Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Горештини во Европа какви немало 130 години

praszkiewicz/Depositphotos.com

Горештини во Европа какви немало 130 години

Јунскиот топлотен бран што ја има зафатено Европа, посебно нејзиниот западен и југозападен дел, предизвикаа во последните три денови од изминатиот викенд рекордно високи температури какви во некои делови од Германија и од Франција не се забележани уште од втората половина на 19 век.

Мерната станица Котбус во Германија, која се наоѓа на 100 км североисточно од Берлин, во неделата, има регистрирано 40 степени Целзиусови, што е највисока температура во последните 130 години. Последен пат, велат германските медиуми, ваква температура била измерена во 1888 година.

Парижани купуваат вентилатори

Невообичаено високи температури за ова време од годината и пред почетокот на летото, се регистрирани и во Франција, а посебно во нејзиниот североисточен дел и во реонот на Париз. Но, така е и во Шпанија, која со летни горештини беше зафатена уште во текот на мај, како и Италија и југот на Британија и поширокиот реон на Лондон.

Во саботата, во делови од Франција температурата се искачи до 40 степени Целзиусови, додека во Париз во саботата и во неделата до 38 степени. Француските власти апелираа до населението да не излегува од своите домови, па францускиот главен град, на моменти изгледаше празен и како да е непуштен.

Прегреаните жители на Париз се „нафрлија“ на продавниците за електрични апарати, па од таму (велат) се купени сите вентилатори и апарати за ладење. Доброволци од разни хуманитарни организации, пак, ги посетуваат старите лица кои живеат сами и се со нарушено здравје, за да утврдат како се снаоѓаат со горештината.

Рационално трошење на водата

Долготрајната суша, предизвикана од долгата и сува пролет, предизвикува страв од недостиг од вода. Француските власти, како и властите во делови од Шпанија, Италија, но и од Германија, повикуваат на рационално однесување кога станува збор за трошењето на водата.

Во Италија, сушниот пролетен период и сувата зима предизвикаа реката Арно да има најнизок водостој во последните 100 години.

Високите температури, сувото земјиште и ветерот кој повремено се јавува, меѓутоа, предизвикаа во низа делови од Европа да избувнат големи шумски пожари.

Невообичаено за ова време од годината, пожари се регистрирани во Германија. Еден таков голем пожар од саботата беснее јужно од Берлин. За негово локализирање и гаснење се користат и полициските хеликоптери кои го надлетуваат теренот. Пожари има во неколку делови од Германија, а некаде се евакуирани и луѓето, од своите домови, како предострожна мерка.

Шумски пожари низ ЕУ

Пожари има во Шпанија кои траат со денови, а специјалните екипи никако не успеваат да го запрат нивното ширење. Поради заканата од ширење на огнената стихија, властите ги евакуирале луѓето од делови на Каталонија, како и во некои места на шпанско – португалската граница.

Пожари одново има и на југот од Европа, во Грција, во реонот на Евија, каде минатата година огнената стихија остави катастрофални последици. Грчките власти евакуираа цело едно село, кога огнот се приближил на само 800 метри до првите куќи.

Специјалните служби на ЕУ веќе прогласија тревога од пожари на територијата на Унијата, па за борба со огнената стихија се мобилизирани 12 противпожарни авиони и хеликоптери.

Во меѓувреме, противпожарните екипи во Германија, во ризичните реони, ги прскаат со вода дрвјата покрај патиштата, во близина на населени места, за да се спречи тие лесно и брзо да се потпалат и да помогнат за ширење на огнот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе