна, па затоа ние сега нема да се согласиме да растуриме еден мост заради еден фаличен симбол на мегаломански милијардер“.
Заминувањето на јахтата е предвидено за 1 јуни, а како што пренесуваат холандските медиуми, за протестот (на тој ден) веќе сега се имаат пријавено неколку илјади луѓе.
Јахтата на Безос која се уште се гради во Холандија, треба да чини половина милијарда долари.
Кога ќе заврши градбата, во локалното бродоградилиште, огромната јахта ќе мора да помине низ Ротердам, за да дојде до водите на океанот. Проблемот е што трите јарболи на бродот се премногу високи за да може да поминат под познатиот градски мост Конингшафе.
Градоначалникот на градот Ахмед Абуталеб се обидува да ги смири граѓаните, објаснувајќи дека одлука за мостот и за неговото демонтирање, се уште не е донесена. Тој, сепак, рекол дека ако такво решение ќе мора да се донесе, тогаш Џеф Безос и компанијата Океанико која ја гради јахтата, ќе мора “дебело да платат“ за целата таа операција.