Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Започната транзицијата на британскиот престол

heekylorns2/depositphotos.com

Започната транзицијата на британскиот престол

Четири денови Британија го одбележуваше платинастиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора- 70 години откако таа е на престолот на Обединетото кралство. Од 1952 година кога тогашната 26 годишна престолонаследнчка Елизабета го наследи починатиот татко, кралот Џорџ Шести.

Седум децении подоцна 96 годишната кралица успеа уште еднаш да ја покрене државата на заедништво,  обединета во прославувањето на јубилеј каков досега немало во историјата. Ниту еден монарх во илјадагодишната државност на земјата- како Англија и како Велика Британија- не бил толку долго на престолот. И големо е прашање дали и кога, било кој во блиска иднина би можел да го достигне ваквиот рекорд.

Без промени на уставната позиција

За кралицата велат дека и покрај длабоката старост останува и натаму витална во комуникацијата со луѓето со кои се среќава. Се појави на терасата од Бакингамската палата  за да ја отпоздрави масата луѓе, насобрани на плоштадот Викторија, за да и го честитаат јубилејот. Се појави и на уште некои помали манифестации уредени во чест на јубилејот, како и обично со својата позната насмевка.

Извори од кралската палата инсистираат дека таа има само проблеми со движењето и се почесто мора да се потпира на бастун, но дека нема други здравствени проблеми. Затоа и се тврди  дека и покрај возраста, нема да има никакви формални промени во нејзината уставна позиција , како суверен и титуларно, како шеф на државата.

Но, многу настани врзани за одбележувањето на  платинестиот јубилеј покажуваат дека- токму поради годините и вниманието за нејзината здравствена состојба- Обединетото кралство има започнета – како што се вели во Лондон- тивка транзиција на престолот.

За тоа  никој не зборува. Но, токму овој јубилеј тоа го открива и го покажува, а тоа не може да се сокрие, иако за транзицијата се молчи.

Златната кралска кочија

Некои медиуми тоа го имаат забележано и низ (не)користењето на големата, масивна и раскошна позлатена кралска кочија. Таа е стара 250 години, тешка е над 2,5 тони и ја влечат осум сиви, расни коњи, но на овој јубилеј, кочијата помина низ градот, на специјалната парада, но без кралицата во неа. За прв пат.

Елизабета беше во неа за своето крунисување во јуни 1953 година, како и за сребрениот јубилеј  на тронот во 1977 и за златниот јубилеј , 25 години подоцна. Овој пат, велат, неудобната кочија ќе биде без кралицата.

Освен тоа, за сребрениот јубилеј британската кралица патуваше низ 36 британски области, а посети и девет земји од Комонвелтот. За златниот јубилеј таа има направенотура низ Британија и низ светот.

Веќе во 2012 година, за дијамантскиот јубилеј ( 60 години на тронот) кралицата , за прв пат, патувањето во странство (земјите од Комонвелтот) им го препушти на  членовите од најблиското кралско семејство, а таа беше само низ неколку делови од Британија кои беа внимателно одбрани.

Набљудувачите на состојбите во и околу кралското семејство, меѓутоа, забележуваат дека овој пат, за оваа прослава – се е различно од сите претходни јубилеји. Дури

имаше најави , во стилот, дека кралицата се надева оти ќе може да присуствува на некои од специјалните приредби уредени во нејзина чест.

Чарлс ги превзема кралските обврски

А, проблемите со движењето откриваат дека после многу години силна активност , кралицата Елизабета би можело да се повлече од најголемиот број традиционални, ројалистички настани и приредби , на кои според протоколот треба да биде присутна.

Наместо неа, таа улога веќе ја има преземено престолонаследникот Чарлс, па за прв пат, откако безмалку целиот живот го има поминато во сенката на својата мајка, принцот од Велс е централната личност на кралското семејство. И на овој јубилеј на кралицата (практично), токму тој е оној кој ја преводи прославата.

Чарлс  веќе од минатата година, почна да презема некои од обврските на кралицата.

Денот за паметење ( одбележувањето на крајот на Првата светска војна) , како и одбележувањето на најстарата монархистичка, религиозна  церемонија, се случија под негово водство. Најзачајниот настан-   „говорот на кралицата“ во Парламентот- овој пат беше во знакот на Чарлс. Тој за прв пат го прочита говорот, во името на кралицата, но до него седеше неговиот син Вилијам кој по стапувањето на Чарлс на престолот ќе биде престолонаследникот.

Нама абдикација

Сите најважни кралски манифестации- уставни, воени и религиозни-  во изминатите повеќе од шест месеци, минуваат во знакот на принцот Чарлс- идниот британски крал. На тој начин, се спроведува процес на транзиција на престолот на типичен британски начин – без најави, без никакви соопштенија, без посебна одлука.

Затоа, Британците сметаат дека овој јубилеј е како празник на кој кралицата како да се збогува од британската јавност- се повлекува од своите јавни функции и од манифесациите на кои досега ги предводеше.

Еден лондонски медиум , по тој повод има напишано дека платинастиот јубилеј значи збогување на Елизабета од служењето на народот со кого беше 70 години. Иако, тоа нема да значи абдикација.

Кралицата останува на престолот и таа во Бакингамската палата ќе прима високи гости, но малку е веројатно дека во следната и во годините потоа, таа  ќе им се врати на оние обврски кои и онака, без најави , веќе  се преминати во надлежност на престолонаследникот Чарлс.

Некои репортери веќе имаат напишано дека ерата на кралицата Елизабета , полека, завршува и почнува новата- на принцот Чарлс кој веќе има 74 години.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе