Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Европа со подршка за Украинците

dovapi/Depositphotos.com

Европа со подршка за Украинците

Европското единство изразено по руската инвазија врз Украина и по војната што Москва ја покрена против една нејзе соседна, независна земја, ги изненади и Владимир Путин и неговиот воинствен круг во Кремљ кој заговара интензивирање на војната и дури судир со Западот.

Но, анкетата на Европскиот совет за меѓународни односи, направена во десет европски држави, открива дека заедно со поддршката, не е мал процентот на Европејците би сакал војната побрзо да заврши.

Како и да е, истражувањето што е направено меѓу 28 април и 11 мај, покажува дека – уверливо – со над 73 отсто од анкетираните – остануваат определени со силна поддршка за Украина и за Украинците, давајќи им на тој начин поддршка и на своите влади и на ЕУ, за нивната реакција на руската агресија.

Мнозинството за санкционирање на Русија

Сите овие жители на Европа, исто така, ја сметаат само Русија виновна за војната и ја означуваат како најголема закана за европскиот мир и пречка за стабилизирање на мирот во светот. Според анкетата, на овој начин размислуваат 80 отсто од луѓето во Полска, 83 отсто од Британците и дури 90 отсто од граѓаните на Финска.

Мнозинството од Европејците, затоа, се согласува да се прекинат сите економски и културни врски со Русија (најмногу од нив се од Полска – таму дури 72 отсто вака размислуваат). Станува збор за земја во која големо мнозинство Полјаци смета дека Европа треба да ги прекине и дипломатските односи со Москва.

Конечно, над 58 отсто од луѓето во десетте земји каде е правена анкетата, го подржуваат планот за драстично намалување на зависноста од рускиот гас и воопшто од руската енергија (во Финска така мислат 77 отсто). Притоа, оваа категорија анкетирани се согласува тоа да се направи за сметка на враќање на енергијата која загадува и за сметка на одлагање на планот за намалување на штетната емисија на гасови.

Истражувањето е направено во Финска, Франција, Германија, Италија, Полска, Португалија, Романија, Шпанија, Шведска и Велика Британија.

Побрзо завршување на војната

Од друга страна, лондонски „Гардијан“ забележува дека анкетата ја открива и загриженоста на истите тие Европејци за тоа до кога ќе трае војната во која жртва се само Украинците. Забележлива е желбата таа да заврши побрзо, па дури и на штета на Украина и со губењето украинска територија.

Се смета дека е лесно да се има ваква позиција кога станува збор за територија на друга држава, па затоа таа е спротивна на позицијата на владите и на лидерите на сите овие земји кои настојуваат – кога ќе се работи на мирно решение, а тоа на крајот ќе мора да уследи – тоа да биде низ дипломатски преговори, а не низ признавање на окупацијата како готова работа. За да војната не стане правило на однесување во меѓународните односи

Во секој случај, мнозинството од луѓето во овие земји остануваат на увереноста дека Русија треба да биде казнета за својата агресивна политика кон соседите и нејзиното најблиско опкружување, но и кон европскиот континент.

Разлики меѓу Финците и Италијанците

Сепак, видливо во анкетата е дека има разлика меѓу размислувањето на Финците, Полјаците и Британците и она во Франција, Италија или Германија.

На пример, при давањето целосна поддршка за Украинците, така мислат 66 отсто Германци, 62 отсто Французи и поскромни 56 отсто Италијанци, што се смета дека е последица на нивната поголема зависност од рускиот гас и стравот од енергетската безбедност, а не затоа што се одобрува агресијата на путинова Русија.

Кога станува збор за желбата за побрзо враќање на мирот и завршувањето на војната, (па ако треба и на штета на Украина) вака се имаат определено 35 отсто од Европејците. Тоа е безмалку двојно помалку од оние кои остануваат со силната поддршка за Украина и за нејзините жители.

Полјаците со најостри позиции

Најмногу од оние кои на овој начин се определиле, се Италијанците, додека за одмазда кон Русија, за сето она што го има досега направено, во изминатите 120 денови од војната, најбројни се Полјаците.

Оние кои се за казнување на Русија, силно се залагаат за секаков прекин на односите со Москва, додека оние кои заговараат поскорешно завршување на војната – се залагаат само за прекин на економските врски.

Во Германија, Франција и Италија учесниците во анкетата најмногу стравување имаат изразено за животните трошоци и за цената на енергијата – како последица, сега и на војната што Москва ја покрена во Европа. Во Шведска, Британија и во Полска, меѓутоа, луѓето повеќе се плашат од можноста сегашната војна да се претвори во нуклеарен судир.

Анкетата доаѓа во време кога официјален Лондон има изразено стравување од инсистирањето за мир и тоа сега, иако за тоа, барем не јавно, не се зборува. Британскиот премиер Борис Џонсон, на пример, затоа, стравува од наметнување „лош мир во Украина“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе