Нацистичкиот поздрав на бугарскиот европратеник
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, веќе од порано познат како ултра – десничар и националист, предизвика скандал во Европскиот Парламент, кога напуштајќи ја говорницата ја подигна десната рака, отпоздравувајќи им на присутните европратеници со (по зло) препознатливиот нацистички и фашистички поздрав.
Parce qu’il a défendu l’état de droit en 🇪🇺, @sandrogozi s’est fait insulter par l’eurodéputé @djambazki, qui a quitté l’hémicycle en faisant un scandaleux salut nazi.
Tu as tout notre soutien Sandro.
Nous demandons à Mme Metsola, @EP_President, d’agir. pic.twitter.com/rIXrbB5wO1
— Renaissance (@Renaissance_UE) February 16, 2022
Инцидентот се случи во текот на дебатата што Парламентот во Стразбур ја водеше околу легализацијата на одлуката на Европската комисија за блокирање на парите од европските фондови, доколку земјите – членки се огрешат, или не ги почитуваат основните правила и принципи на ЕУ – владеењето на правото, независноста на судовите и на судскиот систем и слободата на медиумите.
Станува збор за правила врз кои се темели европската демократија и функционирањето на Унијата, па затоа тие се првиот и главниот услов за земјите – кандидати кои сакаат да станат дел од ЕУ.
Против европските вредности
Но, одлуката на Европската комисија да се врзе исполнувањето на овие темелни вредности, со добивањето на европските пари, се однесува на две земји што веќе се во Унијата – на Унгарија и на Полска – кои во времето на Студената војна беа дел од поранешниот советски комунистички блок во Источна Европа.
Владите во Будимпешта и во Варшава имаат донесено повеќе закони со кои се повредени европските стандарди и кои значат повреда на владеењето на правото и правната држава, што веднаш предизвика реакција на Брисел. Беше побарано законите да се повлечат, а кога и двете земји одбија тоа да го направат, Европската комисија го покрена правилото со кое примањето на парите за побрз развод од фондовите на ЕУ се врзува за почитување на владеењето на правото.
Брисел ги запре парите за Унгарија и Полска, а тамошните влади поднесоа жалба до Европскиот суд за правда, највисоката правна институција на ЕУ.
Судот, пред некој ден, ги отфрли жалбите на овие две земји и го прогласи за „уставно“ решението на Европската комисија, што од сега па натаму станува законска обврска за сите членки на Унијата.
Бугаринот го брани Орбан
Нацизмот на Бугаринот Џамбаски се манифестираше во текот на дебатата во Парламентот во Стразбур, а по повод одлуката на Судот на правдата.
Не само затоа што сега, Унгарија и Полска остануваат без парите кои многу им значат – посебно оние за субвенционирање на аграрот, со кои десничарската партија Фидес на Виктор Орбан и Право и Правда на Јарослав Качински ги купуваат гласовите на своите гласачи – туку и затоа што се поставуваат нови рамки за во иднина.
Тоа значи – нема повеќе европски пари за разните националисти, популисти, десничари – доколку не ги почитуваат европските закони и стандарди.
Џамбаски му припаѓа на блокот крајни десничари и евроскептици во Европскиот Парламент. Таму главниот мешетар е токму Орбан, а главната игра ја игра неговата партија Фидес, кои заедно владеат 11 години.
Во дебатата, бугарскиот европратеник остро се спротивставил на ваквата одлука на Европската комисија и на на Судот за правда. Тој застанал на истите позиции на кои е и орбановата влада, во нејзината пресметка со Брисел, бранејќи го Орбан, нарекувајќи ја притоа, пресудата како – „гнасна и одвратна“.
Гневна реакција во Стразбур
„Никогаш нема да ви дозволиме да ни кажувате што е исправно, а што не, ниту да ни кажувате што да правиме. Нека живее Бугарија. Да живеат Унгарија, Орбан. Фидес и Европа со национални држави“ – извикал Џамбаски на крајот од своето излагање, вовлекувајќи ја својата земја во судирот на Будимпешта со Брисел и ЕУ.
Напуштајќи ја тогаш говорницата, ги поздравил европратениците со раката подигната онака како што тоа го имаат правено италијанските фашисти и германските нацисти, пред и во текот на Втората светска војна. Со поздрав кој е мрачен симбол на војната и на нацистичката и фашистичката идеологија, а кој сега го користат неофашистите низ Европа и ултрадесничарите.
Гестот на Бугаринот Џамбаски, веднаш има предизвикано гневна реакција во Стразбур и во Евро – Парламентот.
Истрага и можна казна
Претседателката Роберта Мецола изјави дека е крајно неприфатливо да се употребува овој фашистички поздрав – секаде и во било која ситуација – а најмалку во Европскиот Парламент, во домот на европската демократија. Потпретседателот на Парламентот веднаш побара казнување на европратеникот, а со остра осуда се огласија и левоцентристичките и десноцентристичките партии.
Претседателката Мецола соопшти дека е покрената истрага за инцидентот со Џамбаски, од кого со соопштение се има оградено и бугарското министерство за надворешни работи. Правни експерти на ЕУ објаснуваат дека бугарскиот европратеник може да биде казнат за повреда на правилата за однесување во Парламентот и надвор од него. Тој може да се казни со губење на правото за присуство на седниците, или со забрана за учество во сите парламентарни активности.
Џамбаски, од своја страна, се брани дека станува збор за „недоразбирање“ и дека тој само ги поздравил пратениците во салата. Рекол дека бил „шокиран“ што околу неговото „невино подигнување на раката била подигната голема врева“.
Европратеник на ВМРО
Европската ТВ мрежа Јуроњуз, меѓутоа, потсетува дека не му е прв пат да прави инциденти и да се огласува со крајно десничарски и националистички настапи и соопштенија.
Овој медиум потсетува дека владата на Северна Македонија има испратено официјална жалба до владата во Софија, откако македонската власт ја има оквалификувано како „привремена во нашата бугарска Македонија“ – во текот на една од бројните антимакедонски кампањи што ги покренува на интернет.
Јуроњуз открива дека Џамбаски му има испратено писмо на доскорешниот премиер Зоран Заев во кое зборува дека „Македонија е Бугарија “ и дека тоа е „бугарска територија“.
Тој е пратеник на бугарската партија ВМРО која на последните избори во ноември остана рангирана дури на деветтото место, не успевајќи да освои ниту 4 отсто од гласовите. Софиски аналитичари имаат речено дека не може да се има напредок, ниту да се оди по европскиот пат со партија која се нарекува внатрешна македонска револуционерна организација.
(Б.Б.)