Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Австралија: катастрофални поплави во Квинсленд

Австралија: катастрофални поплави во Квинсленд

Десетина лица се загинати, а уште толку се сметаат за исчезнати во катастрофалните поплави што го имаат зафатено источниот брег на Австралија, а посебно сојузната држава Квинсленд и нејзиниот главен град Бризбејн.

Десетици илјади лица досега се итно евакуирани, додека во некои делови од државата, луѓето морале да се искачуваат на крововите на своите згради, за да се спасат од надојдената вода.

Поплавите какви, велат, немало досега, ги предизвикаа неколку дневните обилни дождови. Само во реонот на Бризбејн, дожд постојано врнел од четвртокот, па во следните пет денови, предизвикувајќи брз раст на нивото на реките и на локалните водотеци.

Австралискиот премиер Скот Морисон ги означи долготрајните и обилни дождови и поплавите како „невидена метеоролошка бомба“.

Тој соопшти дека владата во Канбера е вклучена во операцијата за спасување на загрозените и за помагање на сите кои се погодени од катастрофата. Морисон објави дека е повикана и австралиската војска да помага во операцијата за спасување и помош за населението.

Метеоролозите сметаат дека заканата од нови поплави не е намалена, бидејќи силниот воден бран и големото невреме, се сели преку југот на Квинсленд, во соседната сојузна држава Нов Јужен Велс, каде се појавува заканата од излевање на реките.

Специјалните служби на оваа сојузна држава веќе имаат подигнато тревога и се организираат за да го пречекаат подготвени новиот бран.

„Ова што досега го имаме видено е без преседан“ – изјавил за локалната телевизија премиерот на Нов Јужен Велс коментирајќи ги случувањата во соседен Квинсленд, откако од поплавата беа погодени и делови од Бризбејн, трет по големина град во Австралија. Бризбејнската река се излеа од своето корито и поплави делови од овој град.

Поплавите се случуваат во време кога во Австралија се уште трае летото.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе