Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Бура на косовско-српската граница

mSzandurski/Depositphotos.com

Бура на косовско-српската граница

Повеќе од 14 години по прогласувањето на независноста на Косово, околу 50 илјади етнички Срби кои се населени на северот од Косово и понатаму користат српски таблички за своите моторни возила – како да се и понатаму составен дел од српската државна територија – како и лични карти и други документи што ги добиваат од властите на територијата на Република Србија.

Тие и натаму одбиваат да ги прифатат институциите во Приштина, силно во тоа поттикнувани и поддржувани од официјален Белград, без разлика што Косово, како независна држава, е признаено од над 100 земји во светот.

Транзициски рок

Косовскиот премиер Албин Курти, претходно, им остави на косовските Срби транзициски рок од 60 денови, самите да ги сменат своите српски таблички на возилата, за косовски, но тоа веднаш предизвика тензија меѓу Белград и Приштина. Рокот истекуваше, на полноќ, меѓу 31 јули и 1 август.

Овој негов потег со кој сака да воспостави целосната државност на косовската територија, се поклопи со истиот таков обид на Курти од пред една година, што и тогаш предизвика сериозна безбедносна криза меѓу двете соседни земји, но и нервоза во регионот, иако и минатата година сето тоа заврши со одлагање на решението на владата во Приштина.

Годинава, пак, Приштина одлучи, од 1 август, сите државјани на Република Србија при влегувањето на косовска територија, да бараат и да добијат и дополнителен документ за влез, доколку сакаат да патуваат на територијата на државата.

Во неделата вечерта и ноќта, меѓутоа, дојде до силна тензија, што српската страна ја прикажа како безмалку предвоена состојба и како вистинска „опасна“ бура на косовско – српската граница.

Меѓусебни обвинувања

Официјален Белград веднаш ја обвини Приштина за провокација и за создавање криза, а некои српски функционери го обвинија Курти дека е „непресметлив“ и дека таква е и неговата политика, порачувајќи дека „српскиот народ (на Косово) нема да биде оставен без заштита“.

Од другата страна, реагираа со остра осуда кон Белград. Во Приштина се тврди дека белградските власти и пред се, српскиот претседател им има наложено на локалните Срби, со големи камиони, да ги блокираат двата гранични премини, создавајќи нервоза, страв и паника кај српското население за (наводно) подготвен упад на косовските безбедносни сили за да се „пресметуваат со локалните Срби“.

Во северна Косовска Митровица по 22 часот, во саботата вечер, се огласиле и сирени за тревога, без никаков повод и било каква причина, а барикади почнале да се појавуваат и на други локации и патни правци на косовскиот север. Во Белград, беше соопштено дека „имало седница на Генералштабот на војската на Србија“, за да околу полноќ се јави дека „се прават напори за смирување на тензиите“.

Одлуката суспендирана 30 денови

Но, во тоа време, приштинските медиуми веќе објавија дека премиерот Курти ја суспендирал одлуката за табличките на возилата и за личните документи, што во основа е само реципрочна реакција на косовските власти за однесувањето на Србија кон косовските граѓани (етничките Албанци), после серијата разговори со амбасадорите од земјите на ЕУ и на САД – за до 1 септември.

Ситуацијата на теренот е мирна и колку што се знае српската војска ја нема минато границата на Косово, но останува напната и тензична. Полицијата има соопштено дека врз нив било пукано од српска страна, но дека никој не бил повреден. Затворањето на двата гранични премини во Приштина се објаснува како контра мерка, по блокада на границата од српска страна.

Пред една година, локалните косовски Срби, исто таа, ги блокираа граничните премини (на патот кон Република Србија). Приштина тогаш ги испрати своите специјални, безбедносни сили, додека Белград испрати неколку свои борбени авиони до самата гранична линија со Косово.

Руското замешателство

Тогаш таму се најдоа и српскиот министер за одбрана, придружуван од рускиот амбасадор во Србија, што требаше да ја покаже руската поддршка за „српската ствар“ на Косово.

Оваа година и во услови на брутална војна што ја води путиновата армија во Украина и на освојувањето туѓа територија, Москва побрза да ја искористи играта со нервите од неделата вечерта, обвинувајќи ја власта во Приштина за намерата да „воведат без основа, дискриминаторски правила (!?).

Тоа делува дрско од Москва, затоа што доаѓа во време кога Русите, без основа и со измислени и лажни „аргументи“,  нападнаа една независна и суверена држава, ја парчосуваат украинската државна територија, анектираат делови од земјата која ја нападнаа, газејќи ги меѓународните норми и меѓународното право.

Ваквата политика на Кремљ не е само доказ за руско – српската дружба, туку претставува уште една потврда за дестабилизирачкото делување на Русија на Западен Балкан. Неговата цел е да се дестабилизираат држави како БиХ, Црна Гора и Македонија, да се дестабилизира југо – источното крило на НАТО и да се блокира патот кон ЕУ на земјите од регионот, како во македонскиот случај, со помош на домашните предавници сместени во опозицијата.

Кревок мир на Косово

Во Косово, продолжува да се одржува кревкиот мир, откако пред 22 години Србија целосно се повлече од тогашната покраина, по договорот на Белград со НАТО, постигнат во Куманово.

Од 2013 година Белград и Приштина преговараат под патронат на Брисел за постигнување решение за „косовското прашање“, што инаку на Србија и е многу битно доколку навистина сака да остане на европскиот пат.

Но, како сега стојат работите и во ЕУ се признава дека досега малку се постигнало, дури и кога е во прашање меѓусебната доверба. Останува, така, за кревкиот мир да се грижат 3770 странски војници, под капата на НАТО на косовска територија.

Тие веднаш се најдоа на теренот во неделата, на 31 јули, кога стана јасно дека со помош на дезинформации и лажни вести, како и со намерното палење на тензиите се создава криза за внатрешно политички потреби – и на двете страни.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе