Шолц: Потребен е поедноставен процес за ЕУ
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека на ЕУ и е потребен нов и поедноставен процес за влез во Унијата, објаснувајќи дека за членството во ЕУ треба да се подготвуваат земјите – кандидати, но и самата Европска Унија.
„Она што сега ни е многу потребно, тоа е Европа да ги модернизира своите структури, но да го осовремени и процесот на донесување на нејзините одлуки. Во иднина, нема да се случува – сите одлуки да се донесуваат со консензус, со согласност на сите членки и едногласно – како што тоа сега се прави“ – рекол Шолц.
Во разговор за германската државна агенција, канцеларот споменал дека сите свои предлози во оваа насока, ќе ги соопшти на Самитот на ЕУ, што се одржува во Брисел, во четврток и во петок.
Од Геншер до Макрон
Прашањето на консензус, а тоа е поврзано со ставањето вето за некоја одлука, или за некое решение, од страна на една земја членка, од поодамна е прашање за кое се води расправа и за кое се уште постојат несогласувања.
Уште додека Унијата беше ЕЕЗ (Европска економска заедница), поранешниот германски министер за надворешни работи Ханс Дитрих Геншер има покренато иницијатива за видоизменување на ова правило во тогашната Заедница, за кое се тврдеше дека се јавува како сопирачка и како успорувач на ефикасноста во дејствувањето.
Не станува збор за целосно укинување на овој систем, донесен на времето, за да се избегне мајоризација при гласањето и одлучувањето – во кое големите земји ќе ги надгласуваат малите – туку за определување – кога и каде може да се одлучува едногласно, а кога за тоа ќе биде потребно само квалификувано мнозинство.
Солуцијата со вакво мнозинство е една од можните варијанти за промена која, инаку, ја заговараат и Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон. Велат дека таа и сега е можна, но речиси никогаш не се користи со цел да не се нарушат единството во Унијата и системот на компромис – на кои таа се темели од својот почеток.
Случајот на Македонија
Блокади и вето се поставуваат, најчесто, во процесот за проширување на ЕУ и тоа најмногу ги има погодено земјите кандидати од Западен Балкан. Не ретко и тие самите, со своето однесување и со своите постапки, оставале простор за одлагање во донесувањето на конечните одлуки. Но, случајот на Македонија е, сепак, најкарактеристичен и далеку најпознат пример во Брисел.
Грција, на пример, безмалку три децении ставаше вето за евроатланските амбиции на земјата, уште од моментот кога таа излезе од поранешната југословенска федерација. Сега, Софија, со вето го блокира почетокот на преговорите за влез во ЕУ на Македонија, иако претходно – и Бугарија како и сите 27 земји – даде „зелено светло“ на Самит на ЕУ во Брисел, за старт на преговарачкиот процес.
Правни експерти во Брисел велат дека нема потреба од едногласност за давање кандидатски статус, или како во македонскиот случај, за старт на преговорите, кога во текот на тој процес – вето и блокадата може да се постават.
Сето ова изгледа како право на двојна блокада, односно како право на два пати да се блокира еден ист процес, поради што само се губи драгоцено време. Во овој период, Македонија на пример, ке работеше на исполнување на реформите зададени на стартот од процесот, а не на настојувањето да се бара спогодување со Софија, уште во оваа пред пристапна фаза..
Злоупотреба на консензусот и ветото
Правни и политички експерти велат дека искуството покажува оти не ретко, некои земји членки, правото на вето го злоупотребуваат за сопствени политикански игри и потреби, како во рамките на Унијата, така и на домашната политичка сцена.
Како пример за тоа се наведува Бугарија и она што таа земја сега го прави кон Македонија. Но, тоа (речиси постојано) го прави и Виктор Орбан кој „војува“ со Брисел за да се одмаздува и за да ги добие единаесетте милијарди евра од пакетот за санација на земјите членки, поради пандемијата со коронавирусот, што Брисел му ги има блокирано поради постапката што е отворена против Унгарија.
Тоа во еден период го правеше и Полска, спорејќи со Брисел околу нејзината неевропска судска реформа, а со тоа се закануваше и Словенија, со десничарскиот премиер Јанез Јанша, правејќи во тоа време, мрачно сојузништво со орбанова Унгарија.
Изјавата на Олаф Шолц доаѓа непосредно пред најновиот Самит, последен со Франција како претседавач на ЕУ, кога треба да се одлучува дали на Украина да и се даде кандидатски статус. Некои земји од Унијата најавуваат дека ќе стават вето на предлогот на Европската комисија.