ЕУ создаде војска за брза реакција
Европската унија постигна согласност за формирање „европска војска“, која е дел од усвоената нова безбедносна стратегија. Станува збор за „сили за брза реакција“ со околу пет илјади војници, што би биле постојано подготвени за брзо распоредување во текот на некоја кризна ситуација.
Направен е посебен документ кој ја образложува новата безбедносна и одбранбена стратегија на ЕУ, која целосно треба да се реализира до 2030 година.
Образложувајќи го формирањето на она што од поодамна се нарекува „европска војска“, или „армија на ЕУ“, комесарот за надворешна и безбедносна политика Јосеп Борел има речено дека заканите за Унијата (и за континентот) постојано се зголемуваат, а дека цената за недејствувањето (и не преземањето ништо) се сосема јасни.
Оперативна до 2025 година
Мнозинството од војниците на овие сили, би ги обезбедила Германија, до 2025 година, кога за три години „европската војска“ ќе стане целосно оперативна.
Во соопштението од Брисел се вели дека ЕУ треба да биде во состојба да ги заштити своите граѓани, а во исто време да придонесе и за меѓународниот мир и безбедност. „Ова е уште поважно сега, кога војната се врати во Европа, по неоправданата и со ништо не предизвикана руска инвазија врз Украина, но и кога светот се соочува со големи геополитички промени”.
Работата на оваа стратегија е започната во 2020 година, пред избувнувањето на пандемијата со коронавирусот.
Во документот за безбедносната стратегија и посебно во т.н. стратешки водич на ЕУ, свое место има и Западен Балкан. Во документот посебно се споменуваат БиХ и дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Странско мешање во Западен Балкан
За Косово се инсистира на унапредување на процесот за нормализација на односите, додека за Босна и Херцеговина се наведува дека од посебна важност е да се подржи територијалниот интегритет, сувереноста и единството на оваа земја.
За БиХ се вели дека треба да се заснова врз принципите на рамноправност и недискриминација на сите граѓани и конститутивни народи.
Што се однесува до целиот Западен Балкан, во стратешкиот документ се инсистира дека безбедноста и стабилноста во регионот се уште не е целосна и тоа главно поради се поголемото странско мешање.
Вклучувајќи ја силната кампања со манипулацијата со информациите и стравот од можното прелевање на сегашната влошена, безбедносна европска ситуација во овој регион на југот од ЕУ и Европа.