Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Марин Ле Пен – кандидат на Кремљ

"Plenary debate on Greece with PM Alexis" (CC BY-NC-ND 2.0) by European Parliament

Марин Ле Пен – кандидат на Кремљ

Ултрадесничарската француска политичарка Марин Ле Пен одново е во вториот изборен круг за претседателските избори во оваа земја и одново се соочува со претставникот и политичарот на една поинаква Франција – демократ, либерален и силно проевропски определен Емануел Макрон – актуелниот претседател на Франција.

Нивниот изборен дуел (на 24 април) – како и пред пет години – ќе одлучи кој ќе биде идниот претседател на државата која со Германија го сочинува „моторот“, или како уште се вели „срцето“ на ЕУ и на европското интегрирање.

Макрон и во 2017 година и сега го промовира и го брани престижот на државата во Европа и светот низ нејзините традиционални вредности. Марин Ле Пен, пак, ја нуди грдата, неевропска страна на француското општество, каде се собрани националисти, расисти, ултрадесничари кои ги поврзува омразата и кои сакаат да им се продава популизмот и лажниот патриотизам, што за нив е духовна храна.

Заем од Кремљ за крајната десница

Тоа е истата матрица врз која Ле Пен делува со години на ред, уште од времето кога ја презеде партијата од својот татко, настојувајќи од тогаш да ја замајува домашната и европската јавност со (наводно) нови идеи, пред секои избори.

Но, и овој пат, во својот изборен Манифест (на 13 страници) таа ги продава истите евроскептични позиции и гледања. На Французите им продава своето тврдо ултра десничарење, своето гледање на една поинаква, недемократска и националистичка Европа, потоа, прикриениот антиамериканизам (кога се демократите на власт, затоа што и одговара Трамп), бара од Франција да се повлече од воената команда на НАТО и над се – го обожува Владимир Путин.

Се смета дека таа не може да ги заборави парите што Кремљ, на два пати и ги има префрлено, како заем, што наводно, се уште го враќа, за нејзината партија (ниедна француска банка не и дава позајмица поради нејзиното ултрадесничарење), па за неа – путинова Русија е страната со која Франција треба да изгради партнерски однос.

Како вистински „војник“ на Кремљ, таа ја обработува задачата што, многу веројатно, ја има добиено како надокнада за финансиската помош, па на француската јавност и порачува дека рускиот претседател „не е воен злосторник“ и се противи Франција да прифати ембарго на купувањето руска нафта.

Во судар со вистината

Манифестот на француската крајна десница, затоа, изгледа како да е направен во Москва. Според теркот на пропагандата на Кремљ и руските амбиции за разбивање на ЕУ (не на НАТО, за кого само се зборува) – со помош на европската крајна десница.

Ле Пен се јавува како предводник на тоа друштво во кое се сместува и Унгарецот Орбан. Излегува така како на овие претседателски избори Марин Ле Пен да се појавува пред Французите како кандидат на Владимир Путин.

Меѓутоа, на овие избори, таа мора да се бори и со путиновата војна и да се мачи – како да го прикрива своето силно русофилство пред гласачите. Особено што тие на ТВ ги гледаат злосторствата на руските војници, убивањето цивили, разурнувањето на цели градови, само за да се натера на покорноста една независна држава И, сето тоа – во услови кога таа своето ултра десничарење го покрива со грижата за народот, со „независноста“ на Франција, преправајќи се дека е голем патриот.

Пред 24 февруари, Ле Пен се појавуваше во медиумите како вистински путинов човек, уверувајќи ја јавноста дека „нема теорија оти Русија ќе изврши инвазија“, како и дека се „лажни информациите“ дека Путин сака да ја освои и да ја покори Украина.

А, кога почна агресијата, таа се огласи дури откако Макрон, наместо на изборна кампања, целиот се посвети на настојувањето да го убеди агресорот – да ја запре агресијата.

Против Украина и „Мајдан“

Тогаш, наместо со поддршка за претседателот, Ле Пен го критикуваше Макрон дека “ја користи ситуацијата во Украина за потребите на француските избори“ и уште го нападна што „дозволил да биде во подредена положба “ во разговорите со Путин!

Станува збор за типична популистичка реакција, каква употребуваат сите како неа, од Западот на Европа, се до Западен Балкан, затоа што, во основа, таа никогаш нема изјавено нешто што би значело критика, или осуда на рускиот претседател.

Јуроњуз потсетува на случувањата од изборите во 2017 година, кога таа правејќи преседан – меѓу двата изборни круга – отиде да се види со Путин, а веднаш потоа, се појави во улогата на негов „адвокат“.

Французинката тогаш ја бранеше Русија од неа самата, напаѓајќи ги САД и НАТО дека, божем, ги „загрозуваат границите на Русија“ (со тоа што ја подржуваат Украина, веќе изложена на руска агресија во 2014 година). Притоа, настојувајќи на Франција и на Европа да и ја протури путиновата верзија на историјата.

Во интервју за Би – Би – Си, Ле Пен тврдеше дека “Украина е руска земја – и дека тоа била од секогаш“ осудувајќи ја ЕУ, уште пред пет години, со тврдењето дека „Русија е закана за Европа“.

Одбрана на анексијата на Крим

Сега Европа и светот имаат потврда дека тоа е така, но во разговор за Си – Ен – Ен, таа остро ја има осудено „Мајдан револуцијата“ во Киев и како единствена на Западот во ЕУ ја има означено како наводен „државен удар“.

Не сакајки да прифати дека уличните немири се покренаа откако тогашниот украински претседател Виктор Јанукович, под притисок на Москва, одби да ја потпише веќе усвоената, од Парламентот во Киев, уредба за договорот за економска соработка на Украина и ЕУ.

Наместо тоа, таа ја бранела формулацијата што и тогаш, а и сега ја користи Путин. Токму Мајдан му послужи во март 2014 да го анектира Крим и да покрене бунт во Донбас.

Марин Ле Пен за американската ТВ мрежа упорно ја има брането и тогашната руска агресија.

„Глупости се да се зборува дека на Крим имало инвазија. Впрочем, полуостровот од секогаш бил дел од Русија. На Украина и е доделен во време на екс СССР“ – има речено Французинката која сака да биде претседателка и да гради „братски врски“ со Путин.

Различни патриотски аршини

Доследно на својата позиција на „путинов човек во Париз“ таа и во едно интервју за Би – Би – Си, оваа година, одново го напаша Западот и француските сојузници (Од ЕУ и САД) дека „ја внесуваат Украина во НАТО, за да сосема и се приближат на Русија“.

Тоа е времето пред инвазијата, кога Ле Пен зборуваше дека е анти – руски да се обвинува Москва дека сака да изврши агресија врз соседната независна и суверена држава. Наизглед неразбирливо однесување на една француска „патриотка“, со секогаш полна уста со националистички пораки за сувереноста и независноста на Франција.

За оваа ултра – десничарска политичарка, тоа право што таа го брани за Франција, не треба да важи за Украина.

Во овој случај, најважно е да им служи на Кремљ и на Путин. Веројатно од интерес. Но, според анкетите пред финалната изборна рунда, мнозинството Французи сметаат дека една ваква политичарка не треба и не може да биде во Елисејската палата – како шеф на француската држава.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе