Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нуклеарните закани на Путин

aspsvz/Depositphotos.com

Нуклеарните закани на Путин

Владимир Путин, во неделата, на 27 февруари,  му нареди на својот министер за одбрана Сергеј Шојгу, еден од неговите петмина најблиски и најдоверливи соработници (другите се сите од секторот на разузнавањето и безбедноста) – да ги стави руските нуклеарни сили во состојба на „висока готовност“!

Веста на светските агенции од Москва доаѓа во време на руската инвазија врз Украина, а ваквата заканувачка објава  се појави во моментите кога руската страна се соочи со жестокиот одговор на ЕУ, на САД и на Европа, на агресијата врз украинската територија.

Но, според официјална Москва, нуклеарната закана била “испровоцирана“  – од „агресивната изјава на еден висок челник од НАТО“.

„Вината“ на Лиз Трас

Но, дури и да е така, заканата на Путин дека ќе се одмаздува со својот нуклеарен арсенал, претставува опасен преседан и реторика каква на европскиот континент и во светот, не е слушната со децении наназад. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ваквата закана од Москва, веднаш ја отфрли и ја оквалификува како „опасна и неодговорна“ од шеф на држава – нуклеарна сила.

Портпаролот на Белата куќа Џен Псаки, пак, изјави дека одлуката на Путин да се игра со нуклеарното оружје, претставува дел од неговиот (сега веќе) широк дијапазон за непровоцирана ескалација на  ситуацијата и на создадената криза, пред и по агресијата врз Украина, со разни измислени закани кои ги пласира Кремљ.

Во меѓувреме, од Кремљ се огласија дека „виновникот“ за ваквата наредба на Путин е британската министерка за надворешни работи Лиз Трас. Според рускиот портпарол, биле направени „неприфатливи“ коментари за можен „судир“ на НАТО со Москва, околу руската агресија врз Украина.

Отфрлање на обвинувањето

Остана нејасно што , точно, Трас има речено, што толку многу го налутило рускиот претседател, па тој веднаш наредил ставање на неговите нуклеарни оружја во висок степен на готовност.

Се знае само дека министерката, во неделата (27 февруари) , во едно интервју има речено дека – “Доколку Русија не се запре (во нејзината агресивна политика), други земји би можеле да се соочат со закана, а сето тоа да заврши во конфликт со НАТО, но ние не сакаме работите да отидат до таму”.

Од Форин Офисот реагираат со објаснување дека нема никаква закана, а ниту заканувачка реторика во изјавата на Трас, што би водело во ескалација. Особено, што министерката секогаш за Алијансата зборува како за „одбранбен сојуз“, но дека Британија треба да ја подржи Украина, во овие моменти.

Подоцна од Москва стигна и поширока елаборација на реакцијата на Дмитри Песков за „агресивните изјави на високи функционери на Западот“. При тоа тој има речено дека „не сака да споменува имиња, но дека е јасно оти станува збор за британската министерка“.

Злоупотребена изјава

Уште во неделата вечерта, рускиот државен ТВ канал „Русија 1“  побрза да ја искористи изјавата на Трас, така како што таму е дадена, за да се илустрира – како што е речено – дека „само поради агресивноста на Западот“, Русија сака да ги користи и своите нуклеарни потенцијали, додавајќи притоа – „тоа не значи дека Русија има намера да го употреби нуклеарното оружје“.

Американскиот претседател Џо Бајден, во специјална изјава, им порача на Американците дека не постои никаква нуклеарна закана за САД и за светот.

Британија од своја страна, го засили обемот на санкциите кон Русија. Пред се, кон нејзиниот банкарски систем, финансиите и меѓународното финансиско работење,  санкционирајќи и  дел од имотот и средствата на Путин и на шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, како и на олигарсите кои имаат свои пари во фунти, но и  нивните имоти, скапи станови и куќи, како и јахти и другото лично богатство.

ЕУ целосно ја исклучи руската цивилна аеро- флота од европскиот воздушен простор, на што Москва реагираше со истата мерка кон 36 земји, додека првата министерка на Шкотска, Никола Старџен ги отфрли руските обвинувања кон Лиз Трас, инсистирајќи дека – „Само еден човек е виновен за испорачаната нуклеарна закана – тоа е самиот Путин“.

Кодиран јазик

Како и да е, аналитичари и воени експерти сега се занимаваат со анализата на тоа што, навистина, Путин  има речено.

Едни сметаат дека станува збор за подигнување на готовноста за еден степен погоре. Дрги, пак, се на мислење дека не е тоа, туку само станува збор за порака до јавноста, но не и најава дека тој би го искористил нуклеарното оружје. Трети, меѓутоа, се на позицијата дека било која од овие две варијанти да е точна, сето тоа не значи дека нема ризици, па  дека состојбата (сега) треба да се следи уште повнимателно.

Особено што пред и на почетокот од инвазијата, Путин имаше користено „кодиран јазик“ – па порача дека ако други земја се обидат да се замешаат во рускиот конфликт во Украина, ќе се соочат со последици какви „досега немаат видено“.

Тоа се смета дека беше упатено до НАТО, за да не се меша во Украина, иако уште од порано е јасно дека Алијансата нема да направи ништо за да не испровоцира директен судир со Русија.

„Гнев, фрустрација и разочараност“

Затоа, се смета дека нуклеарната закана, пред се, е последица на погрешните проценки на Кремљ, направени пред инвазијата.

Со тоа што ги имаат потценето отпорот на Украинците, не очекувајќи дека тие ќе пружаат толкав отпор на побројната и помоќна руска армија (сега се зборува дека ќе се вклучи и војската на Белорусија), како и реакцијата на Западот, а посебно на неговото (барем засега),  силно единство при одредувањето на острите санкции кон Москва.

Воени експерти сметаат дека, во секој случај, станува збор за знак на гнев,  силна фрустрација и на разочарување на рускиот претседател.

А, сето тоа доаѓа во време кога Путин бара начин да ги оправда агресијата и војната која би можела и да се развлече. Во такви услови,, нуклеарната закана претставува и порака до руската јавност, одново играјќи на картата дека, всушност, се брани Русија, во услови кога Западот засилено и дава воена помош и поддршка на Украина.

И, дека НАТО сојузот е директно инволвиран во украинските случувања, што треба да се илустрираат со погрешно интерпретираната изјава на британската министерка Лиз Трас.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе