Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ердоган го „приземји“ арогантниот Путин

Ердоган го „приземји“ арогантниот Путин

Европа со месеци е во неизвесност околу тоа што ќе направи Владимир Путин на украинскиот фронт и (посебно) дали ќе одлучи да изврши агресија и на уште некоја земја од Истокот на континентот, но Реџеп Таип Ердоган го „приземји“ арогантниот и воинствен руски претседател – на начин како што тоа (колку што се знае) никој досега му го нема направено.

На тројниот Самит во Техеран (Иран, Турција и Русија) што беше едно од ретките путинови излегувања во странство, откако почна војната, а тој и Русија се ставени во длабока изолација, турскиот претседател забележливо доцнеше за да се фотографира со Путин – безмалку една минута.

Го има оставено да стои сам, пред насобраните новинари и фоторепортери кои целата таа непријатна (и понижувачка за Путин) ситуација ја имаат детално забележано.

Лекција за рускиот претседател

Рускиот претседател влегол во просторијата, очекувајќи дека зад него доаѓа Ердоган, за да му се придружи, но наместо турскиот претседател моќникот од Кремљ останал да стои сам – не знаејќи што да прави и како да се однесува, забележувајќи дека камерите постојано снимаат.

Сведоците велат дека Путин, забележливо, нелагодно се смешкал, па потоа се префрла од едната на другата нога и тоа траело цела една минута пред Ердоган, мирно и полека да влезе во салата. Велат дека Путин едвај успеал да ја сокрие лутината и само кратко му ја подал раката на турскиот претседател – за поздрав.

Европските медиуми сега велат дека Ердоган му има очитано вистинска лекција на Путин, онака како што тој тоа многу пати го има направено, покажувајќи ја својата апсолутистичка моќ и ароганција (а некои велат и невоспитување) пред странски лидери, меѓу кои имало и жени.

Понижувачката сцена делувала околу една минута, но странски аналитичари забележуваат дека тие – нешто над педесетина секунди – во кои Путин бил оставен да се чувствува и да изгледа немоќен, откриваат колку војната во Украина, што тој самиот и без повод, освен да се чувствува како апсолутен владетел, ја има покренато – измени некои работи во светот и во меѓународните односи.

Трамп во 2018 година чекал 45 минути

А, Владимир Путин е познат по своето намерно доцнење и по потребата за неговото его – да ги остави своите гости да го чекаат – некогаш и по неколку часови.

Во медиумите се појавија цела низа такви намерно предизвикани инциденти од страна на рускиот претседател. На пример во Британија се памети како во 2003 година ја има оставено кралицата Елизабета да го чека 15 минути, а во 2015 година задоцнил на средбата кај папата во Ватикан.

Во 2018 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп бил принуден да чека цели 45 минути за да се појави „големиот” Владимир.

Станува збор за средбата во Хелсинки на двајцата лидери. Тоа изгледа тажно и за Американецот, затоа што се знае дека и тогаш, а и сега тој се воодушевува во авторитарноста на лидерот од Кремљ. Затоа што како популист и самиот би сакал – да можеше – на таков начин да управува со САД.

Путин, меѓутоа, и на Трамп му покажа дека тој никого не почитува, па дури ниту оние кои му се воодушевуваат, оставајќи го така и нему понизно лојалниот екс претседател на Украина Виктор Јанукович да чека над четири часови за да биде примен во Кремљ.

Вратка од турскиот претседател

Но, цели четири часови и нешто повеќе, арогантниот руски екс разузнавач ја има оставено да чека и една Ангела Меркел, колку таа да беше коректна и трпелива со Путин и со неговите хирови.

Конечно, во 2020 година, Путин го има оставено да чека, во Москва и турскиот претседател, кој морал дури и да седне додека не се појавил домаќинот.

Подоцна турските медиуми имаат напишано дека Ердоган и делегацијата се чувствувале и понижени и навредени од гестот на рускиот претседател, па во европската јавност се смета дека во Техеран, турскиот претседател му има вратено на Путин со иста мерка – приземјувајќи го пред светската јавност и покажувајќи му дека не е ниту голем, а ниту е семоќен.

Средбата на двајцата претседател, инаку, не беше за покажување и за тоа кој е повеќе голем и арогантен, туку за да се разрешат некои важни прашања.

Станува збор за турската иницијатива како да се одблокираат украинските бродови, натоварени со пченица и жито за светскиот пазар, минувајќи низ посебен воден коридор во Црно Море. Наводно, Путин ја има пофалено турската посредничка активност. Но, Русинот не се согласува со барањето на Ердоган да се уреди „тампон – зона“, јужно од турско – сириската граница – како „заштита од навлегувањето на сириските Курди на турска територија“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе