Ходорковски: Литванија е следната цел на Путин
Поранешниот руски олигарх и едно време најбогат човек во Русија, Михаил Ходорковски изјави дека следната цел на Владимир Путин ќе биде Литванија – земја членка на ЕУ и на НАТО.
Како изговор за напад врз уште една суверена европска земја, поранешна советска република која од 1991 година е повторно независна – би било настојувањето на Москва да ја разбие воздушната блокада – за да можат руските авиони слободно да летаат меѓу Русија и нивната енклава Калининград.
Станува збор за територија која излегува на Балтичко Море, сместена меѓу Литванија и Полска. Енклавата е целата преполна со ракети и ракетни системи и се смета за територија со најголем процент на оружје по глава на жител на европскиот континент.
Сето тоа се става во рамките на путиновиот агресивен, непријателски и воинствен план за обнова на некогашниот СССР, како и за третирање на целиот простор на некогашниот Советски Сојуз во Русија и во некаков „руски свет“.
Опасен човек
Во интервју за лондонски „Фајненшл Тајмс“ Ходорковски вели дека кога се зборува за Путин, треба да се каже дека станува збор за „опасен човек“ и дека е способен да направи ескалација на сегашната војна во Украина со напад на други територии предизвикувајќи директен судир со НАТО.
Затоа, овој поранешен олигарх кој сега живее во Лондон, во изгнанство, како дисидент, не се согласува со тезите на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер (види Скопје/Глобал), затоа што го третира Путин онака како што во осумдесеттите години на 20 век го третирале Леонид Брежњев – тогаш моќниот советски лидер и генерален секретар на КП на СССР.
„Со целосен респект кон Кисинџер, тоа е погрешно. Брежњев, онаков каков што беше, сепак, не беше гангстер каков што е сега Путин. Освен тоа, Брежњев се има борено во Втората светска војна, па затоа знаеше што носи војната и што значи покренувањето воен судир. Путин, меѓутоа, никогаш не војувал, не се борел, па затоа нему ништо не му значат разурнувањата, човечките животи и жртвите. За него и за неговото друштво во Кремљ, војната (па и оваа со Украина) е како видео игра“ – има речено Ходорковски.
Путин не е Брежњев
Овој Русин смета дека Кисинџер не може да види дека она што (сега) го заговара – отворање преговори – изгледа неможно, затоа што „со гангстери не се преговара од позиција на слабост, уште повеќе што – според Ходорковски – за Путин војната е само можност за подигање на изборниот рејтинг и популарноста кај јавноста.
Смета дека дури и да победи во војната во Украина, актуелниот руски претседател останува закана за Европа и за европскиот мир, затоа што е спремен да започне и војна со НАТО, без разлика што на крајот ќе ја загуби, па од таа причина Западот не би требало да му дозволи да излезе како победник од Украина.
Михаил Ходорковски, сопственик на некогаш моќната нафтена компанија Јукос, што сега му е одземена од државата, во егзил е од 2015 година. Пред тоа десет години, меѓу 2003 и 2013 година, беше во затвор, само затоа што се најде во политички судир со Путин.
Кога и тогаш и сега руски претседател сфати дека Ходорковски кој навести дека има политички амбиции – може да биде опасен политички противник – доколку му се дозволи да формира партија, нареди да се уапси, по што беше осуден на 13 години затвор, со кајно сомнително и со ниѓто недокажано обвинување.
„Силните луѓе на претседателот“
Десет години го помилува, непосредно пред зимската Олимпијада во Сочи – со желба да го поправи својот и тогаш нарушен имиџ.
Во интервјуто за лондонскиот весник, Ходорковски признава дека вo 2000 година, кога Путин беше за прв пат избран за претседател – со силна поддршка на олигарсите, а пред се на тогашниот медиумски „крал“ Борис Березовски – како и сите другите и тој го има подржано новиот претседател.
Сега вели дека тој (и Березовски) брзо се најдоа во судир со Путин, не сакајќи да го исполнат неговото барање да му бидат лојални и да му служат, секогаш кога тој тоа ќе го побара. Другите прифатија и затоа останаа и олигарски и милијардери.
Ходорковски тврди дека еден од „силните луѓе на Путин“ е Роман Абрамович, кого го нарекува „путинов агент“.
Бившиот олигарх верува дека токму Путин му има дадено „зелено светло“ на Абрамович да биде дел од јаловите мировни преговори меѓу Русија и Украина (во Истанбул. Намерата, според Ходрковски, беше не да се запре војната, туку да му се помогне на Абрамович да ги одбегне санкциите од ЕУ и од САД, откако беше санкциониран од Британија.
(Д. Л.)