Чарлс примил донација и од семејството на Бин Ладен
Британскиот престолонаследник Чарлс (74) одново е на удар од јавноста во Обединетото кралство, откако неделникот „Сандеј Тајмс“ објави дека принцот има примено милион фунти (1,2 милиони евра), за неговата хуманитарна фондација, од блиски роднини на поранешниот лидер на Ал Каеда – Осама бин Ладен.
Според весникот, идниот британски крал ги прифатил парите од Бакр бин Ладен, инаку полубрат на Осама и од неговиот брат Шафик.
Приватна средба
Принцот од Велс има речено дека имал приватна средба со Бакр во Лондон, во својата резиденција, на 30 октомври 2013 година.
Тоа се случило две години по операцијата на американските специјалци во која го ликвидираа Осама – дотогаш најбараниот човек – терорист во светот – на еден имот – скривалиште за него и неговите жени, во близината на Исламабад во Пакистан.
Но, од резиденцијата на престолонаследникот веднаш реагираат остро, оспорувајќи многу од наодите на весникот. Од таму се инсистира дека одлуката да се прифатат тие милион фунти, како донација, била донесена од доверителите на Фондацијата што принцот ја има основано.
Бакр и Шафик бин Ладен се полубраќа на Осама и се во сродство со водачот на злогласната Ал Каеда се преку својот татко – Мухамед бин Авад бин Ладен – кој бил јеменски милијардер.
Нема докази дека овие двајца биле вклучени во тероризмот на Осама бин Ладен, или дека ги финансирале и ги подржувале терористичките акции на Ал Каеда.
Милиони евра во торба
Ова е втор пат, во само еден месец, Чарлс и неговата фондација да бидат поврзувани за „сомнителни“ и за „валкани пари“ примени од донатори од Блискиот Исток.
Претходно се појави информација дека принцот – престолонаследник, на три пати – прифатил три милиони евра, во готови пари и оставени во обична торба од катарскиот шеик Хамад бин Јасим, поранешен премиер на Катар.
Од резиденцијата на Чарлс (Кларенс Хауз), тој и неговата сопруга Камила објаснија дека донираните пари веднаш биле префрлени на сметката на хуманитарниот фонд, објаснувајќи дека притоа била почитувана редовната финансиска процедура.
Медиумите реагираа со забелешка дека – не е вообичаено три милиони евра да се добиваат во готови пари – па и за хуманитарна донација од странец – но беше речено дека „нема навестување оти исплатите биле нелегални“.
(Д.Л.)