Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Вистината во војна со лагата

palinchak/Depositphotos.com

Вистината во војна со лагата

Повеќе од 40 денови од руската агресија врз независна Украина и од военото насилство што Русите го спроведуваат врз ним соседниот и „братски“ народ, Кремљ постојано и ладнокрвно демантира.

Според службените извештаи, доколку воопшто ги има, како и во повремените изјави на високи функционери, секогаш станува збор за „измислици“, или за „провокации“ на властите во Киев, или за „подметнувања“ на Западот (и нормално) на Америка, само за да се оцрнела Русија, за да се оправдало, наводното, мешање во Украина, за да се оправдале санкциите и за да се „попречеле” преговорите што се во тек.

Така, според Кремљ и кругот околу Владимир Путин, телата убиени и масакрирани, па оставени на улиците во Буча, масовните гробници со ликвидирани цивили и потресните сведочења на сведоците, се „лажни и измислени“.

„Нема војна – се брани татковината“

Ароганцијата и цинизмот на оние од Москва оди до таму, што на меѓународната јавност и се продава приказната дека руските војници – не само што не убивале цивили и не извршиле масакр во овој град – туку им помагала на мештаните – делејќи им храна!?

Сето тоа, државните, папагалски ТВ станици, секојдневно го повторуваат, лажејќи ја руската јавност, како што ја лажеа и својата и европската – во месеците пред инвазијата – дека натрупувањето руска војска на границата со Украина е само  „воена вежба“, а дека инвазијата е – “измислица на западната пропаганда“.

Со неверојатна леснотија, програмските уредници на информативните телевизиски програми во Москва, ги преправаат извештаите од фронтовите во Украина, дискредитирајќи ја вистината и фабрикувајќи „вести и информации“ – за да се оправдува направеното зло и за да им се напакости на Украинците и на Западот.

При тоа, не само што војната, убивањето цивили, уништувањето цели градови, за руските медиуми под контрола на Кремљ, се нарекува „специјална воена операција“ – туку сега се продава и друга „вистина“. Дека таму, на југот во соседството, нема никаква војна, туку дека руските солдати ја „бранат татковината“ – дури и кога за цел на бомбардирање им се цивили и цивилни објекти.

Класична тактика на Кремљ

Русите, на пример, ги имаат видено грозните слики од Буча, но на гледачите им е речено дека тоа се „наместени сцени од украинските власти“, со „помош на Западот“. На пример, ТВ коментаторот Геворг Мизарјан масакрот го има опишано како „дело на професионалци, најверојатно, Британци, кои се најдобри во ваквите информативни операции“.

Овој „новинар“,  како што пренесува Би – Би – Си од Москва, има рече дека токму Британците најдобро знаат како да се постават телата  за да сцената  изгледа коректно и вистинито. Означувајќи го притоа како – британска „страст за некрофилија“ – божем местените сцени во Буча, но покажувајќи ја притоа, својата болна омраза кон Западот и тажната покорност на пропагандата што ја продава Кремљ.

Во градењето на антизападната хистерија, чекор понатаму има отидена извесна Олесија Лосова која гостувајќи во една дебатна емисија рекла дека градот Буча и не е случајно избран, затоа што Џо Бајден, претходно, го има наречено Путин – Butcher (Бучер – Месар) – „само за да на Американците овој збор (името на градот) им биде појасен за разбирање”!?

Очигледно е дека станува збор за класична тактика на Кремљ, како и во времето на СССР, секогаш кога ќе треба да се соочи со обвинувања, со вистината и со непобитни докази – да се контрира со деманти, со негирање, со тврдење дека сето тоа е за што се обвинува е лажно и доколку е можно – да се обвинува некој друг.

Медведев – Украинците ги убиваат своите!

Таква тактика изминатите недели, а посебно околу масакрот во Буча, применуваат сите прорежимски весници во Москва.

Но, на таквата тактика им се има приклучено и Дмитри Медведев, поранешен руски премиер, па претседател, па одново премиер (за да може Путин да тера на власт изигрувајќи го Уставот), кој откако беше сменет од функцијата, беше назначен за потпретседател на рускиот совет за безбедност (претседател е Путин).

Медведев сега и зборува на домашната јавност дека украинските армиски сили “го убиваат сопствениот народ – сопствените цивили“, за да според овој руски политичар, се прикажала Русија како нехумана и нецивилизирана.

Конечно, тон и печат на целата ваква пропаганда и има дадено самиот руски претседател кој продолжува да зборува и да ја оправдува инвазијата и агресијата со барањето дека Украина мора да спроведе „денацификација“.

Станува збор за измислица на Путин, но таа невистина за легално избраната власт во соседството, треба да им се продаде на Русите и на тамошната јавност, експлотирајќи ја меморијата за војната на СССР против нацизмот, во текот на Втората светска војна.

Москва ја брише украинската нација

Секако, тврдењето за нацизам во Украина е без секаква основа и е болен изговор на Москва за војната што ја има покренато во Европа и за злосторствата што ги има досега направено.

Но, МНР на Русија и службено го има обвинето Киев дека е „потонат во нацистичката идеологија“, како и за „спроведување страшни злосторства“. Некои од „мудраците“ околу Путин, како Тимофеј Сергеевич, уште порачуваат дека – „денацификацијата ќе мора да води и до ДЕУКРАИНИЗАЦИЈА“! Што ќе рече – до бришење на украинската нација, која целата се прогласува за наводно „нацистичка“!

И, сето тоа за да се покрие погрешната проценка на Путин дека ќе се вшета во Украина, ќе ја смени избраната власт со свои послушници, а земјата ќе ја смести меѓу некогашните советски (руски) сателити, Но, целата оваа националистичка и негаторска хистерија што ја шири Кремљ, постои и за да се оправда направениот геноцид во околината на Киев.

Ова е смислено за да се одржува пропагандната војна и за да се одржува внатрешниот мир во Русија, уверувајќи ги луѓето дека нивниот водач (всушност) се бори за одбрана на Русија и за руската кауза. А, таа и порано и сега е империјална, па затоа неразбирливо е – зошто на сите овие лаги и измислици  од Москва, се лепат некои од страна – кои не се Руси. Како Македонците, на пример.

„Купување“ на македонската јавност

Некои анкети и направени истражувања во Скопје покажуваат дека руската пропаганда „има купено“ дел од македонската јавност, која повеќе им верува на руските лаги, на монструозните обвинувања кон Киев, отколку на украинската демократски избрана власт.

Повеќе им веруваат на пропагандистите во Кремљ, зад кои стои недемократска, авторитарна власт заснована врз моќта на еден човек – главниот виновник за агресијата, за војната и за злосторствата.

Неразбирливо е да се навива за Русија, а да се обвинува Украина која ја брани својата независност и сувереност. Го брани правото да има своја држава и своја нација и јазик, што Путин го негира, тврдејќи дека Украинците се Руси, дека Москва им подарила да имаат држава, па дека затоа Киев тоа мора да го признае и прифати, доколку не сака се да загуби.

Луда работа е дека истите Македонци кои, инаку, се караат со Грците и со Бугарите, барајќи признавање на идентитетот, што инаку, не се признава, бидејќи никој во светот нема добиено такво признание, а со Софија војуваат за минатото, сега на Украина и на Украинците, да им го одземаат тоа право. Иако тие, уште се соочени и со инвазија, со војна и со уништување – со какво Македонија се нема соочено.

Срамно и антидржавно

Срамно и против државните интереси е отвореното дружење на овдешната националистичка, антизападна и русофилска опозиција со рускиот амбасадор во Скопје, додека цела Европа ги прочистува руските дипломатски мисии од намножените руски шпиони со дипломатски пасоши.

Срамота е за јавноста во Република Северна Македонија, што единствена во Европа, не се огласи со организирана, силна и јавна поддршка за Украинците, дури ни од хумани, човечки обзири. И со осуда на руската инвазија и агресија. Станува збор за војна, за страдање на обични луѓе и деца. На таа основа, поддршка за Украина имаше дури и во русофилска Србија, во Белград.

Нема, затоа, никакво оправдување за продавањето на душата на Путин, доколку навистина се верува во македонството.

Русија никогаш нема ништо направено за македонската – национална и политичка кауза. Единствено ја има само создадено „санстефанска Бугарија“ – коренот на бугарскиот национализам насочен контра Македонија – и ја има користено македонската територија, како монета за поткупување на балканските држави во нашето соседство.

Она, пак, што Москва го прави во последниве четири – пет години е отворено мешање во внатрешните работи на Македонија и настојувањето политички да се дестабилизира државата.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе