Пакистан се соочува со банкрот
Една нуклеарна сила, за каква важи Пакистан, земја со околу 240 милиони жители, се соочува со банкрот, што според некои меѓународни финансиски експерти би можело да го потресе и светот, иако земјата е голема колку Германија, Франција, Италија и Шпанија – заедно – и ја има шестата по бројност армија во светот.
До скоро Пакистан важеше и за една од азиските економии во подем, но експертите велат дека ништо тоа не му помага во сегашната тешка финансиска криза во која се наоѓа, на работ од банкротство.
Пропаѓање на националната валута
Пакистан е земја со голема корупција на сите ниво. Економија во подем која има и голема сиромаштија, во исто време и раширена неписмост, посебно во руралните средини каде живее главнината од населението. Згора на се, оваа средноазиска земја се соочува и со тероризам.
Токму во Пакистан е родено талибанското движење на конзервативниот и милитантен ислам, што потоа се има префрлено и во соседен Авганистан. Сепак, земјата последната деценија има забележано забрзан раст на т.н. средна класа.
Таквата нагорна линија сега е запрена со забрзаното пропаѓање на националната валута која (велат) изминатата недела ги има регистрирано своите “најцрни седум денови“ во последните 20 години. Забележан е драстичен пад од седум проценти кон американскиот долар, што локалните и странските девизни експерти го оценуваат како „финансиски ураган“.
Итна интервенција на ММФ
Се стравува дека земја – голема и потенцијално моќна каква што е Пакистан, не ќе може да ја одржи својата надворешна ликвидност и покрај итната интервенција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) со 1,2 милијарди долари.
Едноставно, како сега стојат работите, земјата набргу не ќе може сама да си ги сервисира своите финансиски обврски – внатре во земјата и кон светот.
Познавачи на состојбите велат дека пред десетина години банкротираше една Грција, членка на ЕУ и на еврозоната, во време на големата финансиска криза во Европа, која 2008 година тргна од САД. Аргентина, на пример, два пати досега има прогласено банкротство.
Конечно, Шри Ланка неодамна банкротираше, но случајот на оваа островска земја во Индискиот океан, не може да се споредува со Пакистан.
Пред се, во безбедносниот дел на можниот банкрот, доколку финансиското пропаѓање се одвива според „шриланканското сценарио“. Земја каква е Пакистан не може да си дозволи внатрешна криза, уште и со крвави немири и со насилно менување на политичките лидери.
Девалвација и инфлација
Проценка е дека еден таков развој на настаните би предизвикал внатрешен и надворешен безбедносен проблем – од далеку поголеми размери од оние во Шри Ланка.
Особено што Пакистан е традиционално политички нестабилна држава. Со етничка и јазична разноликост која би можела да предизвика судири и внатрешна експлозија, што еден банкрот би можел да ги предизвика до несогледливи размери. А, тоа да создаде криза и во поширокиот регион во кој доминира Индија, но каде се наоѓа и со децении нестабилниот и конфликтен Авганистан.
Според агенцијата Фич пакистанските девизни резерви, досега во оваа година, се намалени од 16 на 10 милијарди долари. Тие шест милијарди се рамни на едномесечните обврски за плаќање на Пакистан кон светот.
Конечно, освен со паѓање на вредноста на својата валута. земјата се соочува и со висока инфлација која произлегува од проблемот со неликвидноста. Тоа го запре досегашното субвенционирање на енергијата, што веднаш има предизвикано висок скок на цените, што за утеха на Пакистанците, е ситуација со која се соочува целиот свет.