Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нова криза околу Борис Џонсон

Ale_Mi

Нова криза околу Борис Џонсон

Во само неколку минути, двајца високи функционери на британската, владеачка Конзервативна партија и министри- демонстративно поднесоа оставки на функциите во владата, создавајќи на тој начин најсериозна криза околу премиерот Борис Џонсон и неговото натамошно останување на лидерската позиција кај ториевците, што автоматски ја доведува во прашање и премиерската функција.

Таа негова позиција веќе подолго време е  несигурна , уште со т.н. „Парти-гејт“ афера, врзана за скандалозното непочитување на локдаунот во Даунинг стрит 10, кога цела Британија беше во карантин, а во резиденцијата на премиерот биле правени пијани журки. Џонсон тогаш се извлече  само со јавно извинување и со парична казна од смешни дваесетина фунти, а потоа успеа да остане лидер на конзервативците во гласањето за доверба во партијата.

Оставки на двајца министри

Оставките на министерот за финансии Риши Сунак и за здравство Саид Џавид кои речиси заеднички се повлекоа од владата, сепак, се посеризен предизвик за контроверзниот Џонсон и за неговиот стил на управување со владата, во која постојано се извинува и изразува жалење, откако ќе биде фатен дека не ја зборува вистината.

Во случајот со „Парти-гејт“ оставка поднесе министерот за правда , а мораше да си заминат и повеќмина  советници на Џонсон , сите фатени на селфи снимки во „добро расположение“ по организираната забава во градината на Даунинг стрит 10. Во време кога Британците не смееја да излегуваат од дома поради карантинот за пандемијата од коронавирусот , како и додека британската кралица  беше во жалост поради смрта на нејзиниот сопруг, принцот Филип.

Сунак ( Британец од индиско потекло), како и Џавид ( кој има пакистанско потекло), меѓутоа, се нешто друго. Тие важат за респектабилни конзервативни политичари кои од почетокот се со Џонсон .

Уште од моментот  кога со партиски пуч ја собори Тереза Меј, а потоа , на парламентарни избори уверливо ги победи безличните и левичарски  определени лабуристи , предводени од тогашниот лидер Џереми Корбин.

Аферата со геј пратеникот

Овој пат, и обајцата тврдат дека не може и натаму да „ продолжат со него (како премиер) и да останат со мирна совест“.

Новата криза околу Џонсон е поврзана со секси- аферата на ториевецот Крис Пинчер, за кого се разбра дека е хомосексуалец кој  во пијана состојба, како што тој вели, додирнувал двајца помлади мажи на „непристојни места“ . Инцидентот се случил во еден приватен клуб за мажи во кој се собирале конзервативците.

Пинчер  ја имаше функцијата заменик-лидер на пратеничката група на ториевците во Долниот дом на Парламентот и тој веќе има поднесено оставка. Но, проблемот не е толку во него , колку (одново) во однесувањето на Џонсон и неговото настојување да се извлече од кризата- сокривајќи ја вистината од домашната јавност.

Сите бараат од лидерот на партијата и премиер да открие – дали знаел и што воопшто знаел , во врска со Пинчер ( ова не му бил единствен напад врз геј основа) , пред да го постави на функцијата која во британската политика има тежина. Од Џонсон се бара да каже дали знаел за претходните обвинувања  и за  поранешните случаи на недолично однесување. Особено што соопштението на владата за целиот случај постојано се менуваше- во стилот на однесувањето и работењето на самиот Џонсон.

Неизвесна иднина

Прво беше речено дека премиерот не знаел ништо за однесувањето на пратеникот, а уште помалку дека бил и обвинуван, кога во февруари го има унапредено. Потоа, се појави ново соопштение во кое се открива дека Џонсон, сепак, знаел каков човек е Пинчер, а знаел и за тоа дека веќе го обвинувале за сексуално насилство.

Објаснувањето на кабинетот на премиерот беше дека  кога пред пет месеци бил назначен за заменик лидер на пратеничката група- „сите претходни случаи или биле разрешени , или за нив немало жалби“. Ваквото толкување , меѓуоа, беше означено како несериозно, па Сунак и Џавид решија да заминат од владата.

По стариот британски обичај, Џонсон веднаш назначи двајца нови министри, но во Лондон се верува дека неговиот случај со тоа не е завршен. Прашањето е дали тој ќе може да ја преживее сегашната ситуација во која одново се покажува неговата самоволност во водењето на владата, иако, засега, ја има подршката на мнозинството министри

Проблемот за Џонсон се усложнува затоа што доаѓа во време кога Брегзит се покажува како политичко промашување , а видливо е дека  настојува тоа да го покрие со отворањето нова криза околу т.н. Северноирски протокол, поврзан со напуштањето на ЕУ и со настојувањето  да биде најголемиот сојузник на Володмир Зеленски во Украина.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе