Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

СЗО: Антиковид мерките пребрзо укинати

Imaxepress/Depositphotos.com

СЗО: Антиковид мерките пребрзо укинати

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека низа европски држави пребрзо и премногу рано ги имаат укинато мерките за заштита и одбрана од коронавирусот.

Најголемите земји, како Германија и Франција, но и Италија и Британија, набрзина се откажаа од речиси сите досегашни антиковид мерки, па сега се соочуваат со висок раст на новозаразени лица. Речиси сите со подваријантата на последниот тип на вирусот – означен како Омикрон, познат како БА 2, или уште наречен како Делта – крон.

Директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге изјави дека будно се следи ситуацијата со пандемијата, како и дека (засега) нема основа за тревога, затоа што случаите со коронавирусот се зголемуваат во 18 од 53 земји кои ја сочинуваат европската зона.

Подваријанта на Омикрон

Земји каде се регистрирани најмногу новозаразени се Велика Британија, Ирска, Германија, Франција, Грција, Кипар и Италија.

Сите овие земји се означени како територии на кои нагло се укинати рестрикциите, па на нив сега постои состојба кога наместо “досегашните премногу ограничувања, оставена е премалку и недоволно“ епидемиолошка заштита.

СЗО, сепак, оценува дека вкупниот број на заразени во Европа е значително намален, откако во текот на јануари го достигна својот врв.

Но дека на почетокот од март одново почна да се зголемува, што се смета дека треба да и се припише на новата „филозофија“ дека – треба да се навикнеме да живееме со ковидот, безмалку како да е грип – како и на појавата на најновата подваријанта на типот Омикрон.

За Делта – крон варијантата се тврди дека е за 30 отсто позаразна од основниот вирус, како и дека за исто толку побрзо се раширува меѓу луѓето, но дека не е поопасна од својот претходник – варијантата БА 1.

Над пет милиони новозаразени

Во последните седум денови од март – на европскиот континент имало преку 5,1 милион новозаразени и 12500 починати лица.

Официјално, станува збор за петиот бран од пандемијата, започната пред повеќе од две години, иако во некои европски земји, како Словенија, на пример, се оперира со шести бран, поради кој во оваа поранешна ЈУ република, одново се вратени некои веќе укинати мерки, а пред се, задолжителното носење маски во затворени простории.

Експертите на СЗО сметаат дека петтиот (или некаде шестиот) бран е директна последица на „немарната и неодговорна политика “ во низа европски држави кои не чекајќи на препораките на СЗО, се определија за укинување, (некаде) и на целата досегашна заштита.

Меѓутоа, сегашниот нов бран се пречекува во сосема поинаква ситуација – кога веќе постои огромен капитал од имунитет – создаден или со вакцините и вакцинацијата, или од инфицираноста на луѓето. Освен тоа, ова е време кога во Европа завршува зимата, па луѓето помалку се собираат во затворени простории.

Побезбедни лицата со три дози вакцина

Најважното е дека овој подвид на Омикрон варијантата е помалку нападен за лицата кои имаат примено трета доза вакцина, иако во земјите каде има низок процент вакцинирани – тоа е болест која продолжува да убива.

Од СЗО препорачуваат четири приоритети на кои треба да се работи. Тоа е пред се, заштитата на најчувствителната категорија лица, заштитата на овие лица, зајакнување на надзорот и контролата, како и овозможување пристап на земјите до новите анти – вирални лекови.

Според директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге луѓето на континентот ќе мора да продолжат да живеат со Ковидот, уште некое време. Никој, притоа, не се осмелува да предвиди до кога, но сите експерти се согласни дека тоа не значи дека светот не може да се ослободи од пандемијата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе