Опасни воени игри околу „Запорожје“
Дмитри Медведев во една од своите честопати неодмерени и неодговорни изјави кои не му доликуваат на еден поранешен руски премиер и претседател, неодамна ја исмеваше големата загриженост на Европа и на меѓународната заедница ( дури и на Кина) за состојбата околу украинската нуклеарна централа „Запорожје„. Таа е најголема на Стариот континент и веќе пет месеци е под контрола на руската војска.
Во својот веќе препознатлив стил овој екс политичар, сега претворен во гласноговорник на Кремљ, има речено дека „вревата и паниката“ што се создава околу „нуклеарката“ е непотребна, затоа што атомски централи има и низ Европа и дека и тие може да доживеат хаварија, па за тоа никој не се возбудува.
Гранатирање на атомска централа
И, тоа е точно, но цинизмот на Медведев делува застрашувачки. Покажува колку е Москва брутална во војната што самата ја започна, затоа што тој знае дека ниту една од бројните „нуклеарки“ низ Европа не е цел на гранатирање, како што путиновата војска тоа го прави со „Запорожје“.
Никој и никаде не ги гранатира атомските централи, затоа што станува збор за страшен ризик да се предизвика катастрофа- во најмала рака слична на онаа во Чернобил.
Станува збор за опасна воена игра со една нуклеарна централа, од која и руската страна ќе остане тешко погодена, која според некои европски безбедносни експерти Кремљ свесно ја игра и продолжува да ја одржува. Прво, казнувајќи ја Украина за нејзиниот отпор кон Владимир Путин и второ, размислувајќи на кој начин (победнички) да се заврши војната- сурово присилувајќи го Киев на капитулацја.
Впрочем, заканата од еден ограничен нуклеарен напад Русија ја има покренато уште од самиот почеток на својата агресија врз украинската територија, заканувајќи му се на тој начин и на Западот- на ЕУ и на САД.
Москва од пред неколку месеци објави дека го има ставено во состојба на готовност својот нуклеарен потенцијал- за да Западот ( и Украина) не ја преминат руската „црвена линија“ – што таа и да значи.
Москва не прифаќа ДМЗ
Затоа, се смета дека и ризичните игри со „Запорожје“ се дел од тоа најмрачно руско сценарио – за да Европа се држи во постојан страв, но и за да може веќе распарталената , окупирана земја, да се претвори во згариште, погодено од радиоактивно зрачање од најголемата украинска и европска атомска централа.
Меѓународната заедница, стравувајќи од она најстрашното што може да се случи, има понудено неколку решенија за спречување на катастрофа- најпогодно во секој случај е создавање демилитаризирана зона (ДМЗ) околу централата- која со месеци, откако во март беше заземена од руската војска- е без контролата на ИАЕА ( Меѓународна агенција за атомска енергија) на ОН.
Властите во Киев сугерираат создавање на една меѓународна посматрачка мисија која би била стационирана во реонот околу „Запорожје“ , составена од претставници на Меѓународната агенција и од воени експерти на ОН, особено, што според украинската страна, ситуацијата околу „нуклеарката“ постојано се влошува.
Киев, притоа, ги обвинува Русите за постојаното бомбардирање и гранатирање на локации кои се сосема блиску до централата. Москва, пак, ги офрла ваквите обвинувања и тврди дека токму Украинците ја бомбардираат централата, што делува крајно нестварно и нереално, но изминатите месеци од Кремљ редовно пристигнуваат вакви оправдувања.
Руската страна, исто така, ги има отфрлено сите предлози за елиминирање на заканата- некоја заскитана ракета, или граната да ја погоди самата централа.
НЕЦ претворена во руска воена база
„Запорожје„ е веќе пет месеци под руска окупација, но персоналот во централата, кој оперира со неа и се грижи за внатрешната безбедност и за безбедност на реакторот- се Украинци, истата посада која работеше и пред инвазијата од 24 февруари.
Изминатите денови тие за прв пат се огласија во европската јавност , па во разговор за Би-Би-Си – преку телефон и со СМС пораки, користејќи лажни имиња и сокриен идентитет- открија каква е вкупната ситуација во централата и околу неа и каква е состојбата во градот Енергодар, каде таа е лоцирана.
Според нивното објаснување, Русите ја користат „нуклеарката“ како своја воена база, додека сите вработени во неа ги имаат постојано на нишан.
Двајца од посадата изјавиле дека постојано стравуваат дека може да бидат киднапирани од руската војска и одведени некаде. Но, тие се плашат и од тоа дека може да бидат изложени на радиоактивна контаминација и над се од можноста од вистинска нуклеарна катастрофа , доколку некоја од гранатите директно ја погоди централата. Признаваат дека имало денови кога не можело ниту да отидат до централата.
Соговорниците на британскиот медиум објаснуваат дека за време на последниот поголем инцидент, кога била гранатирана станицата каде се чува азот и кислород, избувнал пожар, но за среќа немало експлозија и затоа никој од вработените во тој сектор на бил повреден.
„Ние сме заложници на Русите“
„Ние сме сега заложници на Русите. Немаме интернет, може да се користат само земски телефони, а тие лесно се контролираат. Можеме да земаме храна само од едно место, затоа што сите други простории ги имаат запоседнато руските војници . Тие имаат поставено воени посматрачници и стражарници, а управната зграда ја имаат претворено во седиште на својата команда. Сите други објекти на „Запорожје“ се претворени во една голема воена касарна“- изјавиле вработените од украинскаѕа посада.
Зборувајќи за состојбата во градот Енергодар , велат дека окупацијата е неподнослива. Тврдат дека цените се повеќе од четири пати повисоки , отколку оние на украинска територија, а најголемиот број од банкоматите не работат- нема пари во нив.
Затоа, жителите на градот сметаат дека Русите свесно си играат со заканата од потенцијална атомска катастрофа , со можен напад директно врз централата. На тој начин, ги држат луѓето во постојан страв- за да ги натераат да попуштат и да ја признаат окупацијата за конечно решение и да ја прифатат новата, руска власт.
Реакторот нормално работи
Соговорниците на Би-Би-Си, меѓутоа, уверуваат дека и покрај страшната атмосфера и неизвесноста во која живеат и работат, тие продолжуваат да се грижат „нуклеарката“ да работи безбедно, а реакторот да се управува според сите потребни стандарди и прописи. Настојувајќи , на овој начин, колку толку да ја смират домашната и европската јавност.
Но, велат дека ништо не знаат што ќе се случи со централата и дали таа ќе биде „целосно грабната“ од окупаторските сили , за да на тој начин, произведената струја се пренаочи кон руската електро-мрежа.
Овие Украинци, признаваат, дека не знаат дали тоа е целта на Русите. Знаат само дека за една таква операција се потребни два до три месеци.
Од Москва , засега , се молчи , доколку не се смета онаа изјава на Медведев. Меѓутоа, се има огласено висок претставник на окупаторските власти кој и има порачано на владата во Киев дека – „Многу брзо, „Запорожје“ нема ништо да дава за Украина и дека Украинците ќе останат без струјата што централата ја произведува“.
„Киев нема ништо да добива“
Тој рекол дека тоа сигурно ќе предизвика проблеми за украинската страна, која ќе остане без струја и додал дека и сега производството од НЕЦ е сведено на минимм, на само пет отсто, колку за да не се случи нешто со централата.
„Многу брзо Киев нема ништо да добива . Ние (руската страна) ќе мораме да ја конзервираме централата, а производството што се уште постои, да го пренасочиме кон територијата што ја имаме ослободено“ – рекол овој претставник на окупаторските власти.
Во својата ароганција , типична за секоја окупатотска сила, тој нема ништо речено за барањето на ОН и на ИАЕА за итна инспекција на „Запорожје“ која според нив е итно потребна- пред да се случи нешто страшно.
„Ова се тешки моменти за една опасна ситуација во која се наоѓа најголемата европска нуклеарна централа. На Агенцијата мора да и се дозволи пристап до објектот“- вели во своето соопштение Светската организација.
(С.С.Г.)