Британците во ЕУ не може да гласаат
Британците кои живеат во било која земја – членка на ЕУ, како британски државјани – не може да гласаат во државите каде се населени, ниту да се кандидираат за некоја функција во Унијата, доколку не примат европско државјанство. Тоа значи – доколку не станат државјани на некоја од земјите на ЕУ, преку што автоматски ќе бидат и државјани на Унијата.
Вака пресуди Европскиот суд за правда, толкувајќи ги одредбите на европските прописи по Брегзит и излегувањето на Велика Британија од ЕУ, откако Британци кои се имаат населено во Европа и сега се жители на земјите во Унијата, имаат поднесено жалби и приговори, незадоволни што не им се дозволува да гласаат.
Пред и по Брегзит
Станува збор за околу 1,5 милиони Британци кои после Брегзит одлучија да останат таму каде ги затече британската одлука за напуштање на ЕУ. Најголемиот број од нив беа против Брегзит, но на референдумот за Европа во Британија, благодарејќи само на гласовите на Англичаните, земјата која од 1973 година беше во ЕЕЗ/ЕУ, се определи да продолжи надвор од Унијата.
Меѓу оние кои беа против Брегзит беше и таткото на актуелниот британски премиер Борис Џонсон, кој претходно изјави дека ја напушта Британија и како силен про – европеец, за разлика од синот – брегзитер и евроскептик – одлучи да се насели во Франција. Минатиот месец доби и француско државјанство и стана Французин.
Случајот пред Европскиот суд го има покренато една Британка која живее во Франција и тоа повеќе од 30 години.
Таа после Брегзит е избришана од списокот на британските гласачи, затоа што долго време не живее во Британија, но не можела да гласа за француските локални избори во 2020 година, во местото каде сега живее, како што тоа беше можно до Брегзит.
Оваа родена Британка, инаку, одбива да аплицира за добивање француско државјанство.
Загубен статус на Европеец
Нејзиниот аргумент за поднесување жалба до Судот, е дека британските власти и го имаат одземено правото да гласаа во земјата каде е родена и чие државјанство се уште го поседува, затоа што британските прописи не дозволуваат да гласаат на избори оние лица кои подолго од 15 години живеат во странство.
Но, според Судот за правда, Британците кои живеат надвор од Британија, дури и да се иселиле пред Брегзит, не може да се јават како гласачи на територијата на ЕУ, затоа што со излегувањето на нивната земја од Унијата, тие го имаат загубено статусот на европски државјани.
Немаат право ниту да се кандидираат за советници во општински совети во местата каде живеат, во државите во кои имаат дозвола за постојан престој и жителски статус.
Во образложението на Европскиот суд за правда се вели дека ваквата ситуација е последица на самостојната одлука на Велика Британија да ја напушти Европската Унија.