„Нема мир во Европа со Путин на власт“
Основачот на невладиното движење „Отворена Русија“ Михаил Ходорковски, поранешен руски олигарх, кој сега живее во странство, изјави дека „во Европа нема да има ниту мир, а ниту стабилност, се додека Владимир Путин е претседател на Русија“.
Според Ходорковски кој над 10 години помина во затвор со сомнителни, политички мотивирани обвинувања за „измама, за перење пари и за проневера“, обвинувања кои им се прикачуваат на сите дисиденти и критичари на Кремљ, предупредува дека „останувањето на Путин на власт е голема закана за цела Европа“.
Војна со НАТО и Америка
Во излагање пред Атлантскиот совет, тој ја има анализирано актуелната ситуација во Украина, по бруталната руска инвазија, што ја нарекува „Путиновата војна“, Ходорковски смета дека таа е почната и се одвива во изминатите безмалку два месеци со сосема погрешната претпоставка што рускиот претседател ја имал и за земјата и за расположението на Украинците и за тоа каква ќе биде реакцијата на Коев.
Токму поради тоа, војската што Путин ја има испратено трпи неуспеси, предизвикува злосторства и ги прави нервозни Кремљ и воениот врв на земјата.
Путин и Русија не успеваат да ги стават под контрола и да ги наредат на капитулација ниту северот, а ниту централниот дел на Украина, па затоа сега се имаат свртено кон источниот дел на земјата, кон Донбас, за сурова пресметка до истребување со отпорот на бранителите.
Ходорковски укажува и на тоа е дека Путин, всушност, не војува со Украинците и дека ова не е никаква војна на Москва со Киев, туку дека станува збор за пресметка со НАТО Алијансата и над се, за негова и руска пресметка со Америка.
Без реформи и демократизација
Русите и руското општество, меѓутоа, војната и сите случувања не ги чувствуваат.
Тие не ги чувствуваат последиците од меѓународните санкции во оној обем во кои тие се воспоставени, поради инвазијата од 24 февруари. Ходорковски смета дека тоа ќе се случи за неколку месеци кога сите заедно ќе мора да го платат цехот за војната што ја покрена Москва, која може да предизвика и банкротство на Русија.
“Проблемот на руското општество е што сака да побегне од она што и се случува на земјата и од самата војна, на тој начин што не сака да знае што се случува во најблиското соседство. За убивањето цивили и за страотните разурнувања. Затоа, засега, продолжува да верува во она што и го нуди пропагандата и во приказните што ги продава режимот“ – има речено основачот на „Отворена Русија“.
Токму затоа, Ходорковски не верува дека во Русија се можни било какви политички реформи, или уште помалку некаква демократизација во земјата, се додека Путин е на власт и со цврста рака управува со државата.
Доживотен претседател?
Владимир Путин е на власт од 2000 година. Во меѓувреме го измени рускиот Устав за да може да владее со земјата и во следните 12 години, се до 2034 година. Некои велат доживотно – затоа што оваа година ќе наполни 70 години.
Пред да влезе во политиката, како школуван разузнавач на КГБ има работено во центарот на руската тајна служба во Дрезден, во тогашна Источна Германија, се до падот на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија и распадот на СССР. Тоа лично го има трауматски доживеано, што се гледа и во неговата одмазда кон Украина и кон настојувањето да го ревитализира некогашниот Советски Сојуз.
Михаил Ходорковски едно време беше меѓу десетте најбогати Руси, а во еден период и прв олигарх. Стана „непријател“ на Путин кога се определи да влезе во политиката – како опозиција на Кремљ, за што набргу беше казнет. Прво осомничен, а потоа обвинет и осуден на долгогодишна казна затвор, каде остана се до протерувањето во Швајцарија.