Криза по „руски модел“ на Западен Балкан?
Изјавата на еден пратеник во Парламентот на Србија, од редовите на владејачката Српска напредна странка (СНС) – дадена во моментите на создадената тензија на српско – косовската граница – предизвика повеќе коментари во европската и во американската јавност, од поводот за кој настана кризата.
Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс” како и вашингтонскиот „Вашингтон Пост“ ги означија Србија и нејзината политика како „фактор на нестабилност во регионот на Западен Балкан“.
Европски медиуми, пак, изразија стравување дека српскиот државен врв, заедно со лидерот на српската етничка заедница во БиХ Милорад Додик и со Виктор Орбан, како филијала на Москва, би можеле да предизвикаат криза во регионот – според „рускиот модел“ за Украина.
„Денацификација“ на Балканот!?
Целта на создавањето една ваква состојба би била да и се помогне на путинова Русија, барем делумно, да се подослободи од притисокот на кој е изложена со состојбите предизвикани од инвазијата врз украинската територија, а кризата (и војната) да се префрлат од Истокот на Европа, на Балканот, каде Москва и онака од поодамна работи на неговата дестабилизација.
Станува збор за изјавата на Владимир Ѓукановиќ, пратеник на СНС (партија на претседателот Александар Вучиќ) – за потребата Србија да спроведе своја „денацификација“ на Балканот.
„Се ми се чини дека Србија ќе биде принудена да тргне во денацификација на Балканот“ – рекол пратеникот, дообјаснувајќи дека тоа ќе мора да се направи против – „усташите (Хрватска), против балистите (Косово), како и против ханџаровците (Босна)“. За нив има речено дека е познато оти тие биле (во Втората светска војна) на страната на нацистите.
Ден потоа, овој српски пратеник, претседател на еден парламентарен одбор, побрза да им се извинува на „своите“ – на партијата и на партискиот лидер – дека жали за една таква изјава, затоа што – како што рекол – му предизвикал проблеми на Вучиќ.
Особено што демократската европска јавност веднаш реагираше со осуда, затоа што станува збор за „застрашувачко потсетување“ на изјавата на Владимир Путин за Украина, што и понатаму се нуди како „оправдување“ за агресијата врз соседната држава.
Сообраќајни таблички и лични карти
Американските медиуми реагираа на ваквата воинствена и заканувачка изјава на Белград кон соседите, по случувањата во Косово (меѓу 31 јули и 1 август) кога се предизвика вистинска предвоена состојба. Како повод за тоа беше истекувањето на рокот за косовските Срби да ги заменат српските таблички на своите возила со косовски, како и да извршат замена на своите лични карти. И по 14 години независност на Косово, тие и натаму ги користат само личните карти издадени од Република Србија.
Ситуацијата стана бурна, откако Белград се подигна на нозе, како безмалку некој да ја нападнал државата.
Во Белград беше свикана итна седница на воениот врв на земјата, а претседателот Вучиќ во јавно обраќање има речено дека „Приштина сака да го стави и него во истото светло како и Путин, на тој начин што за ситуацијата на северот од Косово, ќе бидат виновни блиските односи на Белград со Москва“.
Но, блиску до едно вакво мислење се и главнината од странските аналитичари кои притоа потсетуваат дека Србија е кандидат за влез во ЕУ и веќе ги има започнато преговорите, но во исто време, и сега, Белград има најблиски односи со Путин и Русија, какви уште има само орбанова Унгарија.
Загриженост во Европа и САД
Србија сосема благо ја има осудено руската инвазија, а одбива да воведе санкции кон Москва, постојано креирајќи антиевропски и проруски наратив во домашната јавност. Конечно, Србија, како и Русија, со анимозитет се однесува кон НАТО, иако во Белград уверуваат дека земјата одржува добри односи со Алијансата.
Изговор за тоа веќе над две децении се нуди бомбардирањето на српската територија, во време на режимот на Слободан Милошевиќ, покренато за да се спречи геноцидот што ќе се случеше во Косово, од страна на српските воени и паравоени сили. Вучиќ во тоа време беше заменик министер за информации и портпарол на тогашниот режим.
Ваквата загриженост на западната јавност за ситуацијата на Западен Балкан и за можноста Белград да се искористи (од Русија) за покренување воена состојба во регионот, беше потхранета и од две други настани.
Првиот е средбата на српскиот претседател со рускиот амбасадор, само ден по последните косовски бранувања (за регистарски таблички), на која – според официјалното соопштение – се разговарало за „најновата провокација и кризата што ја има покренато Приштина“.
Лукашенко предупредува
Вториот настан, пак, е изјавата на белорускиот диктатор Александар Лукашенко – со прекор до српскиот државен врв – дека Србија “не може до бескрај да седи на неколку столчиња – Русија и Истокот, како и САД, ЕУ или НАТО – и дека ќе мора брзо да се определи.
Лукашенко притоа, за прв пат, го има одделно политичкиот врв на Србија од народот. „Белорусија има некои проблеми со Србија, но тие се однесуваат на власта, а не на народот, кому (Белорусија и Русија) секако ќе му помогнат“ – рекол Лукашенко во својата изјава за најновите тензии на северот од Косово.
Проевропската и прозападната српска јавност реагираше сосема различно од официјален Белград. За неа, случувањата со табличките за возилата е „веќе видена претстава на власта“ и бесптрено драматизирање на ситуацијата која може да се одбегне ако Србија и Косово се спреми да постигнат траен меѓусебен договор. Во таквото веќе видено сценарио, според овој дел од домашната јавност, се вклопува и брзата реакција со „силна поддршка” од страна на Русија.
КФОР спремен да интервенира
Повнимателни аналитичари, меѓутоа, сметаат дека не може туку така и лесно да се помине преку милитантната изјава за „денацификација“ – затоа што таа е директно упатена до соседите на Република Србија.
„Њујорк Тајмс“, затоа, прашува дали во сегашната ситуација во која се наоѓа Русија, поради војната во Украина на која не и се гледа крајот, Кремљ би можел со помош на Србија, а за сметка на Москва, да предизвика воена криза и состојба на Балканот.
Во тоа светло треба да се гледа и изјавата – предупредување до Белград и до Приштина, на Јенс Столтенберг, дека силите на КФОР кои се под капата на НАТО, со мандат од ОН, ќе реагираат веднаш и одлучно на секој обид за дестабилизација на Косово и на регионот. Генералниот секретар на Алијансата соопшти дека за тоа разговарал со српскиот претседател и со косовскиот премиер.
(Д.Б.)